Абазовиќ за ДВ: Ќе направам сѐ за да нема „две Црни Гори“
9 февруари 2022Црногорското општество е сѐ уште поларизирано, вели во интервју за ДВ Дритан Абазовиќ, потпретседател на црногорската влада во технички мандат и веројатно иден мандатар за составување нова влада. Според него, Црна Гора до 2025 година би требало да биде комплетно подготвена за прием во Европската унија.
Абазовиќ оценува дека за 14-те месеци влада на Здравко Кривокапиќ се покренати многу позитивни работи, како борбата против организираниот криминал и корупцијата, и дека во тој дел се постигнати конкретни резултати. Тој нагласува дека промените во јавната администрација се постепен процес и тврди дека веќе се појавил „нов бран луѓе“.
„Тука сме за да покажеме дека е можна општествена кохезија“, вели Абазовиќ, нагласувајќи дека ќе направи сѐ за да не постојат „две Црни Гори“.
„Ние ја победивме ДПС на 30. август“
На обвинувањата дека работи за некои странски фактори, за „Србија и слични“, Абазовиќ одговара дека тоа е реторика на оние кои сакаат поделба на Црна Гора. Себеси се гледа како политичар кој „излегол од матрицата“: „Ние ја победивме ДПС на 30. август“ и „мора да ги градиме институциите на системот“. Зашто, како што нагласува Абазовиќ, Демократската партија на социјалистите (ДПС) го „пресликала“ начинот на своето владеење во многу институции и фирми и тоа сега треба да се надмине.
- погледнете го интервјуто со Дритан Абазовиќ објавено во целост на ДВ на српски јазик:
Новата влада на Црна Гора мора да има 7-8 јасни задачи, меѓу кои најважни се „деблокада на европскиот пат“ и подготовка за новата туристичка сезона. Таквите задачи Абазовиќ ги нарекува „магистрални“ и смета дека тие се многу конкретни, јасно диференцирани и - решливи, особено ако Црна Гора „во позитивна смисла се победи самата себеси“, односно стане единствена и ги реши работите кои се во интерес на „огромното мнозинство граѓани“.
На последната влада ѝ недостигаше поддршка од функционален парламент и функционално парламентарно мнозинство, нагласува Абазовиќ, и тоа сега треба да се деблокира. Но, не со одржување нови избори без изборна реформа, оценува тој. Крајно време е да се направи исчекор од една „примитивна перцепција на политичката реалност“, порачува Абазовиќ, постојано нагласувајќи ја потребата од „помирување во Црна Гора“.
- повеќе: Ѓукановиќ за ДВ: Црна Гора ја научи лекцијата
Зад национализмот секогаш стои корупција
Мислењата како она дека Црногорците и Србите не можат да функционираат заедно во државата се дел од „матрица“: „Стојам зад тезата дека зад секој национализам на Балканот стојат корупцијата и организираниот криминал.“
Абазовиќ потсетува дека досега имал многу контакти со „меѓународната заедница“. Тој бара поддршка од неа, но не и таа да ги уредува односите во Црна Гора. „Тоа е исклучиво задача на легитимните претставници на народот“, вели Абазовиќ за ДВ и додава дека од меѓународната заедница очекува да ги „поддржи напорите на Црна Гора за таа да стане прва наредна членка на ЕУ и Црна Гора да го задржи својот прозападен политички курс“.