Авганистанците во Германија ужаснати од ситуацијата дома
17 август 2021Авганистанскиот државјанин Парвиз Ајуби е преплашен за своето семејство. „Мајка ми беше пратеничка во парламентот. Таа сега е во Кабул, во скривалиште, но талибанците ја претресуваат секоја куќа", вели тој за ДВ. „Тие тропаат по куќите и бараат луѓе кои работеле со авганистанската влада или војска, или дали имаат оружје или муниција. Не знам што ќе се случи со неа.“
Неговата сопруга, која била членкa на граѓанската организација Авганистанска женска мрежа, исто така, се крие и е преплашена, вели тој, талибанците го затворија аеродромот во Кабул, а сега се затворени и сите копнени граници. „Ситуацијата е многу застрашувачка и ужасна“, вели Ајуби.
26-годишниот студент од провинцијата Фарах, од Авганистан пристигнал во Германија еден ден пред Кабул да падне во рацете на талибанците, благодарение на неговата студентска виза, тој немал друга опција освен да го остави семејството.
„Мојата идеологија отсекогаш била против талибанците и нивниот режим ", вели тој. „Јас сум од политичко семејство и и сум со западно образование со политички, социјални идеи кои тие никогаш не можат да ги прифатат. Мене и на моето семејство талибанците многупати ни се закануваа.“
Очајна ситуација
„Не го очекувавме ова“, вели тој. „Нашиот претседател велеше дека во тек е мировен процес, и прво ќе дојде привремена влада и ќе има транзиција до талибанското преземање на власта. Но, ситуацијата се промени многу брзо.“
Ајуби, исто така, не верува во ветувањата на талибанците дека нема да извршат одмазда. „Тие се манипулатори - лажат во моментов со цел да ги смират луѓето“, вели тој, и додава дека слушнал дека талибанците веќе убиле луѓе во провинциите кои ги окупирале. „Јас сум апсолутно 100 проценти сигурен дека тие имаат списоци на луѓе кои работеле со владата, кои кажале лоши работи за талибанците, и дека ќе се одмаздат.“
Повеќе:
-Талибанците најавија општа амнестија
-Авганистанските жени стравуваат од најлошото
-Дебакл на Американците во Авганистан
Ајуби смета дека брзото повлекување на НАТО од земјата беше лошо изведено. „Ќе ви дадам пример за воздушната база Баграм. Отидоа ноќе без да предупредат никого. Го предадоа Авганистан", вели тој.
Во целата ситуација сега, тој исто така е целосно збунет од одговорот на авганистанската војска. „Не можам да ја процесирам ситуацијата што се случи со Авганистан“, вели Ајуби. „Зошто заминаа? Зошто не беше испукан ниту еден куршум (кога падна Кабул)? Не знам зошто сето ова се случи без никаква борба меѓу нашите војници и талибанците."
Авганистанските помошници во Германија
На вчерашната редовна прес-конференција, германската влада призна дека илјадници Авганистанци, кои работеле или помагале за германската влада и за Бундесверот во Авганистан, се сѐ уште заглавени во Кабул, и покрај гаранциите дека ќе им биде одобрен азил во Германија.
Долгите каснења во одобрувањето на визите доведе до бурократска конфузија- германските медиуми јавија дека иако на авганистанските помошници требало да им биде кажано каде точно во Германија треба да патуваат, честопати било оставено на нив самите да си го организираат својот пат, што значи дека луѓето пристигнале на аеродромите во Германија, каде немало никој да им каже каде треба понатаму да се упатат. Во некои случаи, роднини на пристигнатите морале да се јавуваат во бегалските домови за да им организираат засолниште.
Инаку, германската виза на Ајуби, истекува на 31 август, но сега тој сосема веројатно нема да се врати назад во Авганистан.