1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Авганистан на раб на хуманитарна катастрофа

Лиза Хенел
18 октомври 2021

Состојбата во Авганистан, по доаѓањето на талибанците на власт, е влошена и се заканува криза со глад. Хуманитарните организации кои би можеле да помогнат и да ја ублажат ситуацијата, се соочени со големи предизвици.

https://p.dw.com/p/41oBm
Afghanistan | Afghanische Kinder im Dorf Budhak
Секое второ дете во Авганистан е соочено со опасност од потхранетостФотографија: Bilal Guler /AA/picture alliance

Помош би била потребна насекаде. Речиси секој трет Авганистанец веќе сега не знае како да го обезбеди следниот оброк, соопшти на почетокот од септември генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш. Се проценува дека следната година дури 97% од 40-милионското население може да живеат во сиромаштија. „Ситуацијата се влошува од ден на ден“, потврдува и Симоне Пот од организацијата „Велтхунгерхилфе” (Помош за борба против глад во светот). Од борбите помеѓу талибанците и војската се особено разорени руралните делови на северот на земјата. Уништени се училишта и болници. „Особено им е тешко на обичните луѓе и нивните семејства“, вели Пот за ДВ.

Ова одблиску го доживеа и Танкред Штебе, кој за организацијата Лекари без граници до пред неколку недели беше во Херат, на западот на земјата. Условите во кои работеле таму ги опишува како драматични. Лекарот видел екстремно неухранети деца и гладни луѓе кои доаѓале по спас во Херат, бидејќи жетвите им пропаднале. „Лечевме бебе, старо речиси 18 месеци, кое тежеше само 3,5 килограми и речиси едвај да беше живо“, раскажува Штебе. Бебето не преживеало. Персоналот во клиниките работи со крајни сили - наместо 200, прегледуваат по 400 пациенти дневно.

И хуманитарците стравуваат

Во ваква драматична ситуација разбирливо први на помош вообичаено се хуманитарни организации како Лекари без граници, католички Каритас, како и Велтхунгерхилфе. Но, сите овие организации се соочени со проблеми откако радикалните талибанци кон средината на август ја презедоа власта во државата. Каритас и Велхунгерхилфе мораа да го повлечат интернационалниот персонал од таму. Штефан Рекер во моментов од Германија го раководи бирото на Каритас во Кабул. Во телефонски разговор за ДВ вели дека ако се прашува тој, веднаш би се вратил назад. Но, безбедносната ситуација сѐ уште не го дозволува тоа.

Afghanistan | Stefan Recker Leiter des Caritas-Büro in Kabul
Штефан РекерФотографија: Hamdard/Welthungerhilfe

„Друмските грабежи во оддалечените области стануваат голем проблем, а такви појави немаше пред да дојдат талибанците. Во Кабул, на пример, биле киднапирани богати Авганистанци“, вели Рекер за ДВ. Раководството на Каритас стравува дека постои закана и тој како странец да биде киднапиран поради што не му дозволува да се врати назад.

Повеќе: 

Фотографија на денот: 1,2 милијарди долари помош за луѓето во Авганистан

Талибанците се опиени од моќта

„Страдањата во Авганистан ќе се влошат“

Економијата колабира, луѓето немаат кеш

Колабираната економија е меѓу најголемите проблеми со кои се соочуваат, оценуваат како Велтхунгерхилфе, така и хуманитарната организација Каритас. Суад Муса Калим Ал Фалахи, шеф на Народната банка на Авганистан, за Би-Би-Си вели дека авганистанскиот банкарски систем е пред пропаст. Многу луѓе се обидуваат да ги подигнат своите заштеди бидејќи има недостиг од кеш пари. Уште пред преземањето на власта од страна на талибанците, Авганистан во голема мера зависел од странски пари, кои сега, заради санкциите, не доаѓаат во земјата.

Тоа има тешки последици на пример во здравствениот сектор, каде државни клиники затвораат, поради што е преполна болницата на организацијата Лекари без граници, вели докторот Танкред Штебе кој работи таму. „Лекарите со месеци немаат земено плата; здравството во земјата отсекогаш било дефицитарно, но сега го снемува и тоа малку што функционираше. Се обидуваме да надоместиме каде можеме, но тоа не е доволно да ги покрие медицинските потреби на луѓето - и ние имаме свои лимити", заклучува Штебе.

Лекари без граници планираа да ја затворат нивната клиника за Ковид-пациенти, но бидејќи во меѓувреме се затворила уште една државна болница, сега дури ќе мораат да ги прошируваат капацитетите на својата.

Afghanistan | Afghanische Männer warten vor einer Bank
Долга редица пред банка во АвганистанФотографија: Oliver Weiken/dpa/picture alliance

Жените живеат во страв

Покрај економијата, од талибанците посебно страдаат и жените во земјата. Девојчињата на многу места веќе не смеат да одат во гимназија или на факултет. Последиците од тоа ги чувствуваат и хуманитарните организации. „За нас работат многу млади, немажени девојчиња", вели Рекер од Каритас. „Се плашат дека ќе бидат присилно омажени за некој Талибанец." Затоа веќе не доаѓаат во канцелариите и се обидуваат колку може да сработат од дома. Но, и мажите живеат во страв. Каритас, според Рекер, вовел систем на сменска работа за да не мора да доаѓаат сите соработници на работа, односно да може да седат што е можно подолго дома. „На северот има многу домаќинства кои ги водат жени”, вели Симоне Пот. Токму тие имаат проблем, бидејќи жените не смеат да излегуваат сами и немаат приходи.

Претстојната зима само дополнително ќе ја влоши ситуацијата, предупредуваат хуманитарците и се подготвуваат за итна помош во форма на ќебиња, хигиенски пакети и вода и посочуваат на логистичките предизвици: „Како ќе ги платиме трговците на ќебиња, како ќе ги пренесеме преку граница?", се прашува Пот и додава дека секојдневно коваат планови околу ова.

Afghanistan | Frauen in ländlichen Regionen in Afghanistan
Жени од селски региони во Авганистан учествуваат на обука за исхрана организирана од ВелтхунгерхилфеФотографија: Hamdard/Welthungerhilfe

Преговори со талибанците

Во Велтхунгерхилфе наскоро би можеле повторно да дојдат меѓународни соработници, бидејќи, како што вели Пот, тие имаат писмена потврда од талибанците дека хуманитарна помош е дозволена во сите провинции. „Проверуваме детално под кои услови може да се вратат нашите соработници и тоа генерално е предвидено за следните недели", вели Пот и додава дека нештата брзо се менуваат во земјата.

За Каритас, пак, состојбата е сѐ уште нестабилна за да се размислува за враќање соработници во земјата. Рекер вели дека „елитите кои преговараат во Доха велат едно, но оние на терен, кои имаат и свои лични интереси, си прават друго”. Тоа довело до таму нивни соработници да бидат навредувани и да им се закануваат, иако водачите на талибанците рекле дека може да работат во земјата - насока што радикалните подгрупи не ја следат по секоја цена.

Авганистан: Повторно само долги бради

За луѓето во земјата тоа значи натамошно страдање кое тешко може да се ублажи. Дури организацијата и да донесе персонал, останува проблемот со ликвидноста. Поради санкциите и банкарската криза, ни големите организации не може да ги плаќаат локалните соработници. Рекер решението го гледа во ООН: „Тие би можеле за нас да фигурираат како банка во земјата, односно во нивните авиони да носат пари. Ние може да ги земаме таму и да ги финансираме нашите програми за помош. Но, тоа бара време и преговори."

Преодна помош може да бидат еднократни плаќања. ЕУ во пресрет на специјален самит на Г-20 најави помош од повеќе милијарди за Авганистан. „Волја да се помогне има”, вели Пот. Штебе од Лекари без граници е повоздржан и смета дека сѐ додека има санкции еднократен прилив на средства нема да помогне и дека од тоа на крај страда само народот на Авганистан.