1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Австрија апелира Бугарија да ја тргне блокадата

ДТЗ
15 април 2021

Било понудено македонско-бугарските разговори да продолжат во Виена, како неутрално место, но ваквиот предлог не бил прифатен.

https://p.dw.com/p/3s55k
Nord-Mazedonien: Nikola Dimitrov, Außenminister
Фотографија: Regierung Nordmazedonien

„Северна Македонија е кандидат за пример и сакам јасно да порачам за време на португалското претседателство брзо да се финализираат преговарачките рамки за првата меѓувладина конференција. Со секое нејзино одложување сите ќе бидеме губитници“, порача австриската министерка за Европа и устав, Каролине Едштадлер, на прес-конференцијата во Виена по разговорите со македонски вицепремиер Никола Димитров. Едштадлер вели дека нема разбирање за блокадата на Бугарија и апелираше отпорот да заврши. Таа информираше дека било понудено од нивна страна македонско-бугарските разговори да продолжат во Виена, како неутрално место.

„Досега оваа понуда не беше прифатена, но сакам јасно да кажам дека настанува вакуум ако оваа перспектива на пристапување не ја претвориме во дела и тој ќе биде пополнет со други земји што сакаат да извршат влијанија, како Кина, Русија“, рече Едшадлер.

Die Flaggen von Österreich und der EU
Фотографија: DW/B. Riegert

-повеќе на темата: Неизвесноста во Софија ги мати надежите на Скопје

На средбата е потврдена поддршката од австриска страна, но и личната заложба на министерката Едштадлер за отпочнување на преговорите за членство на Северна Македонија во Унијата. Едшадлер посочи дека С.  Македонија го смени и името за да постигне вистински чекори кон Европа, потсетувајќи дека под германското претседателство се вложија огромни напори за да се реши бугарската блокада, но тоа не успеа.

И вицепремиерот Димитров се согласува дека С. Македонија мора неодложно да ја добие долгоочекуваната и заслужена валидација преку одобрување на преговарачката рамка и одржување на меѓувладината конференција.

„Потребни се одлучни чекори за да се врати силата на европската визија во регионот. Придвижувањето на евроинтегративниот процес ќе значи зголемена доверба, влијание и предвидливост на европската перспектива согласно австриската позиција дека нема друга алтернатива за процесот на проширување со Западниот Балкан, а ќе внесе позитивна динамика и нова енергија неопходна за унапредување на имиџот на ЕУ како стратешки актер“, истакна Димитров.

-повеќе на темата: Шрамајер за ДВ: Бугарија да ја запре антимакедонската фарса

Според него, проширувањето не смее да стане заложник на билатерални прашања посебно кога тие прашања не се на линија со европските вредности. „Наши најголеми поддржувачи треба да бидат нашите соседи, бидејќи тие имаат најголем интерес од една европска, блиска, предвидлива Северна Македонија. Убеден сум дека за да бидете блиски мора да го почитувате другиот, и тоа почитување секако вклучува дека идентитетските прашања и прашањето за Македонците, за македонскиот јазик се прашања за македонскиот народ“.

Bulgarien Bujar Osmani und katerina Zaharieva
Фотографија: MFA of North Macedonia

Изборите во Бугарија, според Димитров, покажаа дека за овој тип на прашања, општествата на Балканот понекогаш излегуваат позрели од политичките сили, со оглед на тоа дека партијата којашто посебно стави фокус на ова прашање не успеа да влезе во парламентот.

Осврнувајќи се на бугарските барања упатени кон македонската страна, Димитров вели : „Не може државите да признаваат јазици. Прашањето на јазиците е прашање на самоопределување  и е многу внатрешно прашање. И во таа смисла не е на линија на Лисабонскиот договор и на Повелбата на ЕУ за основни права ако било која земја членка на една европска нација можеби мала, но важна, во 21 век да прашува, предизвикува дали нашиот јазик е наш јазик, или не е наш јазик. Македонскиот јазик беше официјален јазик и во поранешна Југославија, тој е признаен и во ОН и тоа е прашање за нас. Пријателството мора да подразбира почитување на достоинството на другиот. Ама ќе стигнеме и до таму“.