1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ако нема почеток на преговори - оставки, бара опозицијата

8 декември 2020

Треба да поднесат оставка сите, од прв до последен, цела влада на чело со Заев, повика од синоќешниот протест Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

https://p.dw.com/p/3mO7x
Nord-Mazedonien Skopje | Proteste gegen Regierung
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Европската унија го тргна прашањето за проширувањето од дневниот ред на денешниот состанок на министрите за надворешни работи, и таа тема ќе отпадне до крајот на годината, објавуваат домашни, бугарски и регионални медиуми, повикувајќи се на високи европски дипломати. Причината е позната – Бугарија нема намера да ја тргне блокадата врз Северна Македонија за нејзин почеток на пристапните преговори со ЕУ.

Ваквиот развој на настаните ги враќа на сцена сите домашни рефрени од минатото за „продажба и одбрана на идентитетот“, низ чиј наратив со години се води главната битка опозиција-власт. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕвината за ваквиот резултат ја посочуваат во Владата, и денеска очекуваат оставки.

„За жал Македонија и утре (8.12.) нема да добие датум за почеток на преговори. Ако имаат малку доблест, и ако имаат малку достоинство утре треба да поднесат оставка сите, од прв до последен, цела влада на чело со Зоран Заев, затоа што четири години го лажат македонскиот народ“, повика од синоќешниот протест Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој се согласува дека за сето ова голема вина има и во непринципиелните барања на Бугарија, но другиот дел од вината ја лоцира во премиерот Заев.

„Кога сте спремен да ја платите секоја цена, ја плаќате највисоката цена. Видоа нашите соседи дека Заев е подготвен да ја плати секоја цена и решија да добијат нешто што нивните претходници политичари не би го ни сонувале, решија да добијат нешто што е повеќе од 150-годишна битка на овие простори. И тука апсолутно одговорноста е кај Зоран Заев, Никола Димитров, Радмила Шекеринска и останатата екипа со нив“, рече Николоски.

Обвини дека тие биле подготвени уште минатата недела да ја распарчат Македонија, но се исплашиле од протестите и македонскиот народ. На учесниците во протестот им порача да бидат горди, затоа што е направен еден прв мал чекор.

„Ова е само почетокот, ќе се обидат пак за една недела, за две недели, за еден месец или како што Заев вели, после изборите во Бугарија“, предупреди Николоски.

Nord-Mazedonien Skopje | Proteste gegen Regierung
Треба да поднесат оставка сите, од прв до последен, побара Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕФотографија: Petr Stojanovski/DW

Идентитетот и јазикот се црвените линии

Од другата страна од политичкиот спектар, уверуваат дека не се тргува ни со идентитетот, ни со јазикот.

„Идентитетот и јазикот се црвените линии, како за Македонците, така и за нас (Албанците- н.з.). Ова се црвените линии, и за ова нема право никој да преговара“, изјави синоќа министерот за надворешни работи. Бујар Османи во гостување на ТВ „21".

„Ние Албанците заедно со македонските граѓани градиме заедничка иднина. Ние заедно живееме. Имаме заедничка иднина. Имаме заеднички потреби. Албанците ќе останат лојални до крај. Веќе покажавме дека заедно можеме да направиме големи работи, сега е време за солидаризација за подобра иднина. Верувам дека и опозицијата ќе биде поконструктивна во оваа насока“, потенцираше Османи.

Притоа посочи дека и покрај силната поддршка од ЕУ и САД за интегративниот процес на Северна Македонија, „можно е да има и трети земји кои веројатно работат во спротивен правец и затоа треба да бидеме многу внимателни“.

Османи изрази согласност со ставот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој деновиве потенцираше дека премиерот Заев ја жртвува политичката кариера, работејќи за доброто на државата.

Повеќе:

Во вителот на хипокризијата

„Викенд на мртовци“ во Македонија

Опозицијата со 3.000 амандмани го блокираше предлогот за онлајн Собрание

Изгубена битка со криминалот

Во најголемата опозициска партија немаат таква перцепција, особено заради резултатите во сферата на борбата со криминалот и коруцијата.

„Македонија не почна, и не почнува преговори со Европската унија, затоа што во Македонија цутат криминалот и корупцијата. Во 2017 година ЕУ побара реформи со цел во јуни 2018 година да се почнат преговори за членство. Дојде јуни 2018 година, ЕУ рече ви даваме уште една година и ви поставуваме три услови - реформа на јавната администрација, реформа на безбедносните служби и битка со организираниот криминал и корупција. Дојде јуни 2019 година, 'Р' нема од реформа на јавната администрација, безбедносните служби. Заради активното учество на ВМРО-ДПМНЕ, исклучително добри закони се донесоа во Собранието, ама имплементацијата е катастрофа. Во однос на борбата со криминал и корупција, во таа година им се случи најголемата корупциска афера, ташната Луј Витон со милион евра, односно познатата афера Рекет (...) Вината е исклучително кај нив затоа што не беа спремни да прават реформи, затоа што не беа спремни да се изборат со криминалот и корупцијата', рече Николоски, и повика на „оставка веднаш“, како единствено решение за кризата што ја зафатила државата.

Nord-Mazedonien Skopje | Proteste gegen Regierung
Николоски тврди дека „заради активното учество на ВМРО-ДПМНЕ, исклучително добри закони се донесоа во Собранието“Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Владата немаше лесен почеток на стоте дена: продолжи со решавањето на предизвиците со корона кризата, и со обезбедување сет мерки за помош на граѓаните и на економијата, која сега и официјално влезе во рецесија. Опозицијата смета дека се влечени погрешни потези, и дека е време за влада на национален спас, која прво ќе ја врати состојбата во нормала по сите параметри, а потоа ќе организира паралементарни избори во најзбрз можен рок кога тоа ќе го дозволат здравствените услови.

За разлика од дома, повеќе пофалби за учинокот доаѓаат однадвор, и за реформите, и за патот кој кон се движи земјата.

„Во 2020 година направивме сѐ што можевме да почнат пристапните преговори со ЕУ на Северна Македонија. ЕУ-интеграцијата на Западен Балкан е гаранција за мир и соработка. Северна Македонија ги спроведе сите реформи. Крајно време е за добро решение“, напиша на Твитер германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот.

Но, веќе е извесно дека ЕУ на денешниот министерски состанок фокусот нема да биде кон проширувањето, односно кон Северна Македонија и Албанија, туку кон Брегзит и буџетот, две теми клучни за ЕУ за кои исто така сѐ уште нема компромис. За (не)напредокот на Северна Македонија главната дебата сега ќе почне на домашен терен.