1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Алтернативи на Балканската бегалска рута

Штефан Озват/ард/Ж.А.4 март 2016

Донеодамна фреквентната Балканска рута останува релативно црсто затворена, согласно на договорот меѓу Австрија и земјите долж рутата. Така за бегалците и криумчарите се‘ поинтересни се алтернативните рути.

https://p.dw.com/p/1I757
Фотографија: Reuters/M.Djurica

„Отворете ја границата“, скандираат без прекин стотици луѓе пред македонската граница, на грчката страна, во Идомени. Дојдените повторно ја блокираат железничката пруга Солун - Скопје, во знак на протест што се пропуштаат само Сиријци и Ирачани и тоа со важечки документи. И само неколку стотини дневно. Авганистанците, како човекот со кого разговараме, кој заглавил на границата со Србија кај Табановце, веќе немаат никаква шанса:

„Не знаеме зошто не ги пуштаат Авганистанците. Полицијата само ни кажува: не смееме да ве пуштиме, а зошто, не добиваме одговор.“

Причината всушност е договорот на шефовите на полициите на државите долж Балканската рута. На притисок на Австрија, преку границите дневно поминуваат помалку од 600 луѓе. Така, Балканската рута е блокирана за Авганистанците и државјани на други земји. Со тоа, направена им е услуга на криумчарите, смета шефот на белградското биро на организацијата на ОН за бегалци, Ханс-Фридрих Шодер.

„Сите кои сега веќе не гледаат легална можност за продолжување на патот, се турнати во рацете на криминалците, кои ги искористуваат. Пред нас секојдневно се одвива оваа слика.“

Зашто, колку е подобро затворена главната рута, толку поатрактивни се споредните патишта. Албанија се подготвува за зголемен број бегалци, ги зајакнува патролите на границата кон Грција. Албанскиот министер за внатрешни работи Саимир Тахири кратко пред заминувањето на службени разговори во Италија, изјави:

„Мислам дека ниедна земја поединечно не може да ја надмине оваа криза. Мораме заеднички да соработуваме. Но, не постои никаква причина за загриженост. Ние сме подготвени и тесно соработуваме со нашите партнери. За европски проблем, мора да има европско решение. Сепак, никој не треба да стравува во врска со организираниот криминал или шверцувањето на луѓе, гарантирам за тоа.“

Flüchtlinge Griechenland Mazedonien Grenze
Фотографија: Reuters/M.Djurica

Досега во Албанија се фатени само неколкумина Пакистанци. Сосем поинаква е ситуацијата на српско-унгарската граница. Таму унгарската полиција од почетокот на годината регистрирала околу 3.200 илегални преминувања на границата. Владата во Будимпешта планира 175 километри долгата ограда да ја прошири и во правец на Романија. А Ѓоргу Баконди, советник на премиерот за безбедносни прашања, дополнува:

„Испративме засилување на јужната граница, војници и полицајци. Тие треба да ги фаќаат оние што ќе ја пресечат жичената ограда или ќе ја прескокнат, а потоа против нив ќе се води постапка.“

Дали преку Бугарија кон Србија, преку Украина или Грција кон Албанија а потоа кон Италија, луѓето кои бараат заштита ќе најдат пат. Фреквентна бегалска траса како Балканската се‘уште нема, но Бернд Кернер, заменик шеф на европската Агенција за заштита на границите, Фронтекс во интервју за германската телевизија АРД истакнува:

„Точно е дека одредени групи, кои очигледно не успеваат да се пробијат преку главната траса, каде постојат застои, наоѓаат други патишта. Констатирав дека мигрирањето преку Унгарија повторно бележи пораст. Во основа во моментов, со само еден исклучок, забележлив е пораст на бројот бегалци на сите рути кои ги следиме во европскиот простор. Дали е во прашање причинско-последична зависност, не можам да кажам, но насекаде бележиме зголемени движења.“