Алтернативна Нобелова награда за практични визионери
25 септември 2019Категориите на Нобеловата награда не му беа доволни на Јакоб фон Икскел за да ги слави вистинските предизвици за човештвото. Германско-шведскиот автор и професионален колекционер на поштенски марки од тие причини ја основал „Right Livelihood Award", позната и како Алтернативан Нобелова награда.
Организацијата во Стокхолм од 1980 година секоја година оддава признание на лица кои активно се борат против загадувањето на околината, нуклеарните опасности, злоупотреба на човекови права и експлоатација на малцинствата. Фондацијата секоја година добива повеќе од 100 предлози од сиот свет. Жири ги избира носителите на наградите кои секогаш ги добиваат во месецот декември.
До сега наградата ја имаат добиено 174 носители од 70 земји. Годинава тие се од Западна Сахара, Кина, Шведска и Бразил. Сите нив ги обединува борбата за правда, самоопределување и подобра иднина. „Одликуваме четворица практични визионери чијшто ангажман овозможува на милиони луѓе да ги бранат своите основни права и да се борат за живот на планетава достоен за живеење", вели жирито во своето образложение.
„Ганди од Западна Сахара"
Активистка станала уште на млади години. Од тогаш Аминату Хајдар се залага со мирољубиви средства за независност на нејзината татковина, Западна Сахара. Поранешната шпанска колонија во 1975 година кратко време стекнува независност, но кратко потоа Мароко ја анектира територијата. Од тогаш мароканските власти преземаат разни мерки против домородното население во Западна Сахара, Сахрауи. Хајдар е лицето на едно движење кое се залага за самоопределување на Сахрауи и почитување на основните човекови права.
Таа е коосновач и претседател на Организацијата за човекови права Collective of Sahrawi Rights Defenders (CODESA). Активистката организира демонстрации, документира насилство и спроведува штрајк со глад за да привлече внимание на ситуацијата во која се наоѓа нејзиниот народ. Тоа се нешта кои не им се допаѓаат на мароканските власти. Хајдар често била затворана, без обвинение и пресуда. Има поминато четири години во таен затвор, во самица и сосем изолирана од надворешниот свет. Неуморно се бори за политичко решение на долгогодишниот конфликт во Западна Сахара и на сметка на тоа живее со закани за смрт, напади и шиканирање и на нејзините деца. Нејзината истрајност и ненасилен протест против состојбите и` го донесоа називот „Ганди од Западна Сахара".
„За нејзиниот непокорен ненасилен отпор и покрај заробеништво и измачување во потрагата по самоопределување и правда за народот во Западна Сахара" таа ја добива Алтернативната Нобелова награда.
Адвокатка за жените во Кина
Официјални цифри од Кина покажуваат дека во 2014 за прв пат се појавил проблем за кој до тогаш се молчело. Во секое четврто кинеско семејство мажот ја тепа жената. Две години подоцна властите во Пекинг донесоа Закон против семејно насилство. Добивка која е благодарение на упорната работа на активистки за правата на жените како Гуо Џујанмеј. Гуо важи за една од најзначајните адвокатки за женски права во Кина. Во изминатите 25 години таа и нејзиниот тим дале бесплатно правно советување на повеќе од 120 илјади жени.
Повеќе од 4 илјади тужби се поднесени за женски права и еднаквост меѓу половите. Таа е прв адвокат во земјата кој професионално е ангажиран во добротворни правни цели. Гуо ги поддржува жените на национално ниво кога се работи за теми како нееднакво плаќање на трудот, сексуално вознемирување или работни договори кои содржат забрана за бременост. Во рурални региони Гуо помага на жени на кои им се негираат правата на имот. Особено во тие делови партијахалните структури и натаму цврсто се почитуваат и жените се често зависни од мажите. Таа е основач на China Public Interest Lawyer Network, здружение со повеќе од 600 адвокатки и адвокати кои обработуваат случаи и од најзафрлените краишта на земјата. „Со оглед на драматичното ограничување на делувањето на граѓанското општество, Гуо Џујанмеј покажа голема храброст и несекојдневна отпорност на влијанијата", се вели од страна на организаторите на наградата. Гуо признанието го добива за „нејзината упорна и пионерска работа за заштита на женските права во Кина".
Здружени за домородните резервати
Во Бразил гори прашумата. Светот се грижи за влијанието врз климата. Но, најзагрозени се најпрво луѓето што живеат таму. На тоа годинава сакаат да обрнат внимание организаторите на Алтернативната Нобелова награда. Тие го наградуваат Дави Копенава, еден од најугледните гласноговорници за домордните народи на Бразил. Копенава е од племето Јаномами кое брои 35 илјади членови и со тоа е најбројно домородно население во Бразил. Заедно со соседната територија Јаномами во Венецуела претставува најголема површина од прашума на светот која е населена со домородно племе, територија поголема и од Грција. Познатиот Јаномами се залага за заштита на правата, културата и земјата на домородците во Амазонија.
Зголемената употреба на прашумата за аграрни цели не е опасност само за природата, туку и за егзистенцијата на домородците. Во 80-тите и 90-тите години трагачи по злато уништија цели села, убија луѓе и пренесоа заразни болести на тамошните племиња. Таквите испади денес повторно се забележуваат во поголем број. Копенава главно беше заслужен за тоа што во 1992 година простор од 96.000 квадратни километри во Бразил беше прогласен за национален парк Јаномами. Тој игра клучна улога во поврзувањето на домородни заедници со цел заеднички да се заштита од експлоатацијата. Тој ја има формирано асоцијацијата Хутукара, која застапува различни заедници од Јаномами племето.
„Со оглед на брзото изумирање на видовите и се` поголемите влијанија од промената на климата, знаењето на Јаномами за тоа како може нивната земја да ја одржат и одржливо да ја населуваат за доброто на сите е од највисоко глобално значење", се вели во образложението на организаторите на Алтернативната Нобелова награда.
Поттикнувач на глобално движење
Најпознатата добитничка е секако шведската активистка за заштита на климата, Грета Тунберг. Во август 2018 година, само неколку дена пред парламентарните избори во земјата, во тоа време 15- годишното девојче започна школски штрајк пред зградата на парламентот во Стокхолм. Нејзината цел - да ги натера политичарите да преземат акција за ограничување на глобалното затоплување на 1.5 степени.
Таа е гласот на една генерација која во климатските промени гледа голема закана за нивната и иднината на следните генерации. Милиони млади луѓе во светот ја следеа младата Швеѓанка и во петок не одеа на училиште, туку на улица за да протестираат за поголема заштита на климата. Грета Тунберг стана лицето на движењето „Петоци за иднината" кое кулминираше минатиот петок со почетокот на еднонеделните глобални протести. Тунберг зборува на големи конференции и се среќава со државници низ цел свет. Нејзината порака е јасна: светот мора да ги препознае климатските промени, да ја сфати итноста на климатската криза и соодветно да делува. "Нејзината бескомпромисност и начинот на кој отворено им ја кажува вистината на моќниците во светот е силно ехо ", стои во објаснувањето на организаторите за доделувањето на наградата. Тунберг ја добива како заслуга за тоа што им даде силен глас на политичките барања за итна глобална заштита на климата.