Америка прво, Северен тек 2 последно?
28 јули 2017Планираните санкции на САД против Русија можат да имаат големи последици за снабдувањето на ЕУ со енергија. Доколку казнените мерки стапат во сила, изградбата на планираниот гасовод низ кој треба да тече руски гас наменет за државите на ЕУ, ќе станува сѐ понеизвесен. Под знак прашалник би била пред сѐ судбината на гасоводот Северен тек 2. Низ него би требало да доаѓа гас од Русија за Германија и натаму за други држави на Унијата.
Американскиот Сенат со големо мнозинство се изјасни за заострување на санкциите против Русија. Со тоа Русија би требало да се казни за анексијата на Крим, за поддршката на претседателот Асад во сириската граѓанска војна и за претпоставеното влијание врз американските претседателски избори. Еден дел од санкциите се насочени против странски фирми кои соработуваат со Русија во енергетската сфера.
Натамошни проблеми со Северен тек
Американските санкции се само еден од проблемите со кои се соочува Северен тек 2. Проектот е отежнат и со регулаторните услови на Европската Комисија. Многу нерасчистени прашања има и во Германија.
Германската регулаторна агенција на 26 јули соопшти дека сѐ уште се несигурни пет мерки врзани за проширувањето на гасоводот Северен тек. „Тие да бидат ставени во планот за развивање на гасоводната мрежа дури откако ќе се добие дозволата за изградба на проширување на Северен тек“, соопшти агенцијата.
Експертите веруваат дека санкциите ќе ги отежнат инвестициите во Северен Тек 2, но дека тешко можат да го запрат проектот. Кристијан Егенхофер, експерт за енергетска сигурност во бриселскиот „центар за европско политички студии“ (ЦЕПС) оценува дека европските енергетски претпријатија ќе најдат можност да ги заобиколат санкциите. Тие, на пример, би можеле да ги променат сопственичките структури на Северен тек 2 на начин за претпријатијата кои ќе бидат дел од проектот да не подлежат под американски санкции.
„Моето искуство ми говори дека евтиниот гас ќе стигне некако на пазарот, доколку го има, како на пример во Русија“, вели Егенхофер. „Не верувам дека ЕУ по американските санкции со кои треба да бидат погодени руски доставувачи на гас ќе претпочита скап американски гас.“ Според Егенхофер, ЕУ може да обезбеди сигурно снабдување со гас само ако тоа е руски гас.
Симоне Таљапиетра од европската тинк-тенк организација Бругел е уверен дека европскиот одговор на американските санкции ќе биде остар. „Европската енергетска политика мора да се крои во Брисел, а не во Вашингтон“, нагласува Таљапиетра. Според него, американски санкции против европски претпријатија кои се дел од Северен тек 2 или други проекти врзани со Русија, се неприфатливи според меѓународното право.
Брисел би ја имал и можноста да го замоли американскиот претседател да не воведува санкции против одредени инфраструктурни проекти или економски сфери. „Поранешниот американски претседател Барак Обама се одлучи да не го чепка гасот, зашто му беше јасно колку е тој важен за дел од европските сојузници“, потсетува Марко Џули од Центарот за европска политика (ЕПЦ) во Брисел.
Кремљ е третиот што ќе се смее?
Од американски санкции би можела да профитира Украина. Зашто, ако на Русија ѝ успее да ја заобиколи Украина при изградбата на новиот гасовод, украинските цевки низ кои ќе се транспортира гас во ЕУ би станале одвишни.
Но радоста на Украина би била со краток рок, зашто санкциите би го поткопале американско-европското единство во политиката кон Русија. „САД донесоа одлука за еднострано воведување санкции. Оттука, нема да има веќе ниту единствен фронт по прашањето на Украина“, оценува Кристијан Егенхофер.
На тој начин, Кремљ полесно ќе може да ги сврти еден против друг САД и ЕУ, смета експертот. Тој оценува дека поради едностраниот потег на САД е загрозено не само трансатлантското, туку и европското единство. Додека земји како Германија и Австрија имаат интерес за изградба на нов гасовод од Русија, повеќе источноевропски земји членки на ЕУ, пред сѐ Полска и балтичките држави, во него гледаат закана за сопствената енергетска сигурност. Тие, додава Егенхофер, дури не се стеснуваат како оружје против Москва да ја употребат и мерката - забрана за увоз на гас од Русија.