Амнестија или амнезија за „Скопје 2014“
8 јули 2017Како времето некогаш ги јаде приоритетите? Три години тогашната опозиција ја ѕидаше својата политичка платформа на отпор против проектот кој го осакати Скопје, кој му даде франкенштајновска структура на неговиот центар, кој потроши енормно многу пари, кој промовираше лажна историја и лажен допир со уметноста, кој му овозможи на еден опскурен архитект, скриен во најдебелите партиски сенки, да биде слуга на опскурната желба на тогашниот водач да го измени ликот на градот онака како што му се сонило. Тој отпор кон помпезната грандиозност, која нема никаква врска со демократијата на младата македонска држава, беше една од движечките сили која поттикна илјадници и илјадници луѓе на протести, на прочистување на нивниот дух, на спознанието што значи архитектурата за животот на еден град и што значат зборовите на Винстон Черчил кои веројатно не ги знаеја, но ги чувствуваа: „Ние ги обликуваме нашите згради, потоа тие нѐ обликуваат нас“. Тие луѓе чувствуваа дека бедемот што се гради околу воинот што јава на коњ ќе ги обликува нив во наредните десетлетија. Ќе ги обликува нивните надежи, нивните стравови, нивните мисли, нивниот хоризонт.
Затоа, исчезнувањето на скопскиот архитектонски експеримент од јавниот дискурс е неочекувана ситуација. Навистина, приоритетите се менуваат: сега синтагмата 3-6-9 станува алфа и омега на новите власти, реформите се клучот за напредокот на земјата, односите со соседите се приоритет, само она што беше моторот на отпорот кон тогашната власт, она што ги поврза луѓето без оглед на нивната политичка афилијација, без оглед на нивното образование, пол, етничка припадност, во овие четириесет дена е оставено настрана. Како да нема потреба да се расправа за него, како да треба да потпаднеме во колективна амнезија за она што предизвика толку големa навреда и револт.
Професорот од Архитектонскиот факултет, Минас Бакалчев, во еден свој текст пишува дека постоеле повеќе причини зошто да се заштити „Скопје 2014“, меѓу кои прво било да не паднеме во замката на себепоништување да се занимаваме со едно исто, да не го користиме методот кој се користеше во овој проект да се поништува сѐ друго, тој да остане како еден слој од биографијата на градот и поттик за негова рекотекстуализација. Тој вели дека сите фасади, сите мостови, сите канделабри, сите скулптури треба „да се видат и на друг начин“. Бакалчев е извонреден архитект, но расправата за СК2014 не е расправа само за архитектурата и за тоа дека тој проект „ни ја покажа реалноста, нашата вистинска можност и неможност... да одговориме на архитектонските и градежните предизвици. И ендемската состојба на неукост, невештост во совладување на градскиот партер“.
Прошетката на една група
Човекот во кого се колне модерната архитектура во Македонија, Кензо Танге, вели дека „има моќна потреба за симболизам, а тоа значи дека архитектурата мора да има нешто што ќе се повикува на човековото срце“. На кој симболизам можеме да се повикаме ние со СК 20014 и како тој ќе го допре срцето на скопјани и сите други што доаѓаат во градот. Бакалчев, Алаѓозовски, Канческа-Милевска, Грчев, Тричковски и уште десетина други противници или приврзеници на СК2014, би можеле да седнат во некое од кафулињата на скопскиот кеј и да гледаат од другата страна на Вардар во потрага од симболизмот на новите згради и во потрага на монументалниот објект на Операта. Што ќе го допре нивното срце – бесмислената зграда на Агенцијата за електронски комуникации, или колонадата конципирана така како да се наоѓа во бањските извори во Карлови Вари, или колосалните столбови на Археолошкиот музеј. Или ќе ги допре она што не можат да го видат: белата зграда на Операта.
Групата може да стане и малку да прошета, па преку скопската копија на главниот влез на лондонската галерија „Тејт“ (нашето Министерство за надворешни работи) да ја помине оградата зад која е дупката каде што треба да се гради зградата на Народна банка и уште една зграда која е готова карабина, чија намена била за администрација, за најпосле да видат дел од белата убавица – Операта. Тука Елизабета Канческа – Милевска би можела да одговори на повеќе прашања: на пример, дали за нејзините девет години министерување влегла во некоја оперска зграда во Европа провлекувајќи се низ некаква шума на објекти кои биле намерно поставени за да се скрие нејзината архитектура, дали спектакуларноста и едноставноста на пристапот кон секоја зграда на опера или на филхармонија е клучот според кој се раководат сите архитекти, дали таа знае за новата зграда на операта во Копенхаген или на филхармонијата во Хамбург (магични апотеози на модерната и новите симболи на овие градови), дали таа воопшто има претстава какво злодело му е нанесено на Скопје додека таа беше министерка за култура.
Доколку има време, оваа група би можела да скокне и подолу кон Народна банка и да го праша гуверенерот Димитар Богов, како е можо тој да се откажува од најдоминатната позиција што некој објект го има во Скопје за да ја смести новата зграда на банката во барокниот бедем со кој треба да се скрие Операта. Богов еднаш изјави дека тој не одлучувал за оваа преселба, па веројатно и сега нема да им каже ништо, зошто би се грижел за нешто за што друг одлучувал, па и за тоа каде ќе бидат канцелариите на неговата независна институција.
Групата потоа може да се врати повторно на кејот и јадејќи сладолед одново да му се посвети на разгледувањето на зградата на Агенцијата на електронски комуникации зад која ѕирка објектот на Филхармонијата. Ако групата дојде до заклучок дека ова што е направено мора да се негува (како и секое дете, сакано или не) би можела да го повика и архитектот Вангел Божиновски за да поразговара со него каква наметка да му се стави на неговиот оригинален музеј на Мајка Тереза. Затоа што тој објект целосно не одговара на преслекувањето што им беше направено на околните згради (Божиновски не беше против тоа) и сега е несоодветно тој музеј да ја пара идиличната барокна слика. Прашање е дали тогаш Божиновски ќе биде против некој од студиото на опскурниот архитект, кој го осакати Скопје, да смисли барокна наметка и за неговиот објект. Најпосле, групата би можела да оди од табла до табла, од плоча до плоча, на која се испишани некои мисли на Мајка Тереза, а се закачени насекаде во центарот на Скопје, да ги прочита и да дознае како и колку треба да се сака ближниот свој. Бидејќи нема ништо поважно за оваа држава од Мајка Тереза.
Ова може да ви изгледа пародично, но не е поголема пародија од она што му го направија на Скопје. Одлуката за драматично менување на неговиот центар беше чисто политичка (дури поврзана со одмазда – како со жителите на кулите спроти Старата железничка станица) и сместувањето на расправата за иднината на СК2014 треба да биде исто толку политичка колку и стручна. Затоа што протестите на скопските улици не беа јавна расправа, туку жесток одговор на политичкото насилство во архитектурата. Преседаните се направени еднаш и не можеме да не видиме дека се случиле. Со неверојатна леснотија беше отстранета скулптурата на Томе Серафимовски посветена на жртвите на скопскиот земјотрес, со истата леснотијата преку ноќ ја снема статута на Борис Сарафов на коњ до зградата на МНР. Значи, можело да се преместуваат скулптури. Така сега би можела да се намали шумата од статуи на скопскиот плоштад и тој да се хуманизира. Урбанистите и историчарите на уметноста би можеле да помогнат каде, на пример, да се преместат спомениците на Јустинијан и Димитар Поп Георгиев Беровски, на пример. Тоа би можело да биде во Скопје или во Берово. Една политичка нахалност не треба да биде заменета со друга, но политиката не треба да стои настрана.
Променада за бирократите
Доколку прашањето на цената доминира над прашањето на злосторството направено врз градот тоа ќе значи премолчена амнестија. Враќањето на оригиналните фасади на некои од објектите ќе значи дека е невозможно враќање кон авторитарниот волунтаризам. Премиерот Зоран Заев изјави дека ќе пресоблече во оригиналното руво барем една зграда. Зошто тоа да не биде зградата на владата, таму е направено најголемото злосторство. Ништо не е помало ниту она што беше направено со стоковната куќа, не само што беше узурпиран голем дел од плоштадот, туку беше пресоблечена да изгледа како чудовиште. Некогаш парите не треба да бидат третирани како пречка за враќање на правдата и праведноста, барем во еден мал дел. Ако архитектурата е волјата на епохата преведена во просторот (Лудвиг Мис ван дер Рое) тогаш можеби треба да се согласиме дека СК2014 е одраз на една епоха. Но ако создавањето архитектура значи работите да се стават функциите и објектите во некаков поредок, тогаш барањето решенија за скопскиот проект треба да биде повеќенасочно.
Новиот директор на Државниот архив, кој се наоѓа во зградата на Археолошкиот музеј, вели дека се запрепастил колку биле мизерни условите во коишто работела толку важна институција – дури 90 отсто од канцелариите немале прозорци. Уставниот суд со политичка наредба беше префрлен во истата таа зграда и наместо во оваа институција која го штити правниот поред да се влегува со одредена стравопочит, нејзиниот влез е скриен настрана, на мала врата, за никој да не го види, затоа што на еден авторитаризам не му се потребни демократски институции. Барањето соодветни решенија за Уставниот суд и враќањето на Државниот архив во старата зграда е дел од расправата за иднината на СК2014, како што е расправата и за тоа дали на главниот град му е потребен бедем од згради за администрацијата во неговиот центар. Расправата треба да биде и за тоа дали на Скопје му е потребна променада во центарот за прошетка на бирократите или центар кој ќе пулсира во еден друг ритам.
Одлуката на Уставниот суд, со која го укина членот од Законот за просторно и урабанистичко планирање, со кој владата на Никола Груевски имаше можност да ги пресоблече во барок Операта, ГТЦ и Универзитетската библиотека, е најважната работа со која почнува клучната расправа за иднината на СК2014 најмалку пет години по почетокот на протестите за враќање на Скопје на неговите жители. Врвната цел на секој архитект, ако може така да се каже, е да креира некаков вид рај за луѓето. Ова што беше направено со Скопје е во голема мерка пекол за градот со многу рани. Затоа „Скопје 2014“ не смее да се остави настрана под амнезија или хибернација, затоа што по некоја година оние што го осакатија ќе имаат многу поводи да се самопрогласат за визионери. На ужас на сите оние што се бореа против деспотската саможивост и кои поттикнаа многу повеќе луѓе да застанат во одбрана на уметноста и демократијата, и да ги отфрлат политичките каприци. Тоа е огромен успех и министерот за култура треба да знае дека токму и поради бескомпромисноста и знаењето на овие илјадници луѓе тој сега седи во неговата нова фотелја.