Аналена Баербок - кандидат на Зелените за канцелар
19 април 2021Аналена Баербок е кандидат за канцелар кого Сојузот 90/Зелени го испраќаат во изборната трка за сојузните парламентарни избори на 26 септември. Ко-шефот на Зелените, Роберт Хабек ова го соопшти денеска на прес конференција во Берлин, во присуство на својата колешка. „Двајцата ја имавме желбата, но на крајот изборот мора да падне на еден“, изјави Хабек. Со оглед на растечката популарност на Зелените во анкетите од 2018 година наваму, партијата првпат реши во трката да испрати свој кандидат. Моментно, Зелените со преку 20% во анкетите, се втора политичка сила зад Унијата ЦДУ/ЦСУ , а се пред СПД.
За разлика од ЦДУ и ЦСУ, кај Зелените немаше поголеми јавни дискусии околу изборот на канцеларски кандидат, што е невообичаено за една досега постојано за дебати расположена партија. Двајцата копретседатели одлуката ја донесоа мирно, во меѓусебна согласност. Според испитувањата на јавното мислење, 40-годишната Аналена Баербок има зад себе помалку симаптии кај граѓаните од 51-годишниот Хабек, но разликата бележи тренд на намалување.
Повеќе на темата:
Зошто младите Германци не гласаат за големите партии и ги сакаат Зелените?
Голем скок на Зелените на европските избори во Германија
Зелените пред партијата на Меркел
Баребок и Хабек во саботата беа номинирани од нивните изборни окрузи за изборите за Бундестагот. Зелените од Бранденбург ја избраа Аналена Баербок за свој врвен кандидат со 106 од 109 гласови. Хабек во Фленсбург, во Шлезвиг-Холштајн доби 72 од 73 гласови како директен кандидат.
Хабек има искуство во власта – тој извршуваше функција министер за земјоделство и беше вицепремиер во покраината Шлезвиг-Холштајн. Баеребок пак нема искуство во власта, но се смета за содржински посилна. Конечната одлука за канцеларска кандидатура ќе биде донесена на партискиот конгрес, што е планирано да се одржи од 11 до 13 јуни, каде согласноста за Баербок се смета за сигурна.
На изборите за Бундестагот, Баербок по 1949 година би била втора жена по Ангела Меркел која конкурира за највисоката функција во владата. СПД за свој кандидат за канцелар го номинираа актуелниот министер за финансии и вицеканцелар Олаф Шолц, а Унијата треба да изврши избор меѓу двајцата партиски лидери – Армин Лашет од ЦДУ и Маркус Зедер од ЦСУ.