Меркел: Претстои најтешката фаза на Ковид - пандемијата
9 јануари 2021Во својот прв подкаст во оваа година, германската канцеларка Ангела Меркел инсистира на запазување на донесените најнови мерки во земјата за сузбивање на коронавирусот. „Колку сме поконсеквентни денес, толку побрзо ќе можеме да ја повратиме контролата и ќе го скратиме времето во кое мораме да живееме со вакви рестрикции. Присебноста во овие тешки јануарски недели и имањето обѕири кон другите ќе се исплатат“, вели Меркел.
Надеж за подобрување на ситуацијата канцеларката гледа во почетокот на вакцинирањето. „Од месец во месец ќе има вакцина за сѐ повеќе луѓе, а на крајот ќе можеме да му понудиме вакцина на секој кој сака да ја прими, а јас се надевам дека понудата ќе биде што пошироко прифатена".
Канцеларката е убедена во правилноста на одлуката вакцината да се набавува на ниво на ЕУ. „Мое цврсто уверување е дека е добро што се решивме за европски пат. Ниедна земја, па ни Германија, не би била сигурна од вирусот ако не се сигурни пријателите и соседите.“
Меркел е загрижена од актуелниот развој на пандемијата: „Лекарите и болничкиот персонал во многу болници работат на границите на своите можности. И она што го слушаме за мутирањето на вирусот не ја намалува нашата загриженост, напротив“ вели Меркел и од таа причина инстистира на целта – значително намалување на бројот на нови инфекции до ниво на кое здравствените заводи ќе бидат во можност да ги следат синџирите на зараза.
Институтот Роберт Кох денеска го објави дневниот биланс – во последните 24 часа се регистрирани 24.700 новоинфицирани и 1083 смртни случаи поврзани со коронавирус. Вкупниот број на починати од Ковид-19 во Германија со тоа се искачи на 39.878.