1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Андреа Налес- новата лидерка на германските социјалдемократи

9 февруари 2018

Поранешната министерка за труд Андреа Налес е на пат да стане првата жена на чело на германските социјалдемократи. Партијата се надева дека со неа ќе се реформира и ќе си го најде местото во новата широка коалиција.

https://p.dw.com/p/2sJnF
Andrea Nahles bei Demonstration in Bochum von Thyssen-Arbeitern
Фотографија: Getty Images/L.Schulze

Андреас Налес многу веројатно ќе биде новиот лидер на Социјалдемократската партија (СПД), откако веќе беше именувана за шефица на пратеничката група во Бундестагот по парламентарните избори во септември минатата година.
Налес исплива како победник од промените во врвот на германската политика кои се случија по склучувањето на новиот коалициски договор меѓу СПД, конзервативците на Ангела Меркел (ЦДУ) и нивната баварска сестринска партија ЦСУ.

Весникот Зиддојче цајтунг објави дека партискиот лидер Мартин Шулц направил договор со Налес таа да ја преземе лидерската функција откако тој ќе биде именуван за нов министер за надворешни работи. Промоцијата на Налес и новата функција на Шулц допрва треба да бидат потврдени.

Налес беше германска министерка за труд до 2017 година.

Засилување на партискиот профил

Налес е позната по својот директен и страстен темперамент, а во јануари годинава одигра клучна улога во обединувањето на партијата по прашањето за коалициските преговори со ЦДУ, со огнен говор на партиската конференција.

Тоа не беше нејзиниот прв забележлив настап. Во 2013 година, таа ја нападна Меркел во Бундестагот со препев на популарна песна од филмот „Пипи долгиот чорап“. 

Во СПД се надеваат дека таа ја има потребната цврстина со која ќе може да ја модернизира партијата и да привлече повеќе жени на водечките позиции.
И покрај најавените промени, во СПД- чија популарност и натаму опаѓа- се решени да го зајакнат својот профил со цел да се одлепат од сенката на ЦДУ и Меркел. На изборите во септември 2017, СПД освои само 20,5 отсто од гласовите- најлош резултат во историјата. Според аналитичарите тоа се должеше на недостатокот на нови идеи по четири години коалициски центризам со Меркел.

Кој е нејзиниот профил?

Налес му припаѓа на левичарското крило на партијата, а 47-годишната политичарка секогаш се залагала за подобрување на работничките права. Минатата година им порача на работниците во фабриката „ТисенКруп“ дека „дошла да се бори со нив“ и дека „ќе биде тука за нив“. Компанијата преговара за спојување со индиската Тата, што пак може да води кон отпуштања.

Како министерка за труд таа во 2015 ја спроведе првата минимална плата на национално ниво и покрај жестокиот отпор во земјата која отсекогаш преферирала колективни договори за поединечни сектори.

Налес е членка на СПД од својата 18 година. На универзитетот во Бон студирала германска литература, филозофија и политички науки. Во 1995 година стана лидер на партискиот подмладок Јусос, а беше именувана за генерален секретар во 2009, пред да стане министерка за труд.
Во матурскиот албум од нејзиното средно училиште изјавува дека во животот сака да биде или „домаќинка или канцеларка“.