Што може да се дознае од една анкета?
19 јуни 2021Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, Хари Костов, Глигор Бишев и други банкари можат да бидат задоволни доколку во целост ја погледнат последната анкета на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) и ќе видат дека перцепциите понекогаш можат да бидат погрешни. Не можат ни да се набројат текстовите во кои се наведуваат големите милиони евра кои банките ги заработуваат секоја година (а Народната банка е критикувана на овој или на оној начин) и индиректно се сугерира дека тие со нивното „лихварство“ се најголемите ограбувачи на населението.
Овој сегмент од големата анкета на ИРИ направена во март оваа година и објавена пред неколку дена, ако така може да се каже, е едно од најголемите изненадувања во оценките на јвноста. На прашањето „До кој степен ѝ верувате или не ѝ верувате на секоја од овие институции...?“ – банките се убедливо на првото место во довербата. Во нив имаат целосна или делумна доверба дури 57 отсто од испитаниците. Дури потоа, зад банките, со повеќе индексни поени помалку се полицијата, јавното здравство, образованието, локалните институции, владата, опозицијата, невладините, медиумите, антикорупциската, судството партиите...
На прв поглед може да изгледа нелогична оваа доверба на јавноста, особено по трауматичниот крах на Еуростандард банка, потрагата за правда на оние штедачи кои загубија големи пари во неа кога таа замина во стечај. Граѓаните се жалат на високите камати на кредитите, често на неумоливата бирократизираност кога им треба некоја услуга, но очигледно е дека и покрај сѐ веруваат оти стабилноста на банкарскиот систем е клучен и за стабилноста на државата. Дека тој успеал да одолее на сите ветрометини на кои што циклично или постојано е изложено македонското општество. И дека стабилните банки можат да им помогнат и на поединецот, и на семејствата, и на компаниите, и најпосле на целата држава. Недовербата спрема банките во оваа анкета (целосна или делумна) е далеку најмала – 41 отсто, во однос на другите институции.
Дали демократијата е проблем?
Друг сегмент од оваа анкета на еден загрижувачки начин го покажува односот на јавноста кон демократијата. На прашањето „Дали верувате дека демократијата е најдобра можна форма за владеење за вашата земја“ само 51 отсто дале потврден одговор. Од останатите, 41 отсто мислат дека има и други форми за владеење еднакво добри за државата или дека има подобри форми на владеење од демократијата. Во овој корпус за второто мислење се изјасниле 17 проценти. Ова се навистина загрижувачки резултати – пред една година, во анкетата на ИРИ спроведена во февруари 2020, довербата во демократијата била 61 отсто, а наклоноста кон други форми 27 проценти.
Партиите и другите политички актери во општество, наместо трескавично да ги гледаат нивните рејтинзи, а политичарите степенот на популарноста, треба сериозно да размислуваат каде граѓаните ја губат довербата во демократијата. Каде е нивната вина, како се спроведуваат добрите политички практики, кои се предностите на демократијата, кон кој правец може да тргне општеството ако довербата кон демократијата и натаму се намалува. Затоа што не е далеку патот кога мислењето дека има подобри форми за владеење од демократијата може да стане преовладувачки дискурс.
На што се должи ова намалување на довербата во демократијата за функционирањето на една држава? Социолозите ќе ви дадат различни објаснувања, со повеќе или помалку нијанси. Но едно може да биде преовладувачко – разочарувањето од сегашните вредности. Разочарувањето е таложено три децении, не е од вчера или некни. Тоа се должи на зголемувањето на нееднаквоста во општеството – екстремно малиот број богати и огромниот број пауперизирани; недоволното снаоѓање на политичките елити во механизмот на управување; перцепцијата дека тие елити мислат само на себеси и на поширокиот круг што е околу нив (било да се власт или опозиција). Па можноста некој кој би владеел со поцврста рака, а не преку демократските институции, не е дека би се гледала како веројатен излез, туку како идентификација на една личност и неговиот владејачки апарат за сѐ она што е добро или лошо во државата. Тоа на некој начин ќе го олесни гневот или ќе го зголеми аплаузот за одредени политики.
Тоа сигурно влече корени и од СФРЈ, која кај значаен дел од граѓанството (без оглед дали ја памети или не) е синоним за некаква општествена праведност и пред сѐ подобри здравствени услуги и подобро образование. Галактичките трошоци за лечењето од Ковид-19 во приватните болници на одреден начин кумуваат во оваа перцепција, па многумина мислат дека демократската трпеливост и посветеност на слободниот пазар оди на директна штета на здравјето на поединецот во пандемија во која тој настрадал. Потоа, без оглед на големата поддршка за членство во Европската унија (79 отсто) тоа може да значи и разочарување во демократските вредности кои се мотор на Унијата, а пред Македонија постојано се поставува пречка до пречка (блокада до блокада) кои постојано треба сама да ги прескокнува без поголема помош од развиените демократии.
Преголемата врева што доаѓа од ЕУ, дека местото на Македонија и Западен Балкан е во Унијата, засега сѐ уште е на нивото на атоналната музика на Арнолд Шенберг која граѓанството не може да ја препознае, ниту да ги долови вистинските пораки на системот од 12 тонови. Додека трае тоа препознавање на политичката музика, демократијата страда. А и понатаму ќе страда оваа европска политичка музика ако продолжат бесмислените блокади за Македонија. Тогаш граѓанството се запрашува дали воопшто треба да им верува на вредностите на европската демократија, кога таа постојано поставува пречки, отколку да му помага на едно општество кое се мачи да се развива со побрзо темпо.
Други колумни од авторот:
„Мрачни финансии“: анатомија на илибералниот груевизам
Кој треба да биде Пушкин: Мицкоски или Заев
Каде води патот до Брисел - преку Копенхаген или Софија?
Граѓаните и пандемијата
За некого ова може да нема посериозна конекција (поради процентот за поддршка за членство во ЕУ), но на свој начин ја отсликува недовербата кон демократските институции – за многумина тие можат да значат пречка во развојот. Ова е сериозно предупредување и за оние што се на власт и оние што сакаат да се вратат на власт (кои во нивните години создадоа авторитарен систем), дека на демократските постулати треба да им посветат најголемо внимание, затоа што уште едно големо враѓање назад кон авторитарна матрица ќе биде погубно за развојот на државата.
На одреден начин и одговорите на прашања од анкетата поврзани со пандемијата и справувањето со Ковид-19 го отсликуваат ова назадување во перцепцијата за демократијата и нејзините вредности. На прашањето во анкетата на ИРИ „Како владата се справува со пандемијата на Ковид-19“, 35 отсто одговориле со многу успешно или делумно успешно, а 63 проценти како многу неуспешно или донекаде неуспешно. Но потоа, на прашањето која е главната причина за ширењето на вирусот во Македонија, огромни 70 проценти велат дека тоа е „однесувањето на луѓето“. Ваквата контрадикторност во одговорите може да изгледа луда, како и одговорот на 57 отсто од испитаниците дека владата во своите економски мерки ги вклучила најголемиот дел од граѓаните, особено ранливите групи.
Што би можело да значи одговорот за ширењето на короната - „однесувањето на луѓето“? Дека владата требаше да примени далеку подрастични мерки од кинески, виетнамски или сингапурски тип за да ја ограничи пандемијата (сите земји се општества каде демократијата не е добредојдена, без оглед што во Сингапур има регуларни избори), а во исто време преку социјалните медиуми ќе се крева ужасна тревога поради ограничувањата, полицискиот час, затворените кафеани и други забрани. Сето тоа делува парадоксално – ем да оценуваш дека владата не се справила најдобро со пандемијата, ем за тоа да ги обвинуваш граѓаните. Ако граѓаните се највиновни, тогаш дали за секој поединец треба да има по еден полицаец кој ќе го следи неговото однесување? Или кршењето на препораките за безбедно однесување треба да биде моторот на бунтот против правилата врз кои почива демократијата. А потоа, на другото прашање, да одговараш дека демократските стандарди, кои го вклучуваат бунтот, не се единственото решение за владеењето во Македонија. „Лудило“, што би рекле во скопскиот жаргон за некоја неверојатна и антикатарзична ситуација.
Има уште еден интересен сегмент од анкетата поврзан со прашањето кој е најважниот проблем со кој се соочува Македонија денес. Вообичаено, на врвот како прво споменување е невработеноста со 23 отсто, па кризата со Ковид-19 и вакцините со 22 отсто, па економската ситуација, сиромаштијата... Корупцијата е подолу на скалата со само 5 отсто загриженост, а владеењето на правото и интеграцијата во ЕУ ги мачи само еден отсто од испитаниците. Дали според овие одговори би требало да се заклучи дека корупцијата и невладеењето на правото е долгогодишен модел на живеење и кога на нешто си навикнат, не треба да те загрижува? Како и пречките за влез во ЕУ.
Генерално, оваа анкета покажува сива и темна слика за состојбите во општеството во годината која помина под печат на короната. Тука прашањето не е само за перформансите на сегашната влада или проекциите на опозицијата – туку во грчот на граѓаните кои во најголем дел ја споделуваат оценката дека нивниот живот и благосостојба останал горе-долу ист. А тоа, според некои вреднувања може да биде и успех. Како и податокот дека само кај 7 отсто од испитаниците некој од нивното пошироко семејство емигрирал во странство да живее или работи (во анкетата од 2020 година таа бројка беше 16 проценти)
Останатиот дел од анкетата, оној што на прв поглед изгледа како најпривлечен и кој го толкуваат аналитичките центри на партиите, може да му донесе мало олеснување на СДСМ, за чии градоначалници, ако локалните избори се одржат денес, би гласале 19 отсто, а за ВМРО-ДПМНЕ 16 отсто. Додека рејтинзите за парламентарни избори се изедначени – по 17 отсто. Ова покажува дека градоначалниците на СДСМ успеале да остават впечаток во нивните средини во изминативе четири години. Повеќе позитивен отколку негативен. Од анкетите што биле направени во повеќе општини СДСМ може да биде задоволен што води со петпроцентна поддршка пред опозицијата во Скопје (ВМРО-ДПМНЕ загубил седум проценти од анкетата направена во 2017 година). Во Штип таа разлика е огромна: 34 наспроти 15 (веројатно најмногу благодарение на градоначалникот Сашко Николов). Голема е и разликата во Куманово – 28 наспроти 7; па дури и во Охрид – 22 наспроти 16. ВМРО-ДПМНЕ води со мала разлика во Ѓорче Петров.
Политичките стратези нека се занимаваат со овие бројки во месеците пред локалните избори. Општеството изгледа има многу поголеми грижи, особено со вербата во демократијата. И околу тоа никој не треба да замижува.