Апостоли без морал
16 август 2018И ти ли си бил злоупотребен? Со ова болно прашање во иднина би можеле да бидат конфронтирани многу католици. Скандалот со сексуалното злоставување веќе ја тресе црквата во цел свет. Од откривањето на првите случаи во САД во 2002 година, од страна на весникот „Бостон Глоуб“, еден по еден излегуваат нови.
Сексуално злоставување од страна на свештени лица во САД, Австралија, Италија, Ирска, Чиле и Германија и многу други земји. Сѐ повеќе жртви се решаваат да прозборат, сѐ повеќе бискупи и други свештени лица се обвинети, сѐ повеќе верници ја напуштаат црквата.
Затоа е важно да се потсети дека тоа што сѐ повеќе случаи излегуваат на виделина, не го намалува страдањето на жртвите. Напротив, расчистувањето на случаите, правдата и надоместот за направената штета стануваат сѐ поважни.
Страдањето на жртвите
Голема е опасноста скандалите во католичката црква поради нивната зачестеност да наидат на рамнодушност во јавноста. Но, за разлика од гледачите на вести, за жртвите животот по злоделото не продолжува како дотогаш.
Расчистувањето на случаите на злоставување почна во Рим и во многу локални цркви, но ни приближно не е завршено. Потресниот извештај на иследниците од Пенсилванија тоа впечатливо го покажува. Резултатот од рехабилитирањето на жртвите би можел да го стави опстанокот на католичката црква како институција во нејзината сегашна форма под прашање. Институција во која се случуваат такви злодела и се прикриваат, со право ја губи општествената прифатеност.
Ватикан во меѓувреме врши притисок за болното расчистување на случаите и чистење на својот углед. Доцна, но да се надеваме дека не е и предоцна. Токму поранешниот директор на католичкиот колеџ Канисиус од Берлин, Клаус Мертес, кој во 2010. година го почна откривањето на скандалот во Германија, вели дека Рим научил некои лекции. Комисијата за заштита на деца која ја оформи Ватикан, и во која има претставници и на жртвите на сексуална злоупотреба, според Мертес, одлично си ја врши работата. Во Германската бискупска конференција донесе строги правила за справување со сексуални злоупотреби и нивна превенција.
Жртвите имаат право на обесштетување, а роковите за застарување на делото во 2013 година беа продолжени на 30 години, што се разликува од актуелната состојба во САД на пример.
Очајни лаици
Пенсилванија повторно ни го покажа човечкото дно, двојните аршини и страдањето кои до ден денешен се присутни во католичката црква. Но, иако е примамливо целата институција паушално да биде предмет на осуда, сепак не е толку едноставно да се повлече линијата меѓу добро и зло. Зашто од понорот и контроверзите на „својата“ црква не страдаат само верниците и ангажираните лаици. И многу свештени лица и бискупи кои не се држат до целибатот или водат двоен живот бидејќи се хомосексуалци, се во очај заради правилата на црквата. Истото важи и за жените, на кои не им е дозволено да бидат дел од свештенството.
Од Вториот ватикански сабор во црквата се има сменето многу, но тоа е премалку за таа да се спаси од замирање. Милиони верници се борат за промена во католичките морални правила во сексот, во начинот на кој се третираат разведените, за целибатот, за ангажманот на жените. Сите тие треба да бидат слушнати.
Времињата на непогрешливоста на папата и на недопирливоста на свештенството поминаа. Сепак, Рим и натаму се држи до моралната догма без никакви промени. Серијата сексуални скандали сепак ги разниша носечките столбови на овој хиерархиски машки универзум. Нему му се заканува морална имплозија.