Арапските земји го изолираат Катар
5 јуни 2017Раскол на Арапскиот полуостров. Саудиска Арабија, Египет, Бахреин и Обединетите Арапски Емирати денеска (05.06.2017) ги прекинаа сите дипломатски односи со властите во Доха (насловна фотографија). Саудиска Арабија ја затвори границата кон малата соседна земја со цел, како што беше соопштено, да ја заштити националната безбедност од заканата од тероризам и екстремизам“. Односите со Катар ги прекинаа и меѓународно признатата влада на Јемен, како и владата во Либија со седиште во источниот дел на земјата.
Египетското министерство за надворешни работи му префрли на Катар дека поддржува терористички активности и ги затвори своите пристаништа и аеродроми за бродови и авиони од Катар. Авиокомпаниите Етихад, Флај Дубаи и Емирејтс од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), соопштија дека нема да летаат за Катар. Во меѓувреме и катарската компанија Катар Ервејс соопшти дека ги укинува сите летови за Саудиска Арабија. Трите земји од Персискиот Залив, Саудиска Арабија, ОАЕ и Бахреин им дадоа две недели на државјаните на Катар да ги напуштат нивните територии.
Целата воена коалиција, која под водство на Саудиска Арабија од 2015 година го бомбардира Јемен, се приклучи кон изолацијата на малиот емират. Причина за тоа, според официјалните образложение кое го пренесе државната новинска агенција на Саудиска Арабија, СПА, е катарската поддршка за „терористичките организации во Јемен, меѓу нив Ал Каеда и Исламска држава“,
„Мерките се неоправдани и засновани на тврдења кои не се поткрепени со факти“, реагираше шефот на катарската дипломатија во изјава за телевизијата Ал Џазира со седиште во Доха, главниот град на Катар.
Американскиот министер за надворешни работи, Рекс Тилерсон, ги повика арапските држави да ги решат недоразбирањата. Тој од Сиднеј порача дека треба да се седне на преговарачка маса и да се разговара за разликите. Тилерсон додаде оти е важно Советот за соработка на Персискиот залив да остане „единствен“. Кон тој Совет припаѓаат Катар, Саудиска Арабија, Бахреин, ОАЕ, како и Оман и Кувајт, кои, меѓутоа, не воведоа санкции против Катар.
Во изминатите недели во повеќе извештаи во американските медиуми на режимот во Доха, му беше префрлено дека финансира терористички групи. Катар е член на американската воена коалиција во борбата против Исламска држава.