АРД: Како Македонците земаат бугарски пасоши
3 септември 2014Во репортажата на Германското државно радио се опишува постапката за добивање на бугарски пасош и притоа се констатира леснотијата на процесот особено за македонските државјани, кај кои интересот е најголем.
„Си извадив бугарски пасош од сосема практични причини“, раскажува 56-годишниот Ристо (кој инсистира да не го открие своето вистинско име). „Имам роднини во Германија, каде живее и мојот син, и сакам често да ги посетувам. Секој пат кога ќе влезам во ЕУ ме прашуваат колку долго ќе останам, каде одам и зошто. Тоа е понижувачки. Со бугарскиот пасош сѐ ми е полесно. Но, тоа што имам бугарски пасош не значи дека сум Бугарин. И брат ми живее во Австралија, па не е Австралиец. Ниту сестра ми е Германка. Сите сме Македонци“, вели Ристо.
Потеклото никој не го проверува
Приказната на Ристо не е никаков исклучок во денешна Македонија, наведува натаму авторот. Според неофицијални податоци, 120 илјади Македонци веќе извадиле бугарски пасош. А, зошто да не, кога овој пасош им гарантира на Македонците слободен влез во ЕУ.
Притоа, да се извади бугарски пасош е многу едноставно. Треба само да се докаже дека лицето има бугарски корени, а тоа е едноставна постапка. Вообичаено е доволно само да се декларира бугарска самосвест и дека родителите, бабите или дедовците биле Бугари.
По правило, точноста на тие искази натаму никој не ги проверува. Во текот на 2012 година, на пример, биле одобрени 18 илјади барања за бугарски пасош, а одбиени биле само 1.600. Потеклото на толку многу луѓе не може сериозно да се провери, ниту пак бугарските власти се заинтересирани тоа да го сторат. Тоа го покажува и случајот на 39-годишниот Александар, кој исто така сака да остане анонимен. „Имам бугарски пасош веќе 12-13 години. Едноставно затоа што сакам да патувам. Немам никакво бугарско потекло. Јас сум чист Македонец, но извадив пасош за да можам слободно да патувам“.
Барањата за бугарски пасош се поднесуваат или во бугарската амбасада во Скопје, или во Државната агенција за Бугарите во странство во Софија. Вообичаено, процедурата трае помалку од една година, а оние кои немаат време лично да одат за тоа можат да ангажираат и посредници. Нивната услуга чини меѓу 200 и 1.000 евра.
„Професионални Бугари“
На тој начин, Македонците преку ноќ стануваат граѓани на ЕУ, со сите предности кои произлегуваат од тоа. 39-годишната Агнета (вистинското име и е познато на редакцијата) објаснува:
„Македонка сум и никогаш не би помислила да извадам бугарски пасош. Но, сега мојата ќерка учи во Германија и сака да остане таму. Затоа побарав бугарско државјанство. Со македонски пасош на ќерка ми ќе и’ биде многу тешко. Откако ќе го заврши училиштето ќе треба да ја напушти Германија. А, со бугарски пасош може да остане колку сака“.
Албанците од Македонија не можат да го докажат своето бугарско потекло, но и за нив постои решение - отворање фирма. Вообичаено станува збор за човек-фирми, но во рок од две години и секој македонски Албанец може да земе пасош. Со други зборови, „професионални Бугари“. За таквата услуга, посредници наплаќаат најмалку 3.000 евра. На нивните интернет-страници, изрично се наведува дека услугата е можна и „за муслимани“. Бугарското обвинителство веќе активно се занимава со таа пракса, а според македонските медиуми, можно е наскоро да биде затворена и Државната агенција за Бугарите во странство, се наведува во репортажата на германското државно радио.