1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

СЗО: Да продолжи вакцинацијата со „АстраЗенека“

ДТЗ | агенции
15 март 2021

Германија, Франција и Италија одлучија да ја суспендираат употребата на вакцината на „АстраЗенека“ против Ковид-19. СЗО не сака паника.

https://p.dw.com/p/3qfUQ
Symbolbild Injektionsflasche mit Spritze AstraZeneca
Фотографија: Christian Ohde/CHROMORANGE/picture alliance

Земјите треба да продолжат да ја користат вакцината на „АстраЗенека“ против Ковид-19, соопшти Светската здравствена организација, откако многу влади го стопираа вакцинирањето поради страв од згрутчување на крвта.

„Не сакаме луѓето да паничат и, засега, би им препорачале на земјите да продолжат со вакцинацијата со АстраЗенека“, рече главниот научник на СЗО, Сумија Сваминатан, на брифинг со новинарите.

Нејзините коментари доаѓаат откако почна да се зголемува бројот на земји што ја прекинаа употребата на АстраЗенека, укажувајќи на случаи на згрутчување на крвта кај луѓе кои ја примиле вакцината.

-повеќе на темата: Германија го запре вакцинирањето со АстраЗенека

Сваминатан истакна дека не е утврдена каузална врска помеѓу вакцината и згрутчувањето. „Досега не наоѓаме врска помеѓу овие настани и вакцината“, рече таа, посочувајќи дека било очекувано да се појават некои случаи на згрутчување на крвта кај општата популација. Според неа, кога ќе се направи споредба во однос на тоа колкумина се вакцинирале, инциденцијата е „всушност, помала од она што истовремено би го очекувале кај општата популација“.

Светската здравствена организација соопшти дека нејзините експерти за безбедност на вакцините ги разгледуваат податоците на „АстраЗенека“. „Советодавниот комитет на СЗО за безбедност на вакцините ги разгледува достапните податоци, е во тесен контакт со Европската агенција за лекови и ќе се состане утре“, рече генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус на брифинг со новинарите.

Германија, Франција и Италија го сопреа вакцинирањето

Германија, Франција и Италија се последните земји кои денеска одлучија да ја суспендираат употребата на вакцината на „АстраЗенека“ против Ковид-19, по извештаите за појава на изолирани случаи на згрутчување на крвта.

-повеќе на темата: Пауза за вакцинацијата со АстраЗенека во уште две европски земји

Европската агенцијата за лекови ЕМА свика состанок во четврток за да бидат разгледани наодите на експертите за вакцината „АстраЗенека“ и да се донесе одлука околу евентуално преземање акција.

Германскиот министер за здравство Јенс Шпан соопшти дека одлуката за суспензија на „АстраЗенека“ е донесена врз основа на препораките на институтот за вакцини „Паул Ерлих“, кој повика на натамошни испитувања по новите информации за тромбоза кај вакцинирани лица. В очи паѓа зачестеност на специјална форма на многу ретки тромбози на мозочни вени поврзано со тромбоцитопенија и крварења, објаснува институтот. Лицата кои по примање на вакцината подолго од четири дена се чувствуваат сѐ полошо, односно страдаат од постојани силни главоболки или поткожни крварења, треба да се јават на лекар веднаш, препорачуваат од институтот. 

„Денешната одлука е чисто мерка на претпазливост“, изјави министерот за здравство Јенс Шпан, нагласувајќи дека на сите им е јасно колкав е опсегот на донесената одлука за прекин на вакцинацијата. „Одлуката не ја донесовме лесно“, рече тој. Во Германија од 1,6 милиони вакцинирани лица, има седум случаи на тромбоза. 

Францускиот претседател Емануел Макрон соопшти дека неговата земја исто така ќе го суспендира вакцинирањето. Тој рече дека Франција се надева дека ќе продолжи со употреба на вакцината наскоро. Италијанскиот регулатор на лекови, исто така, поради претпазливост објави привремена забрана за вакцинирањето со „АстраЗенека“.

37 извештаи за згрутчување на крвта

Од „АстраЗенека“ информираа дека досега се вакцинирани над 17 милиони луѓе во ЕУ и Велика Британија, а притоа имало 37 случаи на згрутчување на крвта. Производителот на лекови рече дека нема докази дека вакцината носи зголемен ризик од згрутчување.

„Годишно, кај илјадници луѓе во ЕУ доаѓа до згрутчување на крвта од различни причини", соопшти Европската агенција за лекови. 

-повеќе на темата: Данска, Норвешка и Исланд од „претпазливост“ ја сопреа вакцинацијата со АстраЗенека

Данска беше прва земја што привремено ја запре употребата на вакцината „АстраЗенека“. Данска и Норвешка пријавија изолирани случаи на крварење и тромбоза по инјектирање на вакцината на „АстраЗенека“, а имунизацијата со вакцината ја прекинаа и Исланд и Бугарија.