1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Атина прва ѝ дава „пас“ на Македонија за НАТО

8 февруари 2019

Отфрлено е барањето на Панос Каменос за гласање на Протоколот за македонското членство во НАТО со зголемено мнозинство од 180 пратеници. Нова Демократија обвини дека само ПЈРМ има придобивки со Договорот од Преспа.

https://p.dw.com/p/3Cynp
Griechenland Vertrauensabstimmung im Parlament in Athen
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Грчкиот парламент денеска се очекува да го ратификува пристапниот протокол за членство на Македонија во НАТО. Нацрт-законот за ратификација на протоколот вчера доби зелено светло од Комисијата за одбрана и надворешни работи на грчкиот парламент, а денеска за него ќе се изјаснат пратениците на пленарна седница.

„Ратификација на протоколот кон Северноатлантскиот договор за пристап на Република Северна Македонија е прифатен првично, во целост и од мнозинството, рече претседателот на Комисијата, Константинос Дузинас, на крајот од пет и пол часовната бурна расправа. За да се изгласа протоколот, потребен е минимум 151 глас. Како што јавуваат грчките медиуми, ваквото мнозинство се обидел да го оспори Панос Каменос, лидерот на Независни грци (АНЕЛ), кој минатиот месец ја напушти Владата токму заради неприфаќање на Договорот од Преспа. Во вчерашната процедурална интервенција, Каменос потенцирал дека ратификација на Протоколот ќе биде неуставна ако не се реализира со зголемено мнозинство од 180 пратеници, бидејќи таа подразбира „пренос на суверени права на земјата“. Мнозинството ги отфрлило неговото барање, потсетувајќи го дека во претходните ратификации за приклучување кон НАТО на соседните земји (Албанија и Бугарија), такво прашање никогаш не било покренато.

НД: Грција нема полза од Договорот!

Под наслов „Пасош за членство во ПЈРМ во НАТО - Протоколот се гласа денес“
весникот „Катимерини“ пишува дека „вчерашната 'битка' се пренесува на денешната пленарна седница“. Неопходното мнозинството на гласови се очекува од пратениците на владејачката СИРИЗА, но и од пратеници од други партии кои претходно исто така гласаа „за“ Договорот од Преспа. Поради противењето на опозициска Нова Демократија, не се очекува поголем опсег на гласови од оној што Договорот веќе го доби во грчкиот парламент. На комисиската расправа било критикувано одбивањето на пратениците од Нова Демократија да гласаат „за“ ратификација на Протоколот, како пример за противречност со традиционалните принципи на главната опозициска партија: про-ЕУ и про-НАТО.

Димитров за ДВ: Патувањето е полесно со пријатели

„Одбивањето да се ратификува протоколот доведува до брутални контрадикции во политиката на Нова Демократија, со оглед на нејзината приврзаност кон ЕУ и НАТО. Тоа е доказ за влегување на Нова Демократија во авантура“, обвини Никос Toскас од СИРИЗА.

Јоргос Кумуцакос, надлежниот за надворешна политика во Нова Демократија го образложи причините зошто нивните пратеници нема да гласаат „за“.

„Не гласаме за протоколот за влез на Скопје во НАТО, бидејќи тоа е она што формално произлегува од Договорот, кој јасно е дека е штетен, бидејќи тоа е првиот договор, историски, во кој Грција дава нејзина согласност, нејзин потпис во прифаќањето дека постои наводен македонски јазик и македонска националност. Комбинацијата на името Северна Македонија со прифаќањето од Грција дека постои наводен македонски јазик и националност е основа за развој на пост-преспанскиот иредентизам на Балканот“, критикуваше Кумуцакос.

Тој порача дека Договорот од Преспа не е балансиран и дека „грчкиот народ никогаш нема да го засака“.

„Интеграцијата во НАТО е првиот материјален, конкретен и позитивен резултат за Скопје. Тие, веќе започнаа да имаат позитивни резултати од Договорот од Преспа. И ќе следи исто така обврска на Грција, поддршка за почеток на процесот на интеграција во ЕУ. Што имаат Грците материјално, позитивно од ратификацијата на овој договор? Ова е главното прашање на кое треба да одговорите“, реагираше Кумуцакос до СИРИЗА.

Повеќе:

Димитров: Можеме да ја смениме иднината

Македонија влегува во НАТО како колос на мирот

Столтенберг и Димитров: Ова е историски ден

Втората ратификација во Словенија?

Се очекува гласањето на пленарната седница да биде во вечерните часови, по што Грција ќе биде првата земја што ќе го ратификува пристапниот Протокол за македонското членство во Алијансата. Втора земја што ќе го стори тоа најверојатно ќе биде Словенија. Словенечката влада на синоќешната седница го дефинираше текстот на предлог-законот за ратификација на протоколот и го достави до паралментот, а гласањето се очекува на почетокот на следната недела. Меѓу првите земји што ќе го ратификуваат протоколот се очекува да биде и соседна Бугарија, чија улога се смета за клучна во успешниот процес на надминување и решавање на споровите со соседите. Врз таквата определба, според регионалните медиуми, не влијаат изјавите на бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов, кој вчера за бугарско радио изјави дека „Македонија треба да си ги исполни обврските кон Бугарија и Грција ако сака да стане полноправна членка на НАТО“. Тој посочил дека тоа подразбира елиминирање на територијалните претензии и фалсификување на историјата.

„Кога вистинската историја на Македонија ќе ги замени 70-годишните фалсификати во учебниците, тогаш Бугарија ќе биде сигурна дека нештата одат во правилна насока“, изјавил тој.

Повеќе земји-членки на Алијансата веќе најавија дека ратификацијата брзо ќе стигне на дневен ред во нивните национални парламенти. Доколку се оди со побрзо темпо, според најоптимистичките очекувања, Македонија би можела да стане полноправна членка на Самитот на НАТО, кој ќе биде одржан во декември во Лондон.