Коалиционите партнери остануваат верни на СДСМ
1 ноември 2021Лидерот на ДУИ, Али Ахмети не се согласува со оставката на премиерот Зоран Заев, кој синоќа се повлече и од премиерската и од лидерската позиција во СДСМ. Тој за ТВ21 открива дека синоќа имал тензичен разговор со премиерот и дека не се согласува со неговата одлука за оставка.
„Вчера имавме доста тензичен разговор со Заев, дека не се согласувам со таквото движење, со неговата оставка од партијата и претседател на Владата. Му ги нагласив силните позиции на ДУИ. Овие се локални избори, ние пред 1 година победивме на општите избори и добивме мандат за да раководиме со политиките на државата. Така да и денеска повторно разговарав со Заев, му реков дека не можеме да направиме компромис за големи работи, за тој да се повлече. Да се разгледа во неговата партија оваа одлука која според мое мислење е забрзана и неоснована“, вели Ахмети. Слични пораки денеска упатија и други функционери од ДУИ, коишто сметаат дека одлуката на Заев и избрзана и непотребна.
Само еден ден по оставката, Заев ги повика на средба во Владата коалиционите партии. Нивниот став е дека владејачката коалиција има легитимитет и нема потреба од нови избори. ДОМ, ЛДП, НСДП и ДПА, коишто имаат шест пратеници во парламентарното мнозинство кое брои 62 пратеници, порачаа дека остануваат во владејачката коалиција.
Претседателот на НСДП, Тито Петковски, вели дека нема потреба од избори и оти Владата не е делегитимирана на овие избори.„Прво, имавме парламентарни избори минатата година. Легитимитет за составување влада се добива на парламентарни избори. Победничката партија ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори освои 30 отсто од гласачите што излегоа на изборите, а СДСМ освои 25 проценти. Од другата страна, гледате, коалицискиот партнер ДУИ на локалните ги повтори изборните резултати, исто како што ги имаше и на парламентарните избори. Ние мора да се навикнеме што се локални, а што се парламентарни избори ако сакаме да имаме демократска држава. Не може ако изгубите едни избори да ги повторувате сите“, изјави Петковски.
И лидерот на ДПА, Мендух Тачи, смета дека владејачката коалиција и на овие избори покажала дека има легитимитет. „Не гледам никаква причина да се случи нешто драматично. Сакаат да ја изместат темата, тоа беа локални избори. Ако сакаат да зборуваат за легитимитет на Владата, оваа Влада и на овие избори има легитимитет. Апсолутно има многу повеќе гласови од опозицијата. Мислам дека ништо драматично нема да се случи“, вели Тачи. Разликата во гласови, според него, е 100.000 во корист на владејачките партии наспроти опозицијата.
И првите луѓе на ДОМ и ЛДП, Маја Морачанин и Горан Милески, велат дека остануваат во власта. Тие на локалните збори настапија самостојно. „Пред да започне кампањата, кога го формиравме движењето ’Одлучно за промени’ кажавме дека сме дел од владејачкото мнозинство и дека мнозинството и владата се стабилни и не поддржуваме предвремени избори“, изјави Морачанин.
-повеќе на темата: По вториот круг - неизвесно трето полувреме
Пред средбата со Заев, таа рече дека тие нема да инсистираат тој да остане на чело на владата бидејќи тоа е негов личен став. Нејзините очекувања се на средбата да разговараат за тои кои се визиите за во иднина и за новиот премиер и влада, како и за тоа кои ќе бидат програмските определби на идната влада.
Заев синоќа порача дека и покрај неговата оставка, смета дека не треба да има вонредни избори. Но, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, по утринската координација со претседателот на Собранието, Талат Џафери, изјади дека доколку ВМРО-ДПМНЕ не успее да формира ново парламентарно мнозинство по оставката на премиерот Зоран Заев, тогаш треба да има нови предвремени парламентарни избори бидејќи власта е делегитимирана.