1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балтички тигар и балкански рис, во две силиконски долини

Тони Поповски
2 октомври 2021

Мнозинство од избирачите во Естонија се определуваат за умерени политики и политичари, со идеологија блиска на политичкиот центар. Овој избор се смета за еден од клучните чинители за успешен развој. Пишува Тони Поповски

https://p.dw.com/p/4174r
Tallin Hafen
Фотографија: picture-alliance/prisma

Бидејќи внатрешните дневнополитички теми редовно доминираат во медиумите, без соодветно внимание и дебата помина веста за иницијативата на САД, да помогнат во продлабочување на нашата структурна соработка со Естонија, овозможувајќи Естонија да прерасне во наш примарен „ментор“ и партнер во процесот на пристапување во ЕУ. Поддршката би се реализирала низ проекти спонзорирани од САД и Естонија, во различни области со цел да се забрза нашето приближување кон стандардите на Унијата. 

На оваа иницијатива се надоврза и одлуката на САД за седумкратно зголемување на помошта за нас, која нарасна на 56,6 милиони долари, насочени кон програми за намалување на корупцијата, како и за проекти за зајакнување на економската конкурентност и за зголемување на придонесот на младите во општеството. Проектите треба да се спроведат во наредните 4 - 5 години.  

Да се запознаеме подобро со нашиот потенцијален ментор 

Населението во Естонија е помало од нашето за една третина, иако во споредба со нас има безмалку двојно поголема површина и излегува на Балтичкото Mоре. Како и нашето, така и естонското општество е мултиетничко, со бројна руска етничка заедница (24.2%). Политичкото уредување ни е идентично - двете републики се унитарни парламентарни демократии.

Посуштинска разлика во споредба со нашата политичка сцена е што во естонското Собрание нема моноетнички партии на помалата руска заедница. Најсилна е Партијата на центарот, со централно – лева провиниенција, која се смета за популистичка партија со поддршка од најголем дел од бројната руска заедница. Оваа партија владее во моментов, заедно со Реформската партија која е позиционирана како либерален - десен центар. Покрај овие партии, застапени се и Конзервативната народна партија, која е десно ориентирана, етнонационалистичка и популистичка партија, партијата ИСАМА (Татковина), која е конзервативна, десна партија и членка на семејството на европските народни партии, како и Социјалдемократската партија која припаѓа на европските социјалисти и е членка на Социјалистичката интернационала.

Estland, Talinn I Premierministerin Katja Kallas
Каја Калас, премиерка на ЕстонијаФотографија: Raigo Pajula/AFP/Getty Images

Мнозинство од избирачите во Естонија се определуваат за умерени политики и политичари, со идеологија блиска на политичкиот центар, и овој избор се смета за еден од клучните чинители за успешна економска трансформација и впечатлив економски раст и развој на Естонија. Своевиден куриозитет е дека во моментов Естонија е единствена држава во светот со која „владеат“ две жени, лидерката на Реформската партија, Каја Калас, која оваа година го наследи лидерот на Партијата на Центарот на премиерската функција, и претседателката на Естонија, Керсти Калјуаид, избрана како кандидатка на партијата Татковина, но поддржана во моментов за втор мандат од естонските социјалдемократи. 

Балтичка силиконска долина и балтички тигар  

Номиналниот БДП на Естонија е безмалку трипати повисок од нашиот, а БДП по глава на жител дури петпати. Јавниот долг на Естонија е меѓу најниските во Унијата. Покрај внатрешната политичката умереност, структурната поврзаност со Република Финска, излезот на Балтичкото Море со метрополата Талин како едно од најголемите пристаништа,  инвестициите во модернизацијата на јавниот сектор, доброто владеење и компетитивноста на ИКТ индустријата, како и успешното апсорбирање на структурните фондови на ЕУ за капитални инвестиции, се сметаат како клучни двигатели на естонскиот просперитет. 

Естонија е трансформирана во е-општество, и подолг период е рекордер во Европа во дигитална достапност на услугите, овозможувајќи неверојатни 99% од нив да бидат испорачани на дигитален начин. На ова се надоврзува и последното рангирање на PISA, каде Естонија е на 5-то глобално место и на прво како најобразована држава во западниот свет. Естонија се смета за европска силиконска долина, и метрополата Талин долго време го има приматот на најдинамичен акцеларатор на старт-апи и мали бизниси. Имајќи предвид дека и кај нас, најголем стабилен раст во подолг период има ИКТ секторот, како подсектор на секторот услуги, силна и длабока соработка со сите релевантни чинители во Естонија, може да нѐ трансформира во балканска силиконска долина. 

Nordmazedonien Ex-Umweltminister Toni Popovski
Тони Поповски е архитект и поранешен министер за животна срединаФотографија: privat

Во предпандемиските 2018 и 2019 година, главен двигател на растот во Естонија биле градежништвото, производството, и професионалните, научни и технички економски активности. За силен подем на градежништвото директно придонел масивен инвестициски циклус, придвижен претежно со ЕУ средства, и се очекува и во наредните години, градежништвото да остане клучен двигател имајќи ја предвид „зелената обнова“ во комбинација со понатамошен развој на исклучително компетитивниот ИКТ сектор. Естонија има на располагање средства во висина од приближно 6,8 милијарди евра, од Инструментот за обнова на ЕУ, и веќе има поднесено детален план за повлекување на една милијарда евра. Критичен момент за наше опоравување и премин кон посилен раст е колку успешно ќе спроведеме нов инвестициски циклус, и притоа трансфер на естонските искуства и практики може да биде од суштинско значење. 

Естонската локална самоуправа како алтернативен модел за нас 

Естонија е административно поделена на 15 окрузи со кои администрираат гувернери именувани од централната власт, со мандат од 5 години. Поделбата била мотивирана од потребата да се апсорбираат доволно средства и поефективно да се реализира неопходната регионална капитална инфраструктура. Нашата територија е поделена на 8 плански региони со кои управуваат Совети на планските региони сочинети од градоначалниците на општините. Секој округ во Естонија е поделен на урбани и рурални општини и нивниот вкупен број е 79, со Талин како метропола со посебен статус. 15 општини се градови, а другите 64 се рурални општини. Ние имаме 80 општини и градот Скопје, со малку поголем број на рурални наспроти урбани општини. 

-претходни колумни: Како се трошат нашите пари во општините?

Талин е со население од близу 430.000 жители, но во него нема општини и целата одговорност за управување е сконцентрирана во Градоначалникот и Советот на градот.  Градот е поделен на осум области за кои се именувани административни раководители и совети. Овој концепт е алтернатива на уредувањето на Скопје како наша метропола, но треба да се има предвид дека естонското општество преферира поедноставни и попрактични решенија со концентрирање на одговорноста кај менаџерите во услови на воспоставен функционален систем за борба против корупција, наспроти компликувана структура на нашата метропола со 10 општини во свои граници.

За успехот на концептот на уредување и стилот на владеење со Талин, најдобро зборува неговата промоција за Зелена европска престолнина за 2023 година, надоврзана на претходната промоција за Европски град на културата во 2011 година. Според изјавата на европското жири, Талин импресионирал  со својот системски пристап кон зеленото владеење и меѓусебно поврзани стратешки цели, кои ги одразуваат амбициите на Европскиот зелен договор. Градоначалникот на Талин, Михаил Калварт, по тој повод изјавува: „Нашиот поттик не се само наслови и директиви, туку, пред сѐ, луѓето. За нас, зелен главен град значи дека Талин е привлечен, удобен и еколошки чист град на иднината“. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема