1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бајден и Македонија

17 декември 2020

Македонија може да очекува многу од администрацијата на Бајден, под услов да знае што сака од неа, превземе напори да дејствува навремено и ја предводи сопствената офанзива која секако ќе биде поддржана од Америка.

https://p.dw.com/p/3mr2C
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Македонија, како и сиот регион и Европа, очекува многу од следниот претседател на Соединетите Американски Држави. За разлика од останатите во регионот и Европа, Македонија не чини ништо за да самата придонесе кон сопствените очекувања од избраниот нов претседател Џозеф Бајден. Па така на инаугурацијата на 20 јануари 2021 во Вашингтон, Македонија ќе нема сопствен амбасадор  во присуство и искажување почит. Несериозност која тешко дека ќе биде надмината и во (барем) првото полугодие на претседавањето на Бајден.  Несериозност демонстрирана од истите ликови кои катадневно се колнат, крстат, клањаат во име на Америка, но не се спремни да го направат минимилниот гест на почит и уважување преку наоѓање соодветен, достоен дипломатски претставник кој ќе ги брани и промовите интересите на оваа земја. Оттаму, нашите очекувања од САД се ништо повеќе од Иншалах к'смет на мрзливи лемури качени на ритче и загледани во далечни простанства.

Од новата администрација можеме да очекуваме многу, да бараме уште повеќе, но секогаш имајќи на ум дека првите обврски на Бајден се кон сопствените граѓани и нивните очекувања кои се алармантни, со оглед на сеопштите состојби. И тоа ќе биде реалност во првото шестмесечие на владеењето на Бајден, како период на консолидација и соземање. Но тоа е воедно и период во кој ќе се возобновуваат стратешките глобални партнерства, потврдат транс-атлантските сојузништва, реафирмира политиката на доверба и соработка.

Америка нѐ мисли, се грижи и сака

Најточната дефиниција на нашата надворешна политика кон САД можеме да ја позајмиме од бисерот на Рамуш Харадинај според кој „надворешната политика и дипломатија на Косово е Вашингтон”. Логика која, на не толку директен и упикувачки начин, ја потврди неодамна и нашата министерка за одбрана со истакнувањето на Филип Рикер како „наш амбасадор во Стејт департментот”. Во име на таа, навидум хипер-пријателска блискост и партнерство, Македонија си наоѓа изговор за сопственото отсуство во случувањата во престолнината на САД, нејзините институции и јавност. Комотната и комфорна наратива  дека „Америка нѐ мисли, се грижи и сака” е податлива за лечење на сопствената нечиста совест, но во целосна контрадикција со барањата на стратешките партнери сублимирани во пораките „помогнете ни малку за да ви помогнеме многу”. 

Македонија може да очекува многу од администрацијата на Бајден, под услов да знае што сака од неа, превземе напори да дејствува навремено и ја предводи сопствената офанзива која секако ќе биде поддржана од Америка. За жал, со оглед на состојбите, службено Скопје не дава назнаки дека е во состојба да испорача било што од наведеното. Првиот предизвик во тој однос Скопје – Вашингтон е длабокиот расчекор кој се огледува во очекувањата и замислите на двете страни, т.е. во македонското тактичко-статично поимање на САД како заштитник и американското стратешко-концептуално барање да Македонија конечно биде силен, консолидиран, самостоен, истраен сојузник. Причината за тој расчекор е во експлоатацијата на САД за домашни состојби, во контрадикција со аспирациите на САД за градење на Македонија како, да речеме, мала, но истренирана, екипирана фрегата во склоп на големата флота и ескадрила на НАТО.

Време е да застанеш на свои нозе

За волја на вистината, добар дел од вината за оваа дисхармоничност сепак лежи кај нашите партнери во Америка. Кои порано или подоцна, ќе мора да и стават крај на таа само-деструктивна зависност која ја атрофира нашата одговорност и кон Македонија настапат со строга родителска доза на тврда-љубов и порака дека „време е да застанеш на свои нозе”. За нас е од големо значење и важност што речиси два месеци пред инаугурацијата, сојузниците на Бајден во Конгресот и K-Street свикуваат состанок за дебатирање на состојбите во Балканот и ги исцртуваат препораките околу правците на дејствување на новата администрација. Исказите на Медлин Олбрајт, Даниел Сервер, Јануш Бугајски, Елиот Енџел не предизвикаа преголемо внимание во нашата јавност. За разлика од лавината коментари и реакции од белградските и московските гласила кои далеку подобро и позагрижено ја препознаваат моќта и влијанието на овие пријатели врз регионот, вклучувајќи го и новиот шеф на дипломатијата Ентони Блинкен.

Други колумни од авторот:

Пукнавме од мака

Три масакри и злосторството кое трае

Заев отаде зенитот

Крвавите раце на добриот војник Тито

Во тој листинг на имиња се препознава институционалната меморија на Вашингтон за случувањата во регионот, која единствено се парира и надминува од самиот Џо Бајден. Кој со своето директно познавање и вклученост во настаните безмалку може да се кандидира за добивање државјанство од било која република на екс-СФРЈ. Таквата вклученост на искуство, експертиза, меморија па дури и емотивна наклонетост на највисоко ниво кон регионот и Македонија е без преседан во односите помеѓу САД и Балканот.

Дали сме спремни?

Причина за оптимизам, но уште повеќе потттик да навремено, одговорно и сеопфатно ја искористиме можноста во полза на нашите побарувања и во согласност со интересите на САД, НАТО и ЕУ. Дали сме спремни да ги искористиме овие непроценливи погодности? Дали сме озбилни во нашиот одност кон оваа подадена можност? Судејќи по тоа што нема никаква дебата ниту притисок на јавноста околу именување на нов амбасадор во САД – не сме ниту приближно сериозни и одговорни. Ниту кон САД, уште помалку кон себе.

Успешноста на САД во пристапот кон регионот ќе биде условена од нивната спремност да ги увидат сопствените пропусти и ги согледаат реалностите какви што се. Од тој аспект, вреди да се потсетиме дека најголемите достигнувања на САД во регионот во последните триесет години се резултат на институционалното стратешко планирање дома и креативно, булдожерско дејствување на теренот. Евидентно, Вашингтон нема дефицит на домашно познавање на балканските состојби. Но искуствата со Ричард Холбрук (Дејтон, Косово), Хојт Ји (Македонија-Грција), па дури и Ричард Гренел (Косово – Србија) укажуваат на тоа дека пораките на Вашингтон и нивната имплементација во регионот најдобро и најефективно се пренесуваат и извршуваат кога се доверени на ликови со не премногу дипломатско искуство во регионот, или пак на сосема недипломатски ликови.

Од друга страна, вложувањето надежи во ликови (како Метју Палмер, Филип Рикер) со децениски искуства на дружење, јаранење, братимење со локалните демагози, коруптократи и клиентелисти не произведува премногу исчекор надвор од рутината на стабилократичноста. На САД и Балканот не им се потребни познавачи на состојбите зачаурени во бескрајните комбинаторики, заглавени во логиката на персонални решенија за дневно-политичко балансирања и со генерално циничен поглед врз регионот како сафари екскурзија во егзотика и носталгија за сопствената младост. Уште помалку се потребни дипломати заслепени од „блискоста и битноста на овој или оној лик”, секогаш спремни да понудат 999 причини за држење на статус-кво и алармирање за нус-ефектите од тој еден фактор на промени. Она што е потребно во овој час е дрскоста на еден Холбрук и неговата неимпресионираност од домашните „многу важни фактори”, еден Хојт Ји и неговата ефективност во наоѓање заеднички именители за постигнување согласности, па нека биде и еден Гренел со неговата аутсајдерска амбициозност во понижување на балканскиот лидерски мачизам. Затоа, please, дајте повеќе американски пионерски дух и помалку вашингтонски Европејци во филм на Хемингвеј во Шпанија и Фицџералд во Париз.

Македонија може и тоа како да биде успешна приказна

Доколку Ангела Меркел мораше да ја прифати улогата на чувар на трансатлантизмот и демократијата во времињата на Трамп, следниот претседател на САД ќе мора да ја превземе улогата на чувар на европската кохезија во време на транзицијата од Меркел кон следниот канцелар на Германија. Во склоп на таа наследена контекстуалност, Бајден би требало да ја продолжи иницијативата на Берлин кон кооптирање на Балканот во полит-економската заедница на ЕУ и инсистира на заокружувањето на безбедносниот НАТО пакет во регионот. Повикот на Олбрајт за јакнење на оската Вашингтон -  Берлин – Лондон е секако за поздравување како замисла базирана врз поранешни успешни иницијативи. Која во примерот на Македонија треба да се преслика во надградба на институционалното партнерство во НАТО преку јакнење на општествената доверба во безбедносната, економска, политичка интерконекција во Јужното крило на НАТО. Националната сувереност на земјите членки треба да биде паралелно засилена со општествената свест дека безбедноста на Македонија не започнува и завршува на Деве Баир и Ќафасан, туку дека со сопствено учество, соработка и присутност се простира до Варна и Драч и Пирејскиот Залив. Впрочем, познатата изговорна декларативност на национал-политичките лидери дека „ќе се обединиме во рамките на ЕУ” првично треба да биде подложена на тест и проверка во рамките на „обединувањето во рамките на НАТО”.

Македонија и нејзините претставници треба да научат да размислуваат "out of the box” во нудењето на решенија за сопствените предизвици, но секогаш базирано врз "inside the family” сподделените интереси на сојузништвата на кои им припаѓа. Нашата сегашна разочараност за она што не го добивме не смее да не заслепи пред можностите кои ни претстојат и се повеќе од поволни за нас. Нашата докажана миопичност во спорот со Грција, диктирана од алчноста за час побрзо доаѓање на власт, не треба да се повтори и во односот кон Бугарија преку несогледување на спорот како можност за добивање а не само пречка за зачувување. Доколку сакаме да се препуштиме на плачливата самосожаливост – тоа е прерогатив кој никој нема да може да ни го ускрати. Но доколку се соземеме и повнимателно ги согледаме можностите кои се исцртуваат пред нас, ги пожнееме поволните ветришта во наши eдра и ги искористиме вистинските пријатели за добро на сите а не за рејтинг на поединци -  Македонија може и тоа како да биде успешна приказна. САД го избраа Бајден како нужност за промени. Од нас зависи дали ќе го искористиме. 

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач