1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бегалците во Италија ни на небо ни на земја

Меган Вилијамс / СН18 јули 2015

Секој ден илјадници бегалци преку Средоземното море пристигнуваат во Италија. Се надеваат на подобра иднина на северот на Европа. Но ЕУ не може да постигне согласност за нивното прифаќање.

https://p.dw.com/p/1Fm1h
Фотографија: DW/Megan Williams

Во прашливиот дел зад железничката станица Трибутина во Рим, еден вилушкар ја чисти земјата од ситни грмушки за да се добие повеќе простор за нови шатори. Работниците одат на работа, момчиња во близината играат фудбал додека мигрантите безволно седат на пластични столови пред своите шатори.

Даниеле Алојзи, 23-годишен волонтер, стои покрај еден шатор на Црвениот крст и ги поздравува исцрпените мигранти. Голем дел од нив доаѓаат од Еритреја, Судан и Сомалија, а речиси сите имаат здравствени проблеми. „Многумина од нив сакаат да одат на север. Но границите се затворени, така што не можат да одат понатаму“, вели тој.

Во ЕУ политичарите спорат околу тоа колку бегалци да бидат примени. Така Франција ги затвори своите граници за мигрантите кои евентуално во иднина би дошле од Италија. Министрите од ЕУ во Луксембург неодамна не успеаја да се договорат, според клучот кој го предложи Италија, бегалците рамномерно да бидат распоредени во земјите во ЕУ.

Италијанскиот премиер Матео Ренци се чувствува принуден да се закани: Италија на секој кој ќе биде спасен во Средоземјето ќе му даде документи со кои ќе може да оди понатаму во Европа. Но, ова најверојатно би можело да биде само празна закана.

Italien Flüchtlinge in Rom GERINGE AUFLÖSUNG
Бегалец на улиците на РимФотографија: DW/Megan Williams

Да се напушти Италија

Младите кои се шетаат наоколу не сакаат ни да ги фотографираме ниту да дадат какви било изјави. Многумина се плашат да го откријат идентитетот. Бидејќи, ако им се земат отисоци тоа докажува дека во Европа дошле преку Италија, а таму не сакаат никако да останат.

Едно високо и слабо момче од Еритреја се осмелува да зборува, но ни тој не сака да му се спомене името, ниту да биде фотографиран. „По се’ што преживеав не сакам натамошни проблеми“, објаснува нервозно. Дошол со стотина други мигранти од Еритреја до Либија. Биле сместени на еден имот во близината на Триполи. Тој морал таму да остане се’ додека неговото семејство не исплатило 1.850 евра за превоз во Италија. На бродот поминал 15 часа додека не ги спасил еден италијански брод и не ги довел до пристаништето Агриџенто на Сицилија. Сега чека да отпатува во Шведска, каде се наоѓа неговата мајка.

Разаде пак нема никого во Европа и со задоволство би предал барање за азил во Германија. Таму има работа, барем така слушнал. „Но кога купив карта за автобус до Берлин кондуктерот ме исфрли бидејќи немав документи“, раскажува тој. Чувството на отфрлање ова момче го дели со илјадници други бегалци, кои бараат заштита во Баобаб-центарот. Овој центар вложува напори бегалците кои сакаат да одат на северот на Европа да ги обезбеди со храна и да им пружи неопходна медицинска помош.

Italien Flüchtlinge in Rom Baobab Center
Бегалскиот центар Баобаб во РимФотографија: DW/Megan Williams

Два континента - еден проблем

Децата си играат во близината на овој центар додека заморените родители спијат на тротоарот пред купот донирана облека. Ема Векијо раководи со хуманитарната организација Каза Африка. Се жали на лошата организација. „Тука секојдневно доаѓаат над 700 луѓе, а нема доволно простор. Тука не можат ни да спијат“, објаснува по малку тажна.

На прашањето што треба Европа да стори, Ема не размислува долго: Европа би требало повеќе да соработува со африканските држави за се завршат војните и да се поттикне развојот. „А на овие луѓе овде“, раскажува Векија и покажува на бегалците, „би требало да им се овозможи образование. А истовремено во Африка да се започнат проекти за да можат да се вратат назат.“

Сепак, работите во моментов изгледаат вака: бранот на бегалци изгледа нема наскоро да запре. И претходните недели се спасени стотици лица пред италијанскиот брег.