Берлин: Маратонски преговори без договор за влада
17 ноември 2017Маратонскиот состанок во Берлин, кој заврши во 4:30 часот утрово, не го донесе посакуваниот пробив во сондирачките преговори за нова влада. Некои од учесниците по завршената седница изразија оптимизам за натамошните преговори, кои продолжуваат денеска, некои излегоа само со лаконски одговори- нема ништо ново во поглед на формирање влада. Партијата на зелените и Христијанско-социјалната унија жестоко спорат околу правата на бегалците во Германија на спојување на семејства, односно на дојдените бегалци да им се придружат членови на семејствата останати во татковината, а камен на сопнување е и заштитата на климата и финансиската политика. Овие се како најспорни најчесто споменувани точки, иако многу политичари велат дека всушност не е постигната согласност ниту за една спорна тема.
Канцеларката Ангела Меркел кратко изјави: „Ќе продолжиме со разговори“, а најголем оптимизам се чувствуваше кај шефот на Либералите, Кристијан Линднер, според него не недостига многу до пробив и сега од сите се бара максимална трпеливост. Иако, токму тој минатата недела прв ја спомена можноста од одржување нови избори, самоуверено дополнувајќи дека ФДП не се плаши од таква можност. Преговорите ќе продолжат денеска, откако учесниците малку ќе се одморат.
Преговарачка тактика?
Либералите вистински немаат што да загубат - имаат можност да учествуваат во владата, но можат и да се профилираат како бескомпромисна опозициска партија со добри изгледи на следните избори. Тоа е опцијата која Линднер ја изнесе без заобиколувања, дури фалејќи се дека е подготвен да ги претрпи сите критики и бурата која би се подигнала, свесен дека бескомпромисноста секогаш добро проаѓа кај гласачите.
Од другастрана, внесувањето во игра на евентуални нови избори, можно е да е само дел од преговарачката стратегија. Либералите се свесни за тоа дека Зелените и Унијата по секоја цена сакаат формирање Јамајка коалиција, без оглед на сите разлики.
Никој не сака да прогнозира уште колку можат да се пролонгираат сондирачките преговори.