1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлин носи кипа: Собири во Германија против антисемитизмот

Давид Доншен (РББ)
26 април 2018

Медиумите постојано известуваат за насилнички напади врз Евреи во Германија. Еврејската заедница во Берлин повика на собир на солидарност против антисемитизмот под мото „Берлин носи кипа“. Собири имаше и во други градови

https://p.dw.com/p/2whIo
Deutschland Demonstration gegen Antisemitismus in Berlin | Berlin wears kippa
Фотографија: Reuters/F. Bensch

Жолти, зелени, со точки, црни и еврејски капи од рачно производство - вчеравечер кипа носеа и Евреите и не-Евреите. Меѓу нив имаше и муслимански жени со шамии и луѓе со капи од други вери. На собирот „Берлин носи кипа“ се собраа повеќе од две илјади луѓе, меѓу нив и претставници на сите пратенички групи во Бундестагот. Сите сакаа да ја изразат својата солидарност со еврејската заедница.

„Јас сум христијанин. Библијата, Исус, за сѐ треба да му благодариме на еврејството. И, како Германец, многу ми е важно да дадам сигнал против лудилото на антијудаизмот. Неможам да ги сфатам луѓето кои носат таква омраза во себе. Тоа секогаш одново ме вџашува, сеедно каде се случува“, вели Волф-Мартин Рост.

Deutschland Demonstration gegen Antisemitismus in Berlin | Berlin wears kippa
Фотографија: Reuters/F. Bensch

Во говорите на собирот беше речено дека е недозволиво да се биде нападнат среде улица затоа што се носат еврејски симболи. Минатата недела во Берлин двајца мажи беа нападнати од еден сириски бегалец со ремен затоа што носеле кипа на главата.

Овој напад беше повод за собирот на солидарност во Берлин и другите германски градови. Претседателот на Централниот совет на Евреите, Јозеф Шустер, предупреди на опасноста од антисемитистички напади:

Deutschland Berlin wears kippa | Protest gegen Antisemitismus | Josef Schuster, Zentralrat der Juden
Јозеф Шустер, претседател на Централниот совет на Евреите во ГерманијаФотографија: Reuters/F. Bensch

„Родителите Евреи на своите ќерки им советуваат да го сокријат под пуловер ѓерданот со Давидовата ѕвезда кога се возат во подземната железница. Тоа, мои дами и господа, е реалноста во Германија во 2018 година. Затоа овде велам сосема јасно: не смее да има 'Продолжуваме како досега'.“

Шустер претходно предизвика дискусии со својата изјава дека не би им препорачал на Евреите со кипа да се движат сами низ големите германски градови. Некои имаат разбирање за ваквиот став. Други пледираат за похрабар и посамосвесен однос кон еврејската капа. Таков е и Мајк Делберг од Еврејската заедница Берлин:

„Јас мислам дека ако сакаш да носиш кипа треба да ја носиш. Не треба да се криеш само поради страв дека нешто би можело да се случи. Јасно е дека треба да се биде и претпазлив. Живееме во свет, во кој носењето кипа може да се сфати како провокација или повод за насилство. Јас сепак и натаму ќе ја носам.“

Повеќе: Насилство против Евреите? Германија мора да пресече!

На собирот се водеше и дискусија од каде доаѓа антисемитизимот во Германија, кој сега засилено излегува на површина. Според Мајк Делберг, работите малку се промениле откако во Германија во текот на изминатите години пристигнаа муслимански бегалци:

„Мислам дека најновиот случај им направи мечкина услуга на бегалците. Но, мора да кажам дека антисемитизам имаше и претходно, го имаше во заедниците на мигрантите, но и на десничарската и левичарската политичка сцена. Тука ништо не е променето. Сега, за жал, само стана поотворен и тоа ме загрижува.“