„Берлин цврсто против размена на територии“
1 септември 2018Промена на граници и размена на територии е сѐ почест дискурс во дневната политика во последните недели. И тоа не само на Балкан, каде тоа евентуално би требало да се случи, туку и во официјален Берлин и во Брисел.
Бодо Вебер, германски политиколог и експерт за Балкан, вака ја интерпретира изјавата на германската канцеларка Ангела Меркел по неодамнешната посета на хрватскиот премиер Пленковиќ на Берлин- „Германија цврсто ќе стои на своите позиции и нема да има промена на граници на Балкан, поделба на Косово или пак размена на територии.“
Вебер за Дојче веле нагласува дека тоа е централната порака, иако, признава дека изјавата на Ангела Меркел била „нешто помека отколку на 13. август.“ Имено, германската канцеларка тогаш, по состанокот со претседавачот со Советот на министри на БиХ, Денис Звиздиќ, изјави дека „територијалниот интегритет на земјите од Западен Балкан е утврден и недопирлив“. „И тоа мора постојано да се повторува, зашто континуирано постојат стремежи сепак да се зборува за границите. Тоа не можеме да го правиме“, изјави тогаш Меркел.
Повеќе на темата:
Размена на територии - враќање во Среден век
Косово и Република Српска во ист кош?
Промена на граници: Опасност од пожар на Балканот
„Федерика Могерини го доведе дијалогот во криза“
Па сепак, и натаму се зборува за промени на граници. Вебер смета дека промената граници е сосема непотребна, со оглед на тоа што „дијалогот имаше голем успех во 2013. година, кога Србија беше речиси доведена дотаму да признае дека остана без Косово, доколку Косово изрази желба да се интегрира во Европската унија.“
Германскиот експерт во разговор за Дојче веле смета дека високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини е таа која дијалогот го довела во криза. „Резултат на таа криза е што паднаа сите црвени линии, односно што не се реагира на преминувањето на црвени линии, што зборува за слабоста на ЕУ.“
Бодо Вебер го истакнува обидот на Белград работите да ги врати на состојбата пред 2013. година - со идеи за размена на територии, компромис меѓу Србија и Косово и со тоа да не признава дека Србија остана без Косово.
Разорувачко влијание на Трамп
„Меѓутоа, занимливо е што тие идеи поминуваат во Брисел и во САД“, вели Вебер.
„Тоа не е толку изненадувачки во поглед на администрацијата на Трамп, зашто тој се заканува со уништување на поредокот на чие градење Западот заеднички макотрпно работеше 30 години - да не дозволи разграничување според енто-територијални принципи. Уште во текот на распадот на Југославија, се работеше на тоа земјите да се разграничат според федеративните граници, но со силни права за малцинствата, што беше основен принцип. Овде тоа сега практично се укинува преку ноќ“, истакнува Вебер.
ЕУ немоќна ако се договорат Белград и Приштина?
Германскиот политиколог Вебер мисли дека е „демонстрирана слабост на Западот во однос на сите можни националисти на Балкан. Тие, веднаш по победата на Трамп, се понадеваа во исполнување на своите националистички агенди од 90-те.“
„Прашање е што мислеа Вучиќ, Тачи и Могерини? Дали тие вистински мислат дека тоа ќе можат да го спроведат? Нема. Германија во тој поглед нема да се помести од своите позиции. А тоа значи дека спогодбата за размена на територии или поделби, дури и ако се договорат Белград и Приштина, нема да помине во Брисел. Во екстремен случај, ако дојде до конфликт, Берлин ќе го стопира процесот на пристапување на Србија, како и на Косово на ЕУ“, дециден е Вебер.