Биланс на „Големата коалиција“
2 септември 2009Белки не мислите сериозно, дека социјалдемократите би прифатиле влада под Ваше водство? - и’ довикна Герхард Шредер на неговата подоцнежна наследничка, Ангела Меркел уште вечерта на изборите, во септември 2005 година. Се случи поинаку. Не само што беше формирана црно-црвена коалиција од ЦДУ/ЦСУ и СПД, туку - и покрај сиот песимизам - таа опстоја еден цел регуларен легислативен период. Петер Штрук, шеф на пратеничката група на СПД, кој се повлекува од политиката, на крајот дури најде и пофални зборови: „Големата коалиција може да се пофали со она што го постигна - пред се’ во оваа економска и криза на финансискиот пазар.“
Банкарската криза принуди на акција
Банкарската криза навистина беше најсветлиот момент на владата, која инаку дејствуваше неинспиративно. Притоа, црвено-црната коалиција самата придонесе за развојот на кризата со тоа што ги допушти т.н. иновативни финансиски продукти.
Но, дури невојлата изнуди заедничко и брзо постапување. Коалиционерите беа принудени да ги турнат настрана идеолошките задршки, а двотретинското мнозинство во Бундестагот се покажа како предност: беа усвоени конјунктурни пакети - спасувачките појаси за банките, потоа ограничувања на менаџерските плати, дури и подржавување на банката за недвижнини „Хипо риал естејт“, релевантна за системот. Инаку, владиниот сојуз, наскоро по преземањето на власта, страдаше од настојувањата на секој од парнерите да се доведе себе си во подобра позиција, пред се’ за наредните избори.
Победникот се вика Ангела Меркел
Настапите на Меркел по црвените теписи низ светот предизвикуваа публицитет, на незадоволство на социјалдемократите, кои во тоа гледаа загрозување на нивната надлежност за надворешната политика. Како спасител на светската клима, канцеларката позираше во црвена зимска јакна на Гренланд, додека дома министерот за екологија Зигмар Габриел залудно се бореше со „покраинските кнезови“ од Унијата за единствен законик за екологија на сојузно ниво. Канцеларката од ЦДУ шета по сончевата палуба, додека СПД р’мба во утробата на бродот, се лутеше министерот за труд и социјална политика и вицеканцелар Франц Минтеферинг од СПД, кој подоцна поднесе оставка од лични причини.
Како сив превез над големата коалиција висеа завист поради успехот на другиот, идеолошки престрелки, туркање околу компетенциите и се’ на се’ блед кадар - со исклучок на министерот за финансии Пеер Штајнбрик. Само канцеларката се воодушевуваше од „многу добриот биланс“. Не е ни чудо, оти според сите анкети, таа е јасен победник од четирите години заедничко владеење со социјалдемократите. „Во една голема коалиција успеваат политичари, кои не се баста-типови и освен тоа не ја отвораат премногу и пречесто устата“, забележа Курт Кистер, коментатор и заменик главен уредник на реномираниот „Зиддојче цајтунг“, алудирајќи на зборовите и методот на Герхард Шредер.
Наклонетоста на Меркел да ги урамнотежува разликите, наместо да одлучува, и нејзината политика на „мали чекори“ го осигураа опстанокот на коалицијата. Нејзиниот единствен голем реформски проект - здравствената реформа, успеа само про форма. Реално, меѓутоа, пропадна обидот законското здравствено осигурување - со тоа и здравствениот систем, да бидат поставени врз солидна финансиска основа, и тоа не само затоа што и натаму растат придонесите за здравствено осигурување.
Импулси за семејството и интеграцијата
Сепак, црно-црвената коалиција постави и некои знаци за иднината - во семејната политика со воведувањето платено 14-месечно трудничко отсуство за еден од родителите, и со проширувањето на згрижувањето на децата. Подобрата интеграција на доселениците и дијалогот со сограѓаните-муслимани го носи потписот на Унијата, исто како и заостреното постапување во внатрешната безбедност.
Спорното покачување на старосната граница за одење во пензија на 67 години и’ се припишува на СПД, исто како и утврдувањето минимални плати за некои бранши. Вака погледнато, билансот на владата севкупно не е толку лош, колку што го претставува шефот на либералите Гидо Вестервеле. Тој во Бундестагот зајадливо забележа дека од оваа коалиција во сеќавање во најдобар случај ќе останат петте милијарди евра за расходување на стари автомобили.
Автор: Бернд Греслер/ Александра Трајковска
Редактор: Жана Ацеска