1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

БиХ: Млада држава, а одамна пропадната

Томас Брај
6 март 2022

Пред три децении, со референдумот бојкотиран од Србите, беа удрени темелите на независна Босна и Херцеговина. Државата се уште не функционира, пишува за ДВ Томас Брај, долгогодишен дописник на агенцијата ДПА од регионот.

https://p.dw.com/p/47kGg
Bosnien-Herzegowina Dayton Demonstration Sarajevo
Фотографија: picture alliance/AFP

Внатрешната поделеност во Босна и Херцеговина стана уште поочигледна во случајот со руската агресија врз Украина. Додека Бошњаците и Хрватите остро ја осудија инвазијата, Србите покажаа разбирање за Москва.

Веќе овде се гледа основниот проблем, кој дури го засени и основачкиот акт на новата држава: на 1 март 1992 година речиси сто проценти од населението гласаше за независност. Сепак, Србите, кои сочинуваа околу една третина од населението, го бојкотираа референдумот.

Нивната реакција беше да ја прогласат Република Српска за држава надвор од БиХ. Следеше крвава граѓанска војна со повеќе од 100.000 убиени и 2,3 милиони протерани. Воената интервенција на НАТО ги принуди трите страни во конфликтот да седнат на преговарачка маса во 1995 година и им наметна мировен договор.

Старите проблеми повторно се влошија

Сепак, уставот наметнат од САД и ЕУ доведе до крај на војната, но не донесе помирување. Комплицираната структура на државата од старт не ветуваше ништо добро. Србите добија половина од земјата, која има многу широка автономија. Другата половина ја делат Бошњаците - кои сочинуваат околу половина од населението - и Хрватите се околу 15 проценти.

Но, тоа не е се! Босанско-хрватскиот дел од земјата беше поделен на десет други кантони, кои имаа големи овластувања. Конечно, беше формиран округот Брчко на северот на земјата, заеднички управуван од двата ентитета.

Надуената јавна администрација, која произлезе од тоа,  го проголта најголемиот дел од буџетот. Националистичките партии, кои доминираа од самиот почеток, го подбуцнуваа населението. Под заштита на овие популистички лажни битки, тие меѓусебно ги делеа јавните ресурси: некои добија големи државни компании, други јавна електроенергетска мрежа, управување со патиштата и железницата, јавни банки, моќни медиуми или државна лотарија.

Оваа поделба на националното богатство ја потхрануваше распространетата корупција и непотизмот, кои, по правило, минуваат неказнето. Затоа што и судството е под туторство на националистичките политички елити.

ЕУ и САД џабе даваа пари

Со многу милијарди евра и армија дипломати и експерти, САД, а пред се ЕУ, од самиот почеток се обидуваат да ја одржат младата држава. Но, обидите за реформи и економски развој претрпеа удари, со оглед на политичкото мочуриште.

Неодамна поранешниот германски министер за земјоделство, Кристијан Шмит, кој беше назначен за висок претставник , доживеа вистинско фијаско во Сараево минатиот август. Во ноември минатата година не му беше дозволено да зборува во Советот за безбедност на ОН, како што беше случајот со неговите претходници со децении.

Русија како членка на Советот за безбедност со право на вето не го признава Шмит, како ни босанските Срби, кои даваат се од себе јавно да го исмеваат.

Paris Beifall Friedensvertrag
Милошевиќ, Туѓман и Изетбеговиќ го ратификуваат Дејтонскиот договор во Елисејската палата. Фотографија: picture-alliance/dpa/epa/G. Julien

Србите, на чело со Милорад Додик, се обидуваат посилно од кога било да го освојат својот дел од земјата. Создавањето своја Агенција за лекови и подготовката за сопственото судство, даночниот систем и војската очигледно се само преодни чекори на тој пат.

Сепак, како што е најавено, ЕУ не може да го казни Додик со санкции за деструктивна политика, бидејќи има моќни сојузници во членките на ЕУ, Унгарија и Хрватска. Хрватска го има предвид своето малцинство во Босна и Херцеговина. Заедно со босанските Срби сака да го смени Изборниот закон во нејзина полза.

Пратениците од Вашингтон и од Брисел со месеци се ракуваат во Сараево. Тие сакаат трите скарани нации да ги  доведат до компромис во долготрајниот конфликт што ја блокира целата земја. Сите досегашни напори беа залудни. Хрватите и Србите сакаат да ги прошират правата на своите народи во Босна и Херцеговина. Од друга страна, Бошњаците се стремат кон граѓанска држава заснована на мотото „еден човек - еден глас“.

Мрачни изгледи

Денес поради нерешени спорови се почесто се употребува зборот „војна“. Сепак, воените конфликти се малку веројатни. За таков судир нема ниту луѓе, ниту тешко вооружување. Но, социјално и економски осиромашената земја крвари поради масовниот егзодус на граѓаните.

Пред војната овде живееле 4,4 милиони луѓе, денес се проценува дека има 2,6 милиони. Со оглед на ескападите на политичките лидери, луѓето веројатно ќе продолжат да бегаат во странство.

Минатата година граѓаните беа сведоци на бајковитата венчавка на Јасмина Изетбеговиќ, ќерката на водечкиот бошњачки политичар Бакир Изетбеговиќ. Во исто време, хрватскиот водечки политичар Драган Човиќ го прослави својот 65-ти роденден. Човиќ, кој потекнува од сиромашно семејство, нареди да се осмисли имагинативен и хералдички семеен грб, што предизвика потсмев кај многумина.

Загрепскиот „Јутарњи лист“ го вклули алармот поради помпезните семејни прослави во услови на горчлива сиромаштија на населението: „Националистичките и мафијашките елити повеќе не мислат дека треба да го кријат она што го зеле“.