1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Богатите шеици влегоа во „Дајмлер“

24 март 2009

Рака под рака со богатиот арапски инвеститор, „Дајмлер“ ќе бара излез од кризата во автомобилската бранша. Од Блискиот Исток се слејаа 2 милијарди евра за 9.1 насто од акциите на компанијата.

https://p.dw.com/p/HIOt
„Дајмлер“ најде долгорочен инвеститорФотографија: DW

„Дајмлер“ конечно најде добар, долгорочен инвеститор. Сега, и покрај кризата во автомобилската индустрија, компанијата може да се посвети на разојот на модерните технологии, изјави нејзиниот шеф, Дитер Цече во Штутгарт. Шефот на државниот инвестициски фонд „Абар“, Кадем Ал Кубаси, пак, убедуваше дека „Дајмлер“ може да се потпре на новиот партнер. „Ова е долгорочна инвестиција. Најверојатно, толку долга, колку што ќе постои Абу Даби“.

„Дајмлер“ би требало да го искористи свежо слеаниот капитал во развојот на новите технологии, смета експертот од автомобилската бранша, Вили Диц. Тој смета дека компанијата треба посебно да се насочи кон оптимирање на моторите на согорување, и да се концентрира на развојот на автомобил на електричен погон.

Од друга страна, експертот Вили Диц смета дека можноста „Дајмлер“ да ги искористи парите за преземање на „Опел“ е малку веројатна. „Ако едно претпријатие во сите свои фабрики има вработено работници на одреден временски рок, не гледам зошто би сакало да купи уште една фабрика“, вели Диц. „Сметам дека тоа би било стратешки погрешно. ’Дајмлер’ има доволно капацитети“.

Освен ова, компанијата планира да отвори нова фабрика за „Мерцедес“ во Унгарија. Од 2012 година таму би требало да се произведуваат моделите А и Б класа, како и нивните наследници.

Консултации со шеиците

Deutschland Auto Daimler Pressekonferenz in Stuttgart
Во иднина потесна соработка со арапските инвеститори - Дитер Цече и Кадем Ал КубасиФотографија: AP
Сепак, шефот на „Дајмлер“, Дитер Цече, мора да се навикне дека и богатите шеици во иднина ќе мора да бидат консултирани за плановите и стратегиите на фирмата. Тој би требало секој месец, или барем еднаш во три месеци да разговара со претставници на фондот од Абу Даби, најави неговиот шеф, Кадем Ал Кубаси.

Со влегувањето на инвестицијата од Абу Даби во „Дајмлер“, се минимизира опасноста во компанијата да се влеат т.н. хеџ-фондови, кои не се заинтересирани за долгорочни инвестиции и кои би можеле само да му наштетат на „Дајмлер“. „Компанијата беше една од оние чија вредност најмногу опадна на берзите“, вели Диц. Во споредба со есента 2007, вредноста на акциите на „Дајмлер“ опадна за три четвртини, или цели дваесет милијарди евра. Ова ни оддалеку не ја отсликува вистинската вредност на „Дајмлер“. Авто-производителот претходно имаше само еден голем инвеститор, Кувајт. Сега, со Абу Даби, двата емирати поседуваат шеснаесет насто од акциите на фирмата.

Извор: ДПА Обработка: Трајче Тосев

Редактура: Симе Недевски