1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Болничките капацитети полни, кадрите истоштени

17 јуни 2020

Капацитети има, кадар се помалку. Здравствените работници се изморени, дел го плаќаат данокот на вирусот, а состојбата „се крпи“ со ротации на кадри од други болници.

https://p.dw.com/p/3du4e
Nordmazedonien | Coronavirus | Pandemie
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Даваме се од себе, не се откажуваме, но преморени сме. Ова е најчестата изјава на здравствените работници кои повеќе од три месеци се на работните места каде секојдневно се води битката со коронавирусот. Зголемениот број на заразени од Ковид- 19 од почетокот на јуни, како што велат, не им дал можност „да земат здив".

Болничките капацитети секојдневно се  полнат. Во Градската општа болница „8 Септември“ хоспитализирани се 120 пациенти, на Клиниката за инфективни болести 90, во битолската болница 27, во штипската 21 пациент. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово и Прилеп се хоспитализирани над 70 пациенти.

Вирусот од вчера влезе и во осмата текстилна фабрика во Штип, каде се регистрирани три случаи позитивни на Ковид-19, а уште десетина работници се ставени во изолација. Загрижувача е и состојбата во Ресен. Од општина без ниту еден заболен во изминатите три месеци, семејна прослава на православниот  празник Спасовден, создаде нов кластер на заразени. За една недела се регистрирани 32 лица позитивни на Ковид-19, а во изолација се уште 110 кои имале контакт со нив. Едно лице пред четири дена почина во битолската болница.

Nordmazedonien | Coronavirus | Pandemie
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Потребни кадри со искуство

На инфективните одделенија во болниците каде што има можност да се прошират капацитетите за прием на новозаразени, се соочуваат со друг проблем - нема соодветен средномедицински кадар, со искуство за вакви состојби. Таков е случајот во Куманово, каде има заболени здравствени работници од досегашните тимови.

И не само таму. Во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје, тројца анестезиолози, тројца интернисти, 25 медицински сестри, и пет болничари се заразени со коронавирус, објави МИА повикувајќи се на информации од Министерството за здравство. На Клиниката за инфективни болести заразени се двајца здравствени работници. 

Повеќе:

-Комисијата ќе го анализира растот на новозаболени

-Министерството за здравство ќе ги објавува имињата на оние кои одат во изолација

-Владата ги отворa границите- каде може да се патува?

Овие две јавни здравствени установи изминатите денови беа засилени со кадар. По систем на ротација на Инфективната клиника дојдени се пет лекари - тројца од клиниките за кардиологија, ендокринологија и од Институтот за туберкулоза, еден од Клиничката болница во Тетово и еден од Општата болница во Охрид, како и 27 медицински сестри од Специјалната болница „Јасеново“, и од болниците во Кавадарци, Кочани и од Кичево.

Тимот во ГОБ „8 Септември“ е зајакнат со шест лекари - двајца од клиниките за ревматологија и нефрологија, двајца од Кичево и по еден лекар од болниците во Отешево и Гостивар. Оваа јавна здравствена установа се зајакна и со 20 медицински сестри од Струга, Велес, Отешево, Гевгелија, и Специјалната болница „Лешок“. Од почетокот на пандемијата во земјава над 300 здравствени работници беа позитивни на вирусот.

Монтажните болници пред Клиниката за инфективни болести се подготвени, но се уште немаат примено ниту еден пациент.

Владата на вчерашната седница ја дополни уредбата со законска сила за примена на Законот за здравствената заштита за време на вонредна состојба. Како што беше наведено во соопштението, сега и приватните здравствени установи, во рамките на вршењето на дејноста интензивна нега и терапија, ќе може да укажуваат здравствени услуги и за заразната болест Ковид-19 за пациентите примени во установата, а кај кои во текот на укажувањето на здравствените услуги за дијагностицирање, лекување, третман, нега и рехабилитација во установата е утврдено присуство на вирусот.

Раст во регионот

Но, она што загрижува, особено откако се отвораат границите во регионот, е зголемениот број на новозарзени и во соседните земји. Во Бугарија во последното деноноќие од 2.045 тестирања се регистрирани 112 нови позитивни на Ковид-19 и пет починати. Во Косово по завчерашните 109 новозаразени, и по вчерашните 397 тестирања се регистрирани 141 случај на позитивни на вирусот. Во Србија вчера беа регистрирани 59 нови случаи. Во Албанија по завчерашните 69 и вчерашните 82, властите предупредија дека ако граѓаните не ги почитуваат мерките за заштита, ќе мора повторно да се воведе карантин.

Растот на новозаразени од Ковид -19 во регионот, според неофицијални најави, може да ги промени можностите за патувања на државјаните од овие земји и во оние, ретки држави, кои останаа отворени за влез, а кои поради превентива периодично ја ревидираат дадената можност.