Борба за признавање на палестинската држава
2 декември 2014Бројот на палестински амбасади и претставништва во светот расте. Кон крајот на октомври, Шведска како прва западноевропска земја-членка на ЕУ ја призна независноста на Палестина. Земји како Бугарија, Романија, Полска, Чешка и Унгарија тоа веќе го сторија и пред да станат членки на ЕУ. И парламентите во Велика Британија, Ирска и Шпанија се изјаснија за ваков чекор. Денеска (02.12) за тоа гласа и францускиот парламент. Но, ова гласање на пратениците не е обврзувачко за нивните влади. И Европскиот парламент планира до крајот на годинава да гласа за можно признавање.
Децениска борба
Палестинците веќе со децении се борат да станат признати членки на меѓународната заедница. Уште во 1947 година Генералното собрание на ОН во резолуцијата 181 гласаше за поделба на тогашниот британски мандат. Планот за поделбата предвидуваше постоење на израелска и арапска држава. За да се спречи судир околу Ерусалим - свет град за евреите, христијаните и муслиманите - тој требаше да остане под управа на ОН. Сепак, арапските држави го одбија овој план. Го сторија тоа со образложение дека планот ги крши правата на мнозинското население во Палестина. Во арапско-израелската војна, која уследи, Израел успеа да ја прошири територијата. Појасот Газа, населен со Арапи, беше заземен од египетските трупи, а Западниот брег - јорданската армија.
Во Шестдневната војна во 1967 година, Израел ги зазеде Западниот брег, Појасот Газа и источен Ерусалим. Потоа, Советот за безбедност на ОН ја донесе Резолуцијата 242 која е и до денес правна основа за решавање на овој конфликт. Истовремено, со резолуцијата е нагласено правото на сите држави да егзистираат во рамките на безбедни и признаени граници. Сепак, Израел со анексијата на источен Ерусалим ја игнорира оваа резолуција. Изградбата на еврејските населби на Западниот брег и во источен Ерусалим дополнително ги отежна преговорите за идниот статус на окупираните подрачја.
Битка за признавање
Палестинската ослободителна организација (ПЛО) прво се базираше на вооружена борба против Израел. Членовите на ПЛО изведоа бројни терористички напади. Под впечаток од првата Интифада на окупираните територии во јуни 1988 година, Јордан се откажа од своите барања за територија западно од реката Јордан. На 15 ноември 1988 година, ПЛО во Алжир прогласи самостојна држава. Иако се работеше за симболичен акт, во рок од неколку недели 90 држави ја признаа државата. Дури со Договорот од Осло од 1994 година, беше овозможено седиштето на палестинските автономни области да се префрли во Рамала. До денес, повеќе од 130 земји ја признаа Палестина како суверена држава. Во Германија, Палестина е претставена со дипломатска мисија, но не и со амбасада.
И во меѓународните организации, палестинските автономни области бележат значаен напредок. Уште во 1974 година, ПЛО беше повикан на заседание на Генералното собрание на ОН во својство на набљудувач. Во 2011 година, автономните области поднесоа барање за полноправно членство во ОН. Но, тоа барање немаше изгледи за успех, бидејќи САД најавија дека ќе вложат вето во Советот за безбедност. Наместо тоа, на 29 ноември 2012 година Палестина доби статус на набљудувач во ОН. Мнозинството во Генералното собрание беше очигледно: 138 држави беа „за“, САД, Израел и седум други земји беа против, а 41 држава, меѓу нив и Германија, беа воздржани. Во Организацијата на ОН за образование, наука и култура (УНЕСКО), на пример, Палестина уште во 2011 година стана полноправна членка.
Државни белези
Од меѓународно-правно гледиште, државата мора да има бројни обележја. Решавачки критериуми се државната власт, територијата, и институциите кои ефективно ја вршат власта. Во случајот на Палестина, спорно е дали владата на претседателот Махмуд Абас таа државна власт може да ја врши во доволна мерка. Палестинската власт, на пример, нема речиси никакво влијание врз Појасот Газа. Таму владее радикалното движење Хамас. Освен тоа, и израелската политика на окупираните територии ја ограничува способноста за делување на владите на автономните области.
И последиците од постојаното признавање на Палестина се спорни. Заговорниците на признавањето сметаат дека со тоа се развива нова динамика. „Бранот признавања на Палестина од земјите на ЕУ би бил силен сигнал до Израел да ги сфати сериозно преговорите, да ја запре изградбата на населбите и искрено да работи на постигнување на решение во вид на две држави“, изјави министерот за надворешни работи на Луксембург Жан Аселборн за „Зидојче Цајтунг“.
САД, Израел, Германија и некои други држави го делат ставот дека сеопфатни правила, дефинирани со договорот за Блискиот исток, треба да бидат предуслов за ревалоризација на автономните области. Според тие проценки, едностраниот чекор на Палестинците е контрапродуктивен.