1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борел: ЕУ ќе мора да разговара со талибанците

ЖА / дпа
17 август 2021

ЕУ, според проценките на нејзиниот прв дипломат, Жозеп Борел, ќе мора да воспостави дијалог со новите властодршци во Авганистан. Услов за соработка со идна влада би бил почитување на основните права на сите Авганистанци.

https://p.dw.com/p/3z6EM
Brüssel | Sondertreffen der EU-Außenminister | Konflikt in Afghanistan
Фотографија: Johanna GeronReuters/AP/dpa/picture alliance

„Талибанците ја добија војната, значи ќе мора да разговараме со нив“, изјави Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел вечерва, по видео конференцијата на министрите за надворешни работи на ЕУ.

Целта меѓу другото би била спречување на евентуална нова мигрантска катастрофа и хуманитарна криза.

„Мораме да се осигураме новата политичка ситуација во Авганистан да не доведе до масивно бегалско движење кон Европа“, изјави Борел. Освен тоа, треба да се спречи Авганистан повторно да се претвори во прибежиште на меѓународни терористи. Притоа, не станува збор за официјално признавање на талибанците.

-повеќе: 

Доста со лицемерието во Авганистан!

Дебакл на Американците во Авганистан

Талибанците најавија општа амнестија

Во заедничката декларација на сите 27 земји членки на ЕУ по нивната средба се истакнува исто така дека соработката со идна авганистанска влада ќе зависи од цела редица фактори, конкретно меѓу другите се споменува почитувањето на човековите права на сите Авганистанци, вклучувајќи ги и жените, младите и припадниците на малцинствата. 

ЕУ истовремено на населението на Авганистан му вети продолжување на хуманитарната помош, до сите актери е упатено барање да овозможат сигурен и непречен пристап кон оваа помош.