Бран стечаи во Турција
24 октомври 2018„Нашата прва грешка беше девизниот кредит од 9,5 милиони долари што го подигнавме во 2013 година. Не очекувавме дека девизниот курс ќе се развие на наша штета.“ Мурат Кашибејаз е претседател на познатиот синџир ресторани Кашибејаз, кој мора да пријави стечај, бидејќи веќе не може да си ги отплаќа ратите и долговите.
Но, тој не е единствен ваков случај: во изминативе десет години многу турски компании подигнале кредит врзан со американскиот долар. На крајот од летово, турската лира загуби многу на вредност во однос на доларот, поради што на овие компании им се заканува банкрот. За да се избегне ова, сѐ повеќе фирми покренуваат стечајни постапки.
Последна шанса пред банкрот
Стечајната постапка во Турција едноставно кажано е еден вид нов договор меѓу должниците и доверителите. За овој нов договор задолжените фирми мора да побараат стечајна постапка пред Стопанскиот суд. Доверителите се обврзуваат да отпишат дел од долговите, додека должничките фирми се обврзуваат со хипотека врз имотот да го нивелираат долгот. Ако судот одлучи дека компанијата не ги исполнува овие критериуми, барањето се одбива и фирмата мора да прогласи банкрот. Тоа не е атрактивно решение ниту за доверителите, бидејќи во таков случај целиот имот на фирмата се конфискува. Во изминатите месеци во многу делови на Турција фирми од различни сектори пријавуваат стечај. Меѓу нив се и познати марки во бизнис светот, како на пример најголемиот производител на пилешко во Турција, малопродажни гиганти со стотици филијали, како и многу производители на чевли.
„Најголем број барања за стечај досега"
Секој ден сѐ повеќе фирми поднесуваат барања за стечај до судовите. И покрај тоа што нема официјална бројка, се проценува дека бројот на компаниите кои досега поднесле вакво барање е над 3.000. Ако продолжи ваквиот тренд се очекува до крајот на годинава тој број да се искачи на 7.000.
Орхан Туран е претседател на Турската федерација на претприемачи и трговци (ТУРКОНФЕД) која има над 24.000 членови и речиси 40.000 компании. Тој за ДВ изјави дека Турција доживеа една економска криза и во поновата историја во 2001 и 2008 година. Но никогаш толку многу компании не поднесле барања за стечај како сега. Турската економија во голем дел се темели на мали компании, објаснува Туран. Поради тоа ќе беше подобро да им се даде приоритет во мерките на малите претпријатија. „Постојано сме во контакт со нашите членови од цела земја. Од најголемите концерни до најмалите дуќанчиња, сите се погодени од истите проблеми. Загрижени сме дека бројот на фирми кои ќе бараат стечај ќе продолжи да се зголемува," вели Туран.
Повеќе:
Ердоган се заканува со драстични мерки за спас на лирата
Ердоган не може да се надева на арапска помош
„Секој се гледа себеси како ризик“
Туран потенцира дека во ЕУ големите фирми, кои бараат услуги од помалите фирми, мора да ги исплатат своите долгови кон нив во рок од 30 дена. „Во Турција овој рок е 90 дена. Тоа е многу долг период за помалите форми. Тука мора јавниот и приватниот сектор да се договорат и да се изнајде нов начин за регулирање на ова“, смета Туран.
Покрај тоа, многу компании кои се задолжени со девизи, поради падот на вредноста на лирата претрпеа огромни загуби, објаснува претседателот на ТУРКОНФЕД. „Во деловниот свет во моменов сите се гледаат меѓусебе како ризик. Никому не му паѓа на памет да договара бизниси или трансакции. Фирмите се обидуваат само да го контролираат ризикот."
Знаци на стагнација
За професор Хакан Узелтурк од Правниот факултет на Универзитетот Једитепе големиот број барања за стечај се знак за стагнација на економијата. Исто така големиот број поднесени барања до судовите се огромно оптоварување и за самата судска администрација, објаснува Узелтурк. „Илјадници фирми пријавуваат стечај, за да си ги балансираат долговите, но големиот број барања може да ги оптовари и судовите. Ако продолжи ваквиот тренд може да има домино ефект и влијание врз барањата од фирми до судовите“, предупредува овој правен експерт. Но, во моментов се чини дека овој бран не може да се запре.