1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мала Британија на патот кон безначајноста

Роберт Маџ
31 јануари 2020

Сега е официјално. Обединетото кралство може да си ги собере трошките и да си ги изеде. Разводот со ЕУ беше измачувачки, но тоа ќе биде полесниот дел во однос на она што ја очекува земјата, коментира Роб Маџ.

https://p.dw.com/p/3X38z
Brexit - Flagge der  UK
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Tallis

Пред нешто повеќе од три и пол години, утрото на 23 јуни 2016, се натерав да го прескокнам мојот утрински информациски џанкерски ритуал со постојано прегледување на вестите и стигнав на работа блажено неинформиран за она што се случило.

Подготвив два коментара за тој ден. Еден за неверојатниот исход дека Британија гласаше да ја напушти ЕУ и другиот дека, секако, ќе останеме во Унијата.

Не сум познат по лесното користење на тешка терминологија, но навистина бев во состојба на шок кога влегов во редакцијата. Моите германски колеги подоцна ми рекоа дека сум изгледал како да сум видел дух.
Последниве неколку години Брегзит полека стануваше извесен. Но дури и тогаш, очигледно наивно, јас негував надеж дека земјата ќе се вразуми и ќе ја анулира одлуката. Додека пријателите и колегите аплицираа за германско државјанство, јас чекав до последен момент.

Империјата го враќа ударот

Иако целосно го прифаќам исходот на демократското гласање, сѐ уште одбивам да го прифатам процесот кој нѐ доведе дотука: заговор базиран врз заблуди, лаги и дезинформации. Многумина од оние на кои им беше ставено перде на очите од егоцентричните и себични лидери, од архитектот на Брегзит Дејвид Камерон до актуелниот премиер Борис Џонсон, се поддржувачи на Обединетото кралство (ОК) заглавено во минатото. Забелешката дека нацијата која некогаш се перчеше со империја од колонии кои ги угнетуваше треба да се ослободи од оковите на ЕУ е смешна.

Тие правила и регулативи кои толку ги презираа бившите и сегашни владини функционери на некој начин беа обликувани и формирани токму од ОК. И доколку не му се допаѓаа, можеше да ги напушти. Ниту една друга земја-членка на ЕУ не уживаше толку исклучоци и попусти.

Robert Mudge - Kommentatorenbild (PROVISORISCH)
Роберт МаџФотографија: DW/R. Mudge

ЕУ не е перфектна, далеку од тоа. Но да се мисли дека ОК ќе добие подобар договор со ЕУ-членките и другите конкуренти е тешка заблуда. Досега ОК потпиша ткн. договори на континуитет со земји како Лихтенштајн, Фарските острови, Груција и Либан.
Без навреда, но тие земји баш и не се економски џинови. Сѐ уште нема простор за паника.

Поранешниот министер за трговија Лиам „трговскиот-договор-со-ЕУ-ќе-биде-еден-од-најлесните-во-човечката-историја“ Фокс тогаш рече дека има подготвено 40 договори за трговија подготвени да бидат потпишани секунди по Брегзит... Само листата сега ми е баш тешко да ја најдам.

Колку е привлечна за странски инвеститори земја чии клучни индустрии и услуги „крварат“ како резултат на Брегзит? Не е научна фантастика да сфатите зошто водечките производители на автомобили ги затвораат фабриките и се селат во континентална Европа, или зошто клучни финансиски оператори се селат во Париз или Амстердам. Да не го споменуваме одливот на мозоци кога државјаните на ЕУ кои работеа во науката и образованието ќе си ги спакуваат куферите и ќе заминат.

In vino veritas?

Но не се плашете, има надеж. Еден од владините брегзитери кој живее во паралелната реалност е министерот за Брегзит, Стив Баркли. Неодамна тој изјави дека 99% од виното кое се конзумира во ОК е увезено. Откако ОК ќе ја напушти ЕУ, овој „витален сектор“ ќе процути. Не го измислувам ова. Две работи: Размислил ли тој некогаш зошто е сето тоа вино увезено? И од кога тоа винарската индустрија на ОК е „витален сектор“?

Да го зголемиме нивото на незнаење за уште еден степен. И повторно, ни ова не може да се измисли. Брегзит пратеничката Џун Мјумери неодамна имаше просветлување. Твитна дека откако ОК ќе ја напушти ЕУ веќе нема да има претставници во Брисел за рибарската политика. Доколку иронијата досега не беше мртва, ова ќе ѝ беше последниот час.
Брегзит ќе ја претвори Британија во дезинтегрирано и разединето кралство. Географски таа секогаш била настрана од континентална Европа. Тоа растојание ќе стане сѐ повеќе видливо политички, економски и социјално.

Нема да бидам таму за да го доживеам, но предвидувам дека во следните 20 години, Велика Британија ќе се врати со молење за повторно да ѝ се приклучи на ЕУ - но условите тогаш ќе бидат далеку полоши од оние што ги уживаше досега.