1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Британскиот премиер Џонсон во болница

ЕМФ / дв
6 април 2020

Британскиот премиер Борис Џонсон е во болница поради инфекцијата со коронавирус. Се работи за „мерка на претпазливост“, уверува кабинетот на премиерот.

https://p.dw.com/p/3aUOs
Boris Johnson Premierminister Großbritannien
Фотографија: Imago Images/xi.Images/A. Parsons

Поради тоа што симптомите на инфекцијата со коронавирус не престанувале, британскиот премиер Борис Џонсон е пренесен во болница на испитувања, соопшти Даунинг стрит. Од владини кругови се тврди дека премиерот сепак и натаму ги извршува своите премиерски обврски. Откако на 27 март беше јавено дека Џонсон е позитивен на тестот за вирусот, владата соопшти дека доколку премиерот не биде во состојба да ја извршува функцијата, тоа ќе го преземе министерот за надворешни работи Доминик Раб.

Во изминатите десетина дена Џонсон се наоѓаше во карантин во стан над неговите службени простории на Даунинг стрит. Се сметаше дека тој на трети април ќе биде во состојба да функционира нормално, но во петокот премиерот во видео-порака објасни дека се чувствува подобро, но оти сѐ уште има температура. Затоа, рече Џонсон, тој продолжува со самоизолација.

Повеќе:

Крвна плазма- нова надеж во битката со коронавирусот

Колку помагаат заштитните маски за одбрана од коронавирусот

„Германскиот Вухан“ ќе биде лабораторија за коронавирусот

Со коронавирус беше инфициран и министерот за здравство Мет Хенкок, но тој во петокот повторно почна да работи. Во телевизиско интервју вчера Хенкок рече дека премиерот е добро и дека со него разговарал секојдневно додека бил во карантин. Сепак, додаде министерот за здравство, Џонсон е претпазлив и ги следи препораките на здравствените власти.

Ракоплескање и за британските здравствени работници

Британскиот премиер прво отфрлаше преземање рестриктивни мерки во борбата против корона-пандемијата, поради што беше жестоко критикуван. Во меѓувреме во целата земја има забрана за излегување. До вчера во Велика Британија имаше околу 48.000 инфицирани лица, а бројот на починати е 4934.

Кралицата Елизабета Втора ги повика граѓаните да останат „обединети и решителни“ во кризата. „Ќе победиме и таа победа ќе биде победа на секого од нас“, рече таа во вчерашното телевизско обраќање до нацијата. Ако се изземат обраќањата за Божик, ова е само четврто обраќање на кралицата до британските граѓани. Претходно таа се обрати во 1991 година во текот на Заливската војна, потоа во 1997 година по смртта на принцезата Дијана и во 2002 година, кога почина нејзината мајка. 93-годишната кралица и нејзиниот 98-годишен сопруг Филип на 19 март поради пандемијата се преселија во дворецот Виндзор. Нивниот најстар син, принцот Чарлс, по инфекција со коронавирусот беше во домашен карантин.