Бугарите сакаат вистинска европска демократија
3 август 2013Протестите на десетиците илјади Бугари, пред се’ во Софија, се насочени и кон корупцијата и економската мизерија во земјата. Едни од оние кои учествуваа на протестите се и Светослав Василев и неговата ќерка Сијана, кои го изразија незадоволството на Плоштадот на независноста во центарот на Софија.
Оставка - извикуваа демонстрантите на овој плоштад. Тоа се однесува на бугарската влада, чие седиште е тука. Ова се случува од пред повеќе од еден месец - секое попладне од 18 часот и 30 минути.
„Ние доаѓаме тука за да изразиме незадоволство, затоа што не треба лица вмешани во криминални дејствија да бидат поставувани на значајни позиции“, вели ученичката Сијана Василева.
„... За на тој начин да се сензибилизира општеството за моралната перверзија што не’ опкружува“, додава нејзиниот татко Светослав.
Албена, сопругата на Светослав, веднаш по работа пристигна на демонстрациите, како и многумина други.
Следното утро во 7 часот се среќаваме повторно со семејството Василеви. Пред работа се обновува протестот против политичката елита во земјата. Акцијата е кафе-пиење пред парламентот.
„Толку години ни велат стискајте заби, ќе биде подобро. И, 24 години стискаме заби, но сега дојде време нашите деца да почнат да стискаат. Јас не се согласувам со тоа“, вели Албена Василева, која работи како претприемач во Софија.
Албена раководи со една мала продавница. Корупцијата тука е секојдневие, објаснува таа. Постојат и бројни бесмислени прописи, како оној што забранува картоните да се ставаат во контејнерите и мораат да се оставаат до нив, за да им се олесни работата на собирачите на стара хартија.
„За да не ми состават судски предмет со казна од неколку стотици лева, требаше да се плати мито на рака“, објаснува Албена Василева.
Слично функционираат работите и во високата политика. За шеф на тајната служба беше именуван еден медиумски магнат кој е под сомнение за корупција.
„Да, тоа не се луѓе со морал. Како еден гувернер во Бугарија, кој е поврзан со голема мафијашка организација“, вели Василева.
Поддршка за својот протест Василеви добиваат од највисоко ниво. Претседателот на државата наоѓа јасни зборови на поддршка за демонстрантите.
„Ние веруваме и оценуваме дека денешната демократија во Бугарија е повеќе фасадна демократија. Таа е помалку од она што ние сите го посакуваме - една вистинска европска демократија. Затоа верувам дека денес бугарското цивилно општество ја има моќта. Тоа им дава шанса на бугарските политичари да се променат и да ја вратат во живот вистинската демократија“, критикува бугарскиот претседател Росен Плевнелиев.
Демонстрантите, меѓу кои беа и Василеви, протестираа и пред германската амбасада, од каде упатија повик за помош кон Западна Европа. Тие се надеваат на поддршка за соборување на владата и воведување на вистинска европска демократија.