Писмото од Битола ја крена Бугарија на нозе
1 март 2021Бугарскиот претседател Румен Радев одржа средба со шефовите на безбедносните служби барајќи да преземат „навремени мерки за соодветна заштита на правата на бугарските граѓани во странство кога тие се нападнати само поради нивната национална самосвест“. Повод за ваквиот состанок, како што наведуваат бугарските медиуми, е писмото коешто го испрати културен центар „Иван Михајлов“ во Битола минатата недела до бугарскиот државен врв, како и апелите од, како што се наведува, „нивни сонародници во Македонија кои се соочувале со зачестени појави на нарушување на нивните права, поради фактот што се идентификуваат како Бугари“.
-повеќе на темата: Македонските и бугарските историчари „заглавија“ на средновековието
Секој граѓанин на Северна Македонија кој со фотокопија од пополнетиот формулар на пописот ќе докаже дека се осмелил да се регистрира како „македонски Бугарин“, да добие бугарско државјанство по скратена постапка. Ова барање коешто Културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола го испрати до бугарскиот државен врв - претседателот Румен Радев, премиерот Бојко Борисов и вицепремиерите и министри за надворешни работи и за одбрана, Екатерина Захариева и Красимир Каракачанов, предизвика големо внимание во Бугарија. Тоа се најде на агендата на бугарскиот претседател, кој веднаш по излегувањето од карантин, бидејќи неговата сопруга беше позитивна на Ковид-19, ги свика на средба и шефовите на безбедносните служби.
Што содржи писмото?
Во писмото, кое беше објавено во јавноста минатата недела, се вели дека во последните години повеќе од 100.000 македонски Бугари добиле бугарско државјанство, а уште десетици илјади се пријавиле за истото.
„Тука, во Битола, пред бугарскиот конзулат редици луѓе чекаат. Секој од овие Македонци потоа ќе оди лично во Бугарија за да го прогласи својот бугарски идентитет и да достави документи. И покрај масовната кампања против овие луѓе во Македонија, тие не се помалку патриоти на својата земја. Тие ја сакаат Македонија дури и повеќе од другите. Тие не се 'фашисти', 'Татари' или кое било малцинство, туку голема заедница на Македонци кои го зачувале својот бугарски идентитет“, се вели во писмото и се додава: „Нашата јавна сатанизација нè принудува тука да се оправдаме дека бараме бугарски пасоши затоа што сакаме да патуваме во Европа. Ова секако не е точно, затоа што дури и со македонски пасош патувате без виза за Европа, а во исто време повеќето македонски Бугари немаат намера да ја напуштат својата татковина Македонија“.
-повеќе на темата: Со „македонски Бугарин“ до државјанство по скратена постапка
Бугарските медиуми наведуваат дека претседателската канцеларија не соопштиле какви мерки ќе се преземат. Дигиталниот весник „Медијапул“ потсетува дека минатата недела претседателот Радев го покрена ова прашање и ја повика владата да преземе мерки против „дискриминацијата на луѓето со бугарски идентитет во Северна Македонија“. Радев коментираше дека „Бугарите во Република Северна Македонија мора да имаат еднакви права со оние на другите граѓани во земјата во согласност со највисоките светски и европски стандарди“.
-повеќе на темата: Нов пристап кон Бугаријa - помалку емоции, повеќе разум
Но, и покрај усогласениот став на бугарската политика во однос на спорот Софија-Скопје, ова барање предизвика нови тензии со владата на Бојко Борисов. Министерството за надворешни работи реагираше со став според кој тоа „секогаш реагирало на ваквите сигнали на сите дипломатски нивоа и често ги објавувало овие постапки јавно“.
Радев ги поддржа повиците упатени до бугарските институции за олеснување на постапките за стекнување бугарско државјанство за тие кои отворено го декларираат својот бугарски идентитет во РС Македонија, како и барањето институциите во соседната земја „да ги создадат сите услови и да го гарантираат правото на слободно и јасно изјаснување на волјата да се идентификуваат како Бугари по потекло во согласност со принципите на меѓународното право“, наведуваат бугарските медиуми.