„Отровното трио“ против Борисов
29 јули 2020Николај Хаџигенов не го крие своето мислење. Заедно со двајца други седиот адвокат на мала приватна телевизија дебатира за ситуацијата во земјата.
Тројцата на овој настап уживаат во неколку урми, алудирајќи на нешто што се случи за време на блокадата поради Ковид-19. Имено, Бугарија во април годинава испрати околу 20 тони храна во ОАЕ. Во замена за нив била договорена медицинска опрема, но наместо итно потребната заштитна облека, или средства за дезинфекција, во Бугарија стасаа повеќе од 12 тони урми.
Повеќе: Протестите во Бугарија не стивнуваат: „Ќе ве посетиме во затвор!“
„Отровното трио” против моќниците
Тројцата мажи веќе го добија името „отровното трио”. Тие ги предводат протестите во Бугарија. И нивниот портпарол Хаџигенов вечерва повторно ќе биде пред т.н. Триаголник на моќта - пред седиштето на претседателот, на владата и на парламентот.
„Донесете чадори и шатори, оти ќе останеме”, се вели во поканата. Хаџигенов тоа го формулира вака: „Ќе продолжиме и власта ќе си замине - исто и главниот јавен обвинител. Сите си мислеа дека владата ќе се повлече на вториот ден од протестите. Но, Борисов нема друг избор. Ќе се држи до власта до крај, зашто инаку ќе заврши во затвор.”
Повеќе:Бојко Борисов останува на „тенок мраз“
Неизмерно богати, но и уценливи
Во Софија, Пловдив, Бургас или Русе веќе три недели протестираат пред сѐ млади луѓе. Насекаде во земјата да блокираат улици и објекти. Бараат повлекување на владата на Борисов.
Но, и највлијателниот јавен обвинител Иван Гешев треба да си замине од функцијата. Тој од гледна точка на демонстрантите ја злоупотребил службената положба и заштитува во голема мера коруптивен политички систем, чии членови благодарение на тоа се бескрајно богати, но и уценливи.
Наместо отпуштање, позиција во Валенсија
Во долгогодишното владеење на Борисов се откриваат се’ повеќе корупциски скандали во кои се вмешани и владини претставници. Еднаш дури и лично шефот на Антикорупциската комисија. Покренување постапка? Гонење? Човекот сега е назначен за бугарски конзул во Валенсија.
Критичарите го обвинуваат премиерот Борисов не само за корупција и перење пари. Многумина се особено уморни и од него како политичар. Во јавноста протече фотографија на која се гледа како спие со пиштол до него и снопче банкноти од по 500 евра. Најново се појави снимка на која се слуша како Борисов сака да му наштети на политичар од опозицијата.
„Зошто, по ѓаволите, се’ уште ни даваат пари?“
Хаџигенов смета дека во Бугарија нема независно судство, но сепак ќе се бори. „Веќе 20 години сум правник во Бугарија, така што не можам да бидам оптимист, но никогаш не се предавам.“ Оваа влада мора да си замине, во спротивно корупцијата ќе ја уништи Бугарија и таа ќе стане како „Путинова Русија“ или „Ердоганова Турција“, вели Хаџигенов и додава: „Ние сме членка на ЕУ!“
Уште од зачленувањето во 2007, Европската унија не го контролира системот доволно, критикува овој правник. Според него, милијарди евра од европскиот пакет за помош за корона не стасуваат до вистинскатата дестинација каде што се наменети:
„Мора да има построги санкции, бидејќи е очигледно дека десет години речиси се’ е украдено, а парите од ЕУ не се правилно искористени. Зошто по ѓаволите се уште ни даваат пари? За да може луѓето околу Борисов да ги украдат? Да биде како во Унгарија? За тоа ги обвинувам претставниците на ЕУ.“
Повеќе: Бугарска верзија на „Нема правда, нема мир“
„Да ја одбраниме демократијата“
Штрајк на државно ниво и мирна граѓанска непослушност, се целите на Хаџигенов.Тој се жали дека најсиромашната земја во ЕУ, Бугарија, има слабо граѓанско општество. Сепак, мотото на протестите е силно:
„Во него се вели: ‘Да ја одбраниме демократијата!’ Без слобода нема демократија, ниту независно судство. Па, ајде да ја одбраниме демократијата!“