Бугарија се откажува од „Белене“
16 март 2012Бугарскиот премиер Бојко Борисов денеска наведе дека минатиот месец испратил бугарски министри да им пренесат на руските претставници дека Бугарија нема да ја изгради централата „Белене“, но оти ќе биде исплатен едниот, веќе изградениот реактор, со сила од 1.000 мегавати.
Борисов посочи дека Бугарија ќе се обиде тој реактор да го инкорпорира во постоечката нуклеарна централа „Козлодуј“, чија сила е 2.000 мегавати.
Бугарската влада го одложуваше донесувањето на конечната одлука за изградба на „Белене“ откако дојде на власт во 2009-та година, и цело време се обидуваше да најде западноевропски инвеститор за проектот и да ги намали трошоците за изградба на нуклеарната централа, што беше проценета на повеќе од осум милијарди евра.
Автор: ЖА/ЕМФ/миа
Редактор: Е. Милошевска Фиданоска