1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бундестагот го губи влијанието?

18 јули 2011

Центар на германската демократија е парламентот - Бундестагот. Деновиве се води жестока дебата околу тоа кој ја има навистина моќта во државата - парламентот или владата?

https://p.dw.com/p/11vEk
Постојат сомневања дека германскиот Бундестаг ја губи моќта за сметка на владатаФотографија: dapd

Германскиот устав стар 62 години се смета за демократски напреден. Нема сомнение дека многу земји го земале овој устав како модел во нивните револуции. Шпанија, по диктатурата на Франко, копираше големи делови од федералната структура во Германија, а истото го стори и Јужноафриканската Република. Во Централа и Источна Европа е воведено конструктивното гласање доверба на владата, исто како во Германија. Во центарот на германската демократија е парламентот - Бундестагот. Дали тој има се‘ уште моќ за деморкатско владеење во земјата е прашање за кое деновиве се води полемика. Околу што се судираат ставовите?

Моќ во рацете на комисии и тела


Иако според германскиот устав целата моќ е во рацете на народот, односно кај 652-те застапници во Бундестагот избрани од народот, во последно време се појавија коментари кои го критикуваат наводното опаѓање на моќта на оваа институција. Критиките велат дека досегашниот однос меѓу владата и парламентот е поместен на штета на втората институција. Еден од оние кои одлучија да проговорат во јавноста за новите односи е и самиот претседател на државата, Кристијан Вулф.

„Демократија е кога целата моќ доаѓа од самиот народ. Претставниците на народот се оние кои седат во парламентот и носат одлуки, и со оглед на тоа дека се избрани на одредено време, им одговараат на тие кои ги избрале. Не смееме овој облик на одговорност кон народот да го селиме во различни комисии и тела, кои ја немаат таа демократска позадина како самите застапници во Бундестагот“, критикуваше Вулф во едно телевизиско интервју.

Најсвеж пример е германското повлекување од нуклеарната енергија. Тоа повлекување на крај го потврди и Бундестагот, но одлуката практично ја донесе таканаречената Етичка комисија, која преку ноќ беше составена од владата на Ангела Меркел. Значи, телото кое фактички донесе една од најважните политички одлуки во последните години, на народот му полага сметки во многу далечна и преносна смисла. Со тоа решение не е претерано задоволна личноста која ја поседува најголемата, иако само на хартија, функција во земјата.

„Мислам дека парламентарните одбори требаше подобро да ја подготват расправата за атомската енергија и дека требаше за тоа потемелно и подолго да се расправа. Посебно ако се земе во предвид за каква далекусежна и темелна промена станува збор. Вака тоа отиде се‘ набрзина“, заклучи претседателот Вулф.

Одлука со заобиколување на парламентот

Според мислењето на многумина, и тоа пред се‘ на опозициските политичари, ваквата постапка претставува јасно поместување на моќта и овластувањата од парламентот на владата. Случајот кој во последно време најмногу ја разлути опозицијата се однесува на наводната продажба на 200 тенкови на Саудиска Арабија, што веќе ја одобрил, како што пишуваат медиумите, еден владин одбор, кој не е под контрола на парламентот. За претставниците на опозицијата ваквата пракса е недопустлива. Една од претставниците на партијата на Зелените, Клаудија Рот, смета дека владата го омаловажува Бундестагот.

„Тоа навистина е неверојатна провокација кон законодавецот и мислам дека парламентот такво нешто не треба да толерира“, смета Рот.

Впрочем, Бундестагот е тој кој што треба да го потврди давањето на секое, па и последно евро од буџетот. Но, како да се врзе тоа со фактот дека владата со цел да ја заштити еврозоната на располагање стави 190 милиони евра, без Бундестагот да расправа за тоа макар и една минута.

Претседателите на парламентите на Германија и Франција протестираа против праксата на заобиколување на националните парламенти. Германскиот министер за финансии, Волфганг Шојбле, кој на европско ниво преговара околу милијардите од пакетите за спас на еврото, ги отфрла сите критики и смета дека премногу парламентарни расправи би ги ослабнале германските позиции во преговорите.

Губи ли на моќ оној парламент кој на многу млади држави од Јужна Америка до Азија им послужил како пример? Поранешниот претседател на Бундестагот, Хајнц Ризенхубер не гледа така црно на новонастанатата ситуација. Тој смета дека на крајот Бундестагот е тој кој мора да даде зелено светло. Но, и тој забележува дека цела низа политички и економски случувања, од војната во Либија до спасувањето на еврото, го доведоа Бундестагот во некој вид вонредна ситуација, каква што германскиот парламент последен пат доживеа по обединувањето на Германија во 1990 година. Ризенхубер не се осудува да предвиди во која насока ќе се поместува превласта. Засега, трката меѓу парламентот и владата е рамноправна.

Автор: Рихард Фукс/ Александар Методијев
Редактор: Трајче Тосев

Bundesdelegiertenkonferenz der Grünen Claudia Roth
Клаудија Рот од партијата на Зелените смета дека владата го омаловажува БундестаготФотографија: picture-alliance/dpa
Feierlichkeiten 20 Jahre deutsch-polnisches Jugendwerk
Претседателот на Германија, Кристијан Вулф еден од првите што реагира на обидот за прераспределба на моќтаФотографија: DW/R.Romaniec