1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Буџетот на ЕУ – почнува големото ценкање

Бернд Ригерт
20 февруари 2020

27 земји членки на ЕУ денеска се среќаваат на специјален самит за да го договорат буџетот за следните седум години. Преговорите ќе бидат тешки – голема дупка останува по Брегзит, а трошоците се зголемуваат.

https://p.dw.com/p/3Y2Uk
Symbolbild 1 Euro Münzen
Фотографија: picture-alliance/Bildagentur-online/Weber

Преговорите за долгорочниот седумгодишен буџет на Европската унија овојпат се особено компликувани бидејќи во иднина нема да ја има Велика Британија – земјата која по висината на нето придонесите беше веднаш зад Германија, а обемот на буџетот за периодот од 2021-2027 година треба да се зголеми. Останатите нето плаќачи, односно земјите кои уплаќаат поголема сума на пари во заедничката каса отколку што добиваат од неа, се незадоволни бидејќи ќе мора да дадат повеќе пари.

Дупка поради Брегзит

Дупката од 60-75 милијарди евра која настана по Брегзит може да се надополни само со комбинација на заштеда и зголемен придонес, изјави поранешниот комесар за буџет, Гинтер Етингер, кој уште лани во мај го претстави нацрт планот за буџетот. Покрај тоа, Европската комисија сака да даде повеќе пари за „модерни„ активности и цели“, како што е заштитата на климата, научни истражувања, заштита на границите и миграциската политика. Ќе се штеди на субвенции за земјоделие и структурна помош за сиромашните региони на ЕУ. На помалите нето плаќачи – таканаречената „штедлива четворка“ во која спаѓаат Австрија, Холандија, Данска и Шведска, не им одговара ваквиот развој. Тие инсистираат на тоа буџетот до 2027 година да остана на нивото од еден процент од европскиот БДП или 1000 милијарди евра. Со други зборови, да не се зголемува. Оваа сума е речиси иста како во изминатите седум години – но со Британија.

Deutschland l Demonstration für Agrarwende in Berlin
Протести на земјоделците во Берлин - тешко ќе биде кратењето на субвенциитеФотографија: picture-alliance/dpa/C. Gateau

Германија, која е номинално најголемиот придонесувач во буџетот со 14 милијарди евра годишно, на проценките од 1000 милијарди гледа као „почетна точка“ за преговори, иако би била подготвена да плати и повеќе. Германскиот нето придонес би можел да се зголеми на 25 или во зависност од понудените сценарија, и до 33 милијарди евра годишно до 2027 година.

Светите субвенции за земјоделието

Но, министерот за финансии Олаф Шолц од СПД, бара средствата од ЕУ да се трошат повеќе за „модерни“ активности“, а помалку за земјоделие и структурна помош. Шолц го одби компромисниот предлог на претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел и повика на „нов почеток на преговорите“. Мишел имаше обзири кон нето плаќачот Франција, која категорично отфрла намалување на субвенциите за аграрот. Француските и полските земјоделци се најголеми корисници на овие услуги. Нето примателите, односно земјите од југот и истокот на ЕУ кои примаат повеќе пари од заедницата отколку што уплаќаат, сакаат да се зачува статус кво. Земјите како Литванија, Португалија, Грција, Полска или Унгарија имаат корист од структурните фондови и земјоделските субвенции. Тие се помалку заинтересирани за новите задачи како што се миграциските фондови или заштитата на климата. Сепак тие се свесни дека вкупната донација ќе се намали. Со нацрт буџетот е предвидено дека околу 25% од сите средства „требa да бидат релевантни за заштита на климата." Новата претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен инсистира на приоритетите од „Зелениот договор“, односно буџетот да биде насочен кон имплементација на политиката на ЕУ за заштита на животната средина.

Повеќе:

По европските избори ќе стане збор за пари, многу пари

Далечен е патот до буџет на еврозоната

Моја Европа: Пари за добрите, казни за лошите?

Почнува пазарењето за ЕУ-буџетот

Европската комисија има намера да ги искористи преговорите околу буџетот и за да ги вразуми бунтовните земји членки на ЕУ кои не се придржуваат кон принципите на правна држава. Тоа пред се се однесува на Унгарија и Полска, против кои се води официјална „постапка за владеењето на правната држава“ според член 7 од договорот за ЕУ. Во иднина помошта би се исплаќала само ако Комисијата потврди дека во земјата примател има владеење на правото и функционална правна држава.

Помалку пари за непослушните

Под притисок на Унгарија и Полска, претседателот на Советот на ЕУ, Мишел предложи да се запрат плаќањата, само доколку квалификувано мнозинство земји членки ја одобри оваа казна. Но таквото мнозинство во пракса, би било тешко да се постигне. Оттука германскиот министер за финансии Олаф Шолц ја отфрли таквата веројатно неефикасна уредба. Исто како и Европскиот парламент, Германија инсистира на тоа санкциите да се воведат автоматски доколку земјите членки не се спротивстават со квалификувано мнозинство, што исто така би било малку веројатно остварливо во пракса.

Ungarn - Werden jegliche EU-Strafmaßnahme gegen Polen blockieren | Morawiecki und Orban
Полскиот премиер Моравјецки и унгарскиот премиер Орбан - повеќе заинтересирани за касирање отколку за коперирањеФотографија: Reuters/B. Szabo

На крајот, компромисот околу повеќегодишната буџетка рамка (МФФ) , како што во жаргон се нарекува буџетот во ЕУ, мора да го договорат сите земји членки. Секоја држава има право на вето, што ги прави преговорите особено тешки и сложени. Европскиот парламент исто така мора да ја одобри буџетската рамка, а претседателот Давид Сасоли жестоко ги критикуваше претходните нацрти. Со ова се ризикува „Европа да заостанува зад своите цели и да не може да се натпреварува со меѓународните играчи како што се САД и Кина," рече Сасоли во Брисел.

Почетни позиции

Европскиот парламент бара 1,3 одсто од европскиот БДП да се одвои како буџет за ЕУ. Тоа за седум години би било околу 300 милијарди евра повеќе отколку што нето плаќачите сакаат да придонесат во моментот. Комисијата на ЕУ планира тоа да биде 1,1%, а претседателот на Советот, Мишел пак предлага сумата да биде 1,07%.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија