1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

ЕУ со тешки обвинувања за АстраЗенека

Бернд Ригерт
28 јануари 2021

Европската комисија игра на картата на морална обврска на АстраЗенека бидејќи нивната вакцина се уште не се испорачува во ЕУ. Компанијата ги отфрла обвинувањата. Трилерот околу вакцините продолжува.

https://p.dw.com/p/3oVsZ
Oxford I AstraZeneca COVID-19 Impfung
Фотографија: Jason Cairnduff/REUTERS

Сѐ повеќе се заострува спорот меѓу британско-шведскиот концерн Астра Зенека и Европската Комисија. ЕУ револтирано ги негираше тврдењата на АстраЗенека во однос на договорот и одложувањето на производството. Еврокомесарката за здравство Стела Кирјакидес, делуваше разлутена кога застана на говорницата во салата за прес-конференции. „АстраЗенека мора да го испорача договореното. Компанијата има морална, општествена и договорна обврска,“ порача таа. Категорична е дека досегашните одговори од компанијата “не се ниту точни, ниту прифатливи“.

Директорот на АстраЗенека, Паскал Соаро во едно интервју за европски весник тврдеше дека во договорот за вакцини за корона не биле дефинирани ниту количини, ниту временска рамка за нивна испорака. Договорот со ЕУ бил склучен три месеци по договорот со Велика Британија. Поради тоа испораката кон поранешната ЕУ членка според него се одвива понепречено отколку производството на вакцини за ЕУ.

Еврокомесарката Стела Кирјакидес не се согласува со ваквото објаснување. „Во договорите нема клаузули за првенство на некоја земја, нема хиерархија“, изјави таа посочувајќи дека вакцините се произведуваат во две фабрики во Велика Британија и две во ЕУ. Никаде не е зацртано од која фабрика која земја ќе се снабдува. Извори во Брисел брифираат дека при развој на нови производи вообичаена пракса е во договорите да не стојат конкретни количини, ниту термини за испорака. „Во договорот го напишавме она што можеше да се извлече под притисокот на пандемијата,“ вели еден неименуван висок претставник од Брисел. 

Belgien EU-Gipfel Impfstrategie | Stella Kyriakides
Еврокомесарката за здравствио, Стела КирјакидесФотографија: Olivier Hoslet/Reuters

„Сакаме вакцина, не кавга“

Паскал Соаро, првиот човек на АстраЗенека, во интервјуто вели дека неговата компанија единствено презела обврска да произведува „најдобро што може“. Догиворна казна за доцнење со испораката очигледно не е превидена. Со оглед на тоа што Европската комисија до сега го нема објавено договорот со Астра Зенека повикувајќи се на одредбите за деловна тајна, за јавноста е нејасно што конкретно било договорено во август 2020 година кога вакцината сѐ уште беше во фаза на развој.

Повеќе:

-ЕУ бесна на АстраЗенека - каде се ветените вакцини?

-Вакцини – една чиста европска конфузија

-Ковид-19: Повеќе вакцини за ЕУ – на пролет 

Оваа тајновитост наиде на остри критики, особено во Европскиот парламент. Од друга страна, висока претставничка на ЕУ која била вклучена во преговорите околу договорот, тврди дека постои начин како од АстраЗенека да се побара поврат на средства. ЕУ однапред го финансирала производството на вакцината – на сметка на компанијата се префрлени 336 милиони евра. Но, соговорникот од ЕУ е јасен: „Ние не сакаме кавга со АстраЗенека. Сакаме вакцини и да најдеме заедничко решение со компанијата.“ Судски спор би траел најмалку две години. „Дотогаш пандемијата ќе заврши, а ние уште нема да имаме ниту една вакцина од нив,“ категорична е таа.

Европската комисија инсистира на тоа дека АстраЗенека била обврзана уште од октомври 2020 година – долго пред да добие официјалното одобрение од Европската агенција за лекови, ЕМА - да започне со производство на вакцината за да се осигура дека ќе може да ги исполни обврските. Ова одобрение инаку се очекува овој петок. Водечки претставници на ЕМА јасно ставија до знаење дека актуелниот спор во однос на производството нема да има никакво влијание врз научното испитување и анализа на вакцината, што е во нивна надлежност. Европската комисија признава дека уште на почетокот на декември имале сомнеж околу производствените планови на АстраЗенека. „Не одеше сѐ оптимално, но во тоа време сѐ уште се чувствувавме сигурни,“ вели претставничка на ЕУ.

Coronavirus | Impfstoff und Impfzentren
Фотографија: Owen Humphreys/PA Wire/picture alliance

Дали приоритетно се снабдува Велика Британија?

АстраЗенека минатиот петок официјално најави дека во првиот квартал може да испорача само 31 милионии дози за 27те земји членки на ЕУ, наместо првично најавените 80 милиони. Директорот на компанијата, Паскал Соаро, одолговлекувањето го образложи со тоа што во производствените капацитети во Холандија и Белгија количините не биле толкави колку што првично се мислело. Во тој дел ќе се правеле корекции за кои според него е потребно време. Компанијата ги отфрли обвинувањата на претставници на ЕУ дека АстраЗенека приоритетно и без прекин испорачувала на Обединетото кралство.

Германскиот европратеник и школуван доктор, Петер Лизе, во разговор со ДВ рече дека е сомнително тоа што одолговлекувања во производството имало само кога се во прашање испораките во ЕУ. Вакцините за Велика Британија имено делумно се произведуваат во Европа. Астеа Зенека не ги произведува самата компонентите за вакцината, туку соработува со повеќе услужни компании за фармацевтската дејност од повеќе европски држави, меѓу кои и Германија. Компанијата вети дека ќе ја зголеми соработката и ќе ги зајакне дистрибутивните капацитети.

Да се евидентира извозот на вакцини

Европската комисија индиректно се заканува со контрола на извозот на вакцини преку т.н.„регистер на транспарентност”. Фармацевтските компании треба да го декларираат извозот на вакцини надвор од ЕУ. Тоа пак може да доведе до тензии со други клиенти како Велика Британија или САД. Експерти оценуваат дека е и проблематично од правен аспект на компании да им се наметнува да не исполнуваат договори за испоракасо други клиенти за да се отстранат проблеми во испораката во рамки на ЕУ. Еврокомесарката Стела Кирјакидес нагласува дека ЕУ не планира да забрани извоз на вакцини, туку само сака да има транспарентност.

Но, сепак паѓа в очи дека и без проблемот со АстраЗенека вакцинирањето во ЕУ се одвива побавно отколку во други делови на светот. Израел, САД и Велика Британија очигледно вакцинираат побрзо, додека во многу земји членки на ЕУ има недостиг од вакцини од до сега одобрените Бионтек/Фајзер и Модерна. Властите на главниот град на Шпанија, Мадрид, денеска најавија дека заради недостиг на вакцини ќе се прекине вакцинирањето во следните 2 недели. Во Германија многу пунктови за вакцинирање воопшто немаат почнато со работа. Вакцинирањето на лица над 80 години и медицинскиот персонал се одвува побавно од очекуваното. Министерот Јенс Шпан речиси секојдневно е „на тапет”.

Вакцинирањето се одвива пребавно?

ЕУ склучи договори за набавка вакцини со шест производители за сите 27 земји членки, односно за вкупно 2,3 милијарди дози. До сега се вакцинирани 8,4 милиони од околу 450 милиони граѓани на ЕУ. Со моменталното темпо на вакцинација би биле потребни повеќе од две години за секој кој сака да се вакцинира да ги добие потребните две дози. Но, шефовите на држави и влади првично си поставија за цел до крајот на летово да имаат вакцинирано околу 70% од населението бидејќи само така може да се стави крај на пандемијата. 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија