Венизелос: За името на крајот на септември
12 септември 2013Грчкиот вицепремиер Евангелос Венизелос ја информираше Парламентарна комисија за национална одбрана и надворешна политика за неговата средба со медијаторот на ОН во спорот околу името Метју Нимиц:
„Со оглед на тоа што многу интензивно и лично учествував во процесот кој доведе до изготвување на Времената спогодба, знам колку е важно да постои референтна рамка, и ја изразив почитта на Грција за напорите на генералниот секретар и на Нимиц“, рече Венизелос и додаде дека е важно процесот на преговори да продолжи.
Тој изрази уверување дека „грчката позиција, како што е формулирана, ужива широк национален консензус, и повтори дека Атина е за сложено име со географска одредница што се однесува на географскиот поим на името, а не на политичкиот термин“.
Венизелос уште еднаш кажа дека Грција е само за ерга омнес решение:
„Мислам дека јаснотијата со која одговоривме и ги кажавме нашите позиции, како и анализите кои ги спроведовме со Нимиц, многу ќе помогнат во преговорите со Скопје и подоцна, на нашите состаноци за ова прашање“, рече Венизелос.
Грчкиот весник „То Вима“, коментирајќи ја средбата на посредникот на ОН и македонските власти, пишува дека Метју Нимиц обично премногу ги брои неговите зборови, избегнува да ги пласира предлозите кои ги изнел, да даде став за позициите на двете страни и за следните чекори, но на прес-конференцијата во Скопје ја прекршил својата пракса. Наведувајќи дека Нимиц појаснил оти Атина и Скопје во оваа фаза имаат дијаметрално спротивни ставови во однос на примената и флексибилноста на можното ново име и дека разликата во однос на географската одредница била изразена недвосмислено од грчка страна, весникот оценува: „Јасно е дека ако е вистина, тогаш не постои начин за да се најде компромис меѓу двете земји, но сепак, оние кои ги следат разговорите добро знаат дека различни луѓе различно го толкуваат терминот ’ерга омнес’.“