1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вестервеле ќе ја заобиколи Македонија

9 август 2011

Шефот на германската дипломатија, Гидо Вестервеле доаѓа на Балканот. Ги посетува Црна Гора, Хрватска и Косово. Македонија не e станица на оваа балканска турнеја. Какви пораки носи Вестервеле?

https://p.dw.com/p/12DRI
Шефот на германската дипломатија, Гидо ВестервелеФотографија: dapd

Како знак за стабилност треба да се сфати посетата на германскиот министер за надворешни работи, Гидо Вестервеле, на Црна Гора, Хрватска и Косово. Регионот треба конечно да се трансформира од регион на конфликти во регион на стабилност.

„Вестервеле секако оди во некои балкански земји за да ја потврди посветеноста на Германија и ЕУ на понатамошната политичка стабилизација и економски развој на регионот, со цел доближување на земјите до ЕУ и нивно подготвување за членство“, изјави за Дојче веле, Душан Рељиќ, аналитичар на Германскиот институт за меѓународни и безбедносни прашања.

Црна Гора пропушта шанса за преговори со ЕУ

Така, прва станица е Црна Гора – земјата што од 2006-та е независна и е земја- кандидат за прием во ЕУ и сака прием во НАТО. Но, властите во Црна Гора можат да се пофалат пред Вестервеле со малку резултати. Тоа посебно се однесува на премиерот Игор Лукшиќ, кого Берлин силно го охрабруваше од доаѓањето на функцијата да преземе конкретни чекори за воспоставување на владеењето на правото во земјата. Сега е сосема извесно дека Црна Гора, затоа што до крајот на јули не го усвои изборното законодавство, на крајот од годината нема да добие датум за почеток на пристапните преговори со ЕУ, иако до пред две недели тоа се чинеше сосема нормално.

Igor Luksic Ministerpräsident Montenegro
Црногорскиот премиер, Игор ЛукшиќФотографија: AP

Затоа, аналитичарите во Подгорица сметаат оти германскиот министер за надворешни работи ќе го пренесе очекувањето на Брисел и Берлин црногорските политичари во следниот месец да покажат зрелост и сериозност и да ја искористат таа шанса.

„Со сите позитивни предзнаци на оваа посета, на хоризонтот се и некои темни облаци врзани за Европа и ЕУ во целина, така што моите очекувања најкратко ќе ги опишам како воздржан оптимизам“, коментира за Дојче веле професорот на подгоричкиот Правен факултет, Милан Поповиќ.

Притисок врз Белград и Приштина

Втора станица на Вестервеле е Хрватска, но оваа земја веќе ги затвори преговорите со ЕУ и за две години станува нејзина членка.

Посетата на Приштина, пак, се оценува како притисок врз Србија и Косово да го решат проблемот со тензиите на границата на мирен начин. Практично да се подобрат условите за живот на Балканот – со оваа цел уште пред една година Гидо Вестервеле, како министер за надворешни работи, отпатува на Косово. Поголема соработка и помалку конфронтација беше неговиот апел во тоа време, за конфликтите од минатото да не се повторат.

Hashim Thaci Ministerpräsident Kosovo
Премиерот на Косово, Хашим ТачиФотографија: AP

„Србија и Косово мораат да знаат дека нивната иднина лежи во Европа. Затоа се потпираме на разумен и прагматичен баланс на интереси, кој вклучува трговски и други прашања“, рече тогаш Вестервеле.

Но, прагматизмот на неодамна поставените барикади на патиштата на границата на северот од Косово не може да се избегне. Царинските спорови уште еднаш го поматија времето во соседството. Така што ескалацијата во двете земји повторно го пренасочи чекорот на дипломатскиот пат, тоа е можност за Гидо Вестервеле да се изрекламира, како прв министер од земја членка на ЕУ, кој на терен ќе побара уреден соживот.

Вестервеле сака оваа ситуација да му ја објасни Ерхард Билер, германскиот командант на КФОР, кој придонесе за изнаоѓање на компромис меѓу Србија и Косово.

„Вестервеле одлучи во овој момент да оди во Приштина за да нагласи дека Германија ќе продолжи да ја поддржува владата на Косово, но и дека очекува владата на Косово да ги поддржува политиките на ЕУ за стабилност во регионот. Сигурен сум и дека тој ќе каже оти границите во регионот се цврсти и воспоставени и оти Германија и ЕУ не поддржуваат понатамошни менувања на границите во регионот“, забележува Душан Рељиќ од Германскиот институт за меѓународни и безбедносни прашања.

KFOR General Erhard Bühler
Командантот на КФОР силите, германскиот генерал Ерхард БилерФотографија: picture alliance/dpa

Добро што Македонија не е во криза

Релиќ смета дека е добро што овој пат Македонија не е станица на посетата на Вестервеле.

„За среќа, Македонија во политичкото набљудување не е земја во криза. Од друга страна, сметам дека сите на Запад се свесни за два аспекти од македонската политичка ситуација. Едниот е нерешениот т.н. ’конфликт за името’ со јужниот сосед, а другиот е дека меѓуетничките односи во Македонија се несигурни и можат во одреден момент да заземат непосакуван тек. Сега, за среќа, се чини дека има стабилност во Македонија и мислам дека тоа е причината што г-дин Вестервеле сега не ја посетува Македонија“, додава Рељиќ.

Аналитичарот смета дека клучот за деблокирање на евроатлантската интеграција на Македонија е во Атина и Скопје и оти странските политичари можат малку да маневрираат во просторот на преговори.

Германија е една од земјите од ЕУ која инсистира на исполнување на сите критериуми пред приемот на земјите во Унијата. Затоа Рељиќ очекува Вестервеле да каже дека Германија е отворена за прием на други земји во Унијата, но од друга страна заедно со Холандија и Данска ќе продолжи да инсистира на исполнување на конкретни критериуми.

Автор: Александар Методијев/ Силке Енгел/ Мустафа Цанка

Редактор: Горан Чутаноски