1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Викенд-роман

7 август 2019

Што би се случило доколку одеднаш се нормализира состојбата во државата, влеземе во ЕУ, судството се реформира на чудесен начин... Ќе знаеме ли да опстоиме во таквото мирно лето? Колумна на Гордан Георгиев.

https://p.dw.com/p/3NTp7
Gordan Georgiev
Фотографија: privat

Во бивша Југославија особено, а во денешна Македонија повремено, викенд- романите беа задолжителна летна литература за широки слоеви на граѓанството. Дома не сме ги читале, барем јас не сум ги забележал во моите рани пубертетски денови. Но, кога го поминував летниот распуст на разни места низ Македонија (Берово, Маврово, Охрид, Пелистер, Преспа) редовно наидував на нив. И ги голтав со нескриено задоволство, сокриен од очите на другите. Како Тој, шетајќи необврзно низ некоја шумичка близу Сплит, неочекувано наишол на Таа, којашто гола баш таму и баш сама се сончала на некоја карпа, и кога го забележала во грмушките како ја набљудува му пришла и воделе љубов како во сон. И потоа веќе никогаш не се виделе, останал само сонот секојдневно да се отсонува. Или пак Таа, патувајќи на редовната железничка линија Врање-Белград, се запознава со Тој, кој живее во Прокупље и запишал студии во Белград, и водат љубов во купето во вагонот број 8, додека вагоните се тресат по нерамната пруга, а надвор лие дожд. Викенд романите се предвесници на јужноамериканските сапунски серии, многу пред латино-колумбовците да ја откријат шпанската теле-новела. Колку што се сеќавам, во мојот сепак скромен опус на прочитани викенд романи, тие секогаш беа љубовни, бурни, но редовно завршуваа со доза на разочараност и носталгија по еднократната љубовна авантура и извесност дека таа шумичка, тој вагон и тие луѓе веќе никогаш нема да се сретнат. До следниот викенд и новото издание на викенд роман. Денешните „викенд романи“ постојат, но во виртуелниот свет на социјалните мрежи, во групите за познанства и љубов на далечина. И далеку понеромантични се од нашите викенд романи. Но, водата секогаш си го наоѓа патот за да не престане да биде река или поточе. Во Југославија имаше цела продукција на такви викенд романи, потпишани од анонимни автори, со огромни тиражи. Тито знаеше како да ни овозможи мирно а сепак возбудливо лето. Бидејќи кога читаш, немаш време да зборуваш. Кога мечтаеш, немаш волја да размислуваш на поскапената цена на лебот и млекото или дали Ранковиќ бил предавник или патриот. Кога си обземен дека си најдобар и најуспешен, кришум поминува распадот на твојата држава.

Во Македонија (Северна или пред-Северна) не помнам кога последен пат сме имале мирно лето. Работно лето и секојдневни партиски препукувања, спектакуларни апсења околу Илинден, редовни тензии за Илинден, пржински летни преговори, 27-ми април и одложено до длабоко во летото формирање на влада, случај Рекет и немирни расправи за тоа чиј е Гоце и кој смее или не смее да го слави Илинден. Неверојатно е тоа чувство на немир и постојано исчекување. Тоа секако е некакво нарушено ментално здравје ако со секој пријател или познаник веќе втората реченица после „Абе беше на одмор? Како си помина?“ да ти биде „Абе што прајме со државава?“. Нашите викенд романи кои ги читаме во живо и ги живееме полу-мртви се преполни со егзистенцијални прашања. Дали ќе не’ биде? Дали ќе опстои СЈО? Дали Катица е на болување или на одмор? Дали ќе добиеме датум? Како тоа одеднаш Гоце не е наш?

Други колумни од авторот:

-Прво Катица, па избори

-Заветот на политиколошката гилда

-На што да се фатиме сега?

Во сите овие прашања ние внесуваме неверојатна количина на љубов, омраза и изневерени очекувања. Прекумерноста е начин на нашето поимање на работите, а длабоките разочарувања се храната која не’ држи во живот. Претераната, а потоа невозвратена љубов која ја негувавме за СЈО и Катица не’ тресна од земја и сега како запенавени кучиња бараме крв. Прекумерната љубов кон ЕУ (и особено нивните пари и идиличен живот) не’ фрла во очај и бес кога таа љубов е невозвратена од страна на нашиот објект на возљубување. Ексесивноста во папагалското повторување на „Северна“, на секое место и неместо, не’ прави нападни, бесмислени, смешни, сервилни. Гоце, нашиот историски бастум за кој невешто се потпира(в)ме, сега излегува дека имал две дршки, а едни коски. Овој тобоган од очекувања и изневерена љубов ја прави нацијата нездрава, со дијагноза непристојна за соопштување на пациентот.

Се прашувам понекогаш, дали ние умееме поинаку да живееме? И што би се случило доколку одеднаш се нормализира состојбата во државата, влеземе во ЕУ, судството се реформира на миракулозен начин... Ќе знаеме ли да опстоиме во таквото мирно лето? Или и тогаш ќе мрчиме? Во недостаток на крупни аргументи за одбрана на власта, се фаќаме за аргументи за критика на власта. И тоа е перцепирано како некакво мрчење. Кога ќе им истече рокот на добрите вести, а во недостаток на викенд- романи, се фаќаме за лошите вести. Разбирајќи ја фрустрацијата на Премиерот и неговото чувство и реалност дека помина низ се’ и сешто и направи ужасно тешки компромиси во име на некаква повисока цел, чинам дека и тој со студена глава треба да ги разбере нашите грижи и стравови, и нашите фрустрации кои нему му личат на мрчења. А доколку влезе или е веќе влезен во филмот дека тој се’ добро направил ама сите околу него по нешто згрешиле, тоа е опасна теле- новела која сме ја гледале многупати досега. Есапот дома редовно не изглегува ист како на пазар. А на пазарот многу тезги и многу тезгароши. Од оние дипломати и европско-американски функционери од висок маштраб, кои си тераат исклучиво свои агенди а наша а не нивна среќа е ако сме успеале да им влеземе во положение, до локалните шибицари кои би продале и партија и кауза и идеологија за грст долари. Само затоа што заработиле некоја лузна на лицето и со тоа се квалификувале да добијат партизанска споменица.

Летово, најверојатно ќе имате прилика да поразговарате со некој странец-добронамерник кој пропатува низ земјава или е дојден на одмор овде. Обидете се темелно и разумно да му објасните со какви грижи се занимаваме летово и на кои теми стрептиме и на какви исходи се надеваме. Ќе видите како ќе ве гледа и само од пристојност ќе го задржи во себе сопственото мислење за вас.   

Штета, а толку добри идеи за викенд-раскази и полу-еротски колумни имав подготвено за летово. Но, од политичката порнографија не можеме да избегаме.