1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Високата цена на иселувањето

Моника Ширацка
7 јули 2018

Илјадници полски медицински сестри, негуватели или работници работат во странство. Последиците од таквиот тренд се што многу деца растат без родители, бидејќи тие со месеци се отсутни од домовите.

https://p.dw.com/p/2zLC6
23.08.2012 DW Deutschland Heute Großeltern

Полскиот интернет е преплавен со приказни за деца кои се чувствуваат напуштени од своите родители кои работат во странство. Постојат интернет форуми во кои овие деца бараат поддршка и раскажуваат за нивните судбини.

„Здраво тато. Имам 16 години. Помина веќе цела година откако отпатува. Секој ден ја мирисам твојата кошула, што ни ја остави, бидејќи веќе немаше место во куферот“, цитира Марија од нејзиното последно писмо пишано за татко ѝ кој работи во Англија.

„Мајка ми замина во странство кога имав 13 години и требаше само неколку месеци да остане во Германија, бидејќи во Полска заработуваше малку. Не можеше да си дозволи ни да купи нова облека. До ден денешен е таму и тоа ме прави тажен“,  се жали18-годишниот Томек.  

Кога Малгоржата Гребер се одлучила да ја напушти земјата, сакала да ја поштеди ќерка си од таквата траума. Таа имала доволно храброст тогаш 8-годишното девојче да го земе со себе во Англија. Во Полска заработувала 600 евра месечно како медицинска сестра, во Англија пак четири пати повеќе. Сепак мошне брзо се почувствувала осамена, ѝ недостигало семејството и татковината, пријателите. Финансиски не било толку сјајно како што се надевала.

„Агенциите за посредување работни сили ветуваат многу пари, но секој кој планира да се исели треба точно да пресмета колку ќе го чини престојот во земјата во која планира да отпатува. Само оние кои се иселуваат како двојка всушност успеваат“, вели таа во разговор за ДВ.

Malgorzata Greber mit ihrer Tochter Martyna
Малгоржата Гребер со ќеркатаФотографија: privat

Недостоинствен живот во Полска

По две и пол години Гребер се вратила со ќерката во Полска за повторно да работи како медицинска сестра. Тоа функционирало само неколку месеци. „Детето за мене беше најважно, а јас имав постојани смени од по 12 или 24 часа, што беше пренапорно. Со платата тешко се живееше.“ 

Таа сега има добра работа во тригодишен проект на Медицинскиот универзитет во Лоѓ, а потоа сака повторно да се врати на својата професија. Таа се прашува дали со платата на една медицинска сестра би можела кога било да води достоинствен живот во Полска.

Малгоржата е една од малкуте исклучоци. Големиот дел од медицинските сестри кои работат во странство не се враќаат во Полска, а ако се вратат не се враќаат во државните болници.

Повеќе:Молдавските напуштени деца: „Мајка ми ја немам видено две или три години“

Полското здравство на дното

Тереза работела 15 години во болници на западот од Полска. Кога децата имале 14 и 15 години, таа почнала редовно да патува во Германија на работа. Бракот во меѓувреме ѝ се распаднал бидејќи мажот кој работел во Англија таму си нашол нова партнерка. Децата биле кај бабата, која пак тешко излегувала на крај со двајца тинејџери. Тереза одлучила да се врати во Полска. Во старата болница во која работела претходно, доживела шок. Многу од нејзините поранешни колешки се иселиле во странство, пред сѐ во Англија, Германија и Норвешка.

„Неколку одделенија беа испразнети, други толку преполнети што пациентите лежеа и по ходници. Имавме толку многу работа што постојано морав да одлучувам дали да ги хранам пациентите или да ги придружувам до тоалет. И кој ли од нив попрво? Тоа беше толку понижувачко и за нив и за мене“, вели Тереза.

Таа сега се грижи за еден постар маж во близина на Кил и од него добива 1460 евра на рака. По два месеца работа секогаш ѝ требаат два месеца во Полска за да собере нови сили. „Во мојот договор за работното време стои: 40 часа неделно. Практично морам постојано да бидам на располагање. По два месеца се чувствувам потполно исцедена". Таа вели дека мора да ги прифати таквите усови, бидејќи инаку не би ја добила работата. Имало доволно жени од други земји како Романија или Украина кои ги прифаќаат сите услови, вели Тереза.

Pflege
Фотографија: Imago/Westend61

Социјалната цена на иселувањето

Од зачленувањето на Полска во ЕУ најмалку 20 илјади добро обучени полски медицински сестри заминале во странство, најголемиот дел од нив за да работат како негувателки. Во земјата сега има 280.000 сестри од кои само 42 илјади се помлади од 40 години. Просечната возраст е 51 година. Во 2015 имало 5,2 медицински сестри и 2,3 доктори на 1000 станари (во Германија се 13 и 4,1). Здравството има хроничен недостиг од финансии.

Не е ни чудо што персоналот сѐ почесто размислува за селење. Социјалните трошоци се многу високи. Три години по членството во ЕУ, во 2007-ма 1300 деца чии родители живеат и работат во странство мораа да бидат згрижени во домови или згрижувачки семејства. Во моментов има околу 100.000 полски „Евросираци“ и сѐ почесто се зборува и за „Евросениори“, чии што возрасни деца работат во странство.

Повеќе:Генерација Траума - „евросираци“ во Источна Европа

Пари контра приватен живот

И Тереза со долгогодишното искуство на живот меѓу Германија и Полска, чувствува дека таквиот начин на живот оставил негативни траги на нејзиниот приватен живот. Најважното време кога децата биле тинејџери таа го поминала надвор од домот и сега веќе не може да го врати. Социјалниот живот што некогаш го имала веќе не постои. Сѐ поретко ги среќава своите пријатели, а некои контакти сосема се изгубиле. „Тоа не е добар живот. Животот проаѓа покрај мене“, вели таа.

55-годишната и натаму зависи од таквиот ангажман, бидејќи сега мора да ги поддржува и родителите и студиите на децата. Не е среќна со таквиот живот, но во Полска за себе не гледа алтернатива.