Витезот на темнината
20 октомври 2018Многумина бараа метафорички толкувања во цитатот на крајот на писмото-одговор на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ до помошникот државен секретар на САД, Вес Мичел: „Секогаш е најтемно пред зората“. Едно објаснување е дека тоа значи оти работите изгледаат најлоши токму пред моментот да станат подобри. Може и така да се толкуваат – од една страна, за Христијан Мицкоски тоа да значи дека по големиот притисок од сите страни пратениците од неговата партија да гласаат за уставните измени, сепак зората само што не го објавила неговиот триумф на храброста во непопуштањето; а од друга, дека големото „не“ најпосле може да се трансформира во скромно „да“.
Овој цитат за темнината и зората е најпознат по филмот на Кристофер Нолан од 2008 година – „Витезот на темнината“, втората епизода од борбата на Бетмен против изопачениот Џокер. Во филмот, а и во стрипот пред тоа, витезот на темнината е Џокер, кловнот психопат, масовен убиец и шизофреничар без чувства. Но приказната за темнината не ја кажува ниту Џокер, ниту неговиот главен непријател Бетмен. Овој цитат, на кој се повикува Мицкоски, го изговара Харви Дент, окружниот обвинител на Готам сити, кој обраќајќи се пред полицајците и пред јавноста, најавувајќи ја големата пресметка со криминалот во градот, го изјавува ова: „Ноќта е најтемна токму пред зората. И јас ви ветувам, зората доаѓа“. Во еден момент Дент изгледа како единствената надеж за криминалниот Готам сити (се разбира, заедно со Бетмен), па него го прогласуваат за „Бел витез“. Но, ако се сеќавате на филмот, Дент во судирот со Џокер се претвора во одмаздник алчен за крв, кој многу брзо е наречен „Дволичниот“. Во стрипот Дволичниот е портретиран како злобен негативец, додека Нолан се обидува да објасни како еден чесен човек тргнува кон патот надолу од кој нема враќање. Во лудилото кое го зафаќа, тој за судбината на корумпираните полицајци и мафијаши одлучува со фрлање паричка, се претвора во безмислосен убиец, за најпосле и самиот да биде корумпиран од Џокер.
Некои би виделе асоцијација на Мицкоски со Белиот витез кој станува Дволичниот поради цитатот со кој го завршува писмото, некои тоа би го отфрлиле како злонамерна споредба со настаните од „Витезот на темнината“, некои, едноставно, тоа би го протолкувале како ефектен завршеток на една комуникација. Но останува фактот дека цитатот му се припишува на Дволичниот, кој потклекна под огромната желба криминалот да го сузбие со безмилосно насилство.
„Храбриот одговор“
Оваа епистоларија на високиот функционер на Стејт департментот и лидерот на македонската опозиција во основа ја покажа драматичната дискрепанца меѓу два различни света. Не само поради ужасно неприкладниот цитат во една извонредно сериозна дипломатска кореспонденција, туку во целиот одговор на Мицкоски на краткото и јасно писмо на Мичел, како претставник на големата држава, која само со Македонија од Европа има потпишано декларација за стратешко пријателство. И тоа од администрација која беше републиканска, како што е и оваа. Во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ може сите да се тапкаат по рамо нивниот лидер за „храбриот одговор“, но тоа писмо, за нивна голема жал, покажува како една партија, која има искусни дипломати, дозволила една од најважните преписки во последнава деценија за неа, да се сведе на писмо на Мицкоски до некој негов колега од студентските денови. Ова не е час по епистоларна анатомија на партијата затоа што таа е против Преспанскиот договор. Тоа се неколку патокази за состојбата во партијата која верува дека на брзи или помалку брзи избори сигурно ќе дојде повторно на власт, а во Стејт департментот ќе ги паметат зборовите преземени од Дволичниот. Што е ова? Аматеризам, херојско мачеништво или волунтаризам на лидерот на партијата?
Како поинаку да се толкува самиот почеток на писмото: „Со посебно внимание го прочитав Вашето писмо...“, како Вес Мичел да испратил апликација за студентски престој на „Св. Кирил и Методиј“. За потоа две реченици подолу да го напише ова: „Во продолжението на ова писмо би сакал да потенцирам неколку факти, имено процесот на преговори беше воден без соодветен амбиент, авантуристички, манипулативно скриен од јавноста, без вистинска стратегија и со лажни пораки“. Ова е најлошиот дел од одговорот на Мицкоски, а и најубиствениот за довербата на Вашингтон во партијата.
Доколку во новото раководство се занимаваа повеќе со фактите отколку со патетичниот патриотизам ќе се потрудеа да му укажат на Мицкоски, пред набрзина да го напише долгиот одговор, на она што сите во Македонија, во Грција, во Брисел и во Берлин го знаеја – дека архитекти на Преспанскиот договор се Американците. И тоа токму оваа администрација. Од штабот можеа да се потрудат да му го достават на Мицкоски транскриптот од сведочењето на Вес Мичел во Комитетот за надворешни работи на Сенатот од средината на август, во кое тој го кажа ова:
„Ние ставивме посебен акцент на јакнењето на државите на првата линија во Европа кои се најмногу подложни на рускиот геополитички притисок. На Балканот американската дипломатијата играше водечка улога во решавањето на грчко-македонскиот спор за името“.
Што не се заборава
Доколку ова му го кажал некој на Мицкоски, и доколку тој сакал да го слушне, тогаш немаше да напише дека „процесот беше воден авантуристички... без вистинска стратегија и со лажни пораки“. Од незнаење или не, од саможивост или не, но ваквото омаловажување на американската дипломатија во Вашингтон не се простува. Во одреден момент може да се премолчи, но не се заборава. Мицкоски ја има комоцијата што во оваа ситуација е само лидер на главната опозициска партија, па американскиот притисокот врз него не може да биде комбиниран со различни инструменти ако е премиер (неговиот партиски претходник, Никола Груевски, тоа најдобро може да го опише) и одговара за состојбата во државата. Тој може и да продолжи да биде лидер на партијата а никогаш да не дојде на власт. Па, сепак, „разочарувањата“ кои се забележани во многу графи го сведоа на најниско ниво како можен партнер.
Други колумни од авторот:
Доколку на Мицкоски му ја покажеа и Декларацијата за стратешко партнерство и соработка помеѓу САД и Македонија и доколку тој ја прочитал само првата реченица од текстот: „Соединетите Американски Држави и Република Македонија се решени да го прошират и продлабочат блиското партнерство помеѓу двете земји што се заснова на заеднички цели, интереси и вредности“, немаше да му напише на Мичел: „Во многу наврати ја предупредував јавноста и нашите меѓународни пријатели дека овој процес му е доверен на човек кој не е искрен во намерите и ветува нешта што не може да ги исполни, притоа знаменосецот на таа идеја е посипан со десетици афери... впрочем најголемата опасност поради кој земјава влегува во криза е токму првиот човек на Владата“. Или ако сакаше можеше да го погледне соопштениото на американскиот потпретседател Мајк Пенс по средбата со Зоран Заев и писмото до премиерот неколку дена пред одговорот на Мицкоски, во кое тој искажува „благодарноста за покажаното лидерство во постигнувањето на договорот“.
Се разбира, еден лидер на опозицијата не е обврзан да се согласува со фалбите на најважните странски државници за неговиот политички ривал. И тоа е сосем легитимно. Но друга работа е со каква умешност тоа треба да се направи во една извонредно важна комуникација, во која треба да се искаже сомнеж, на пример, во оценките на Пенс, а тоа да не изгледа навредливо.
Влатко Ѓорчев сигурно му ги пренесол вистинските впечатоци на Мицкоски од неговата посета на Вашингтон минатата недела, кога и покрај неговиот низок ранг во партијата беше примен од Мичел, кој има далеку повисок статус за една ваква средба. Заборавете ги вмровските соопштенија за средбите на Ѓорчев, во кои се наведува само што рекол пратеникот, затоа што грубото писмо на Мичел дојде по оваа неуспешна вашингтонска визита. Како што треба да го заборавите најголем дел од излагањето на потпретседателот Александар Николоски на конференцијата на ЕПП во Брисел, освен можеби делот: „ВМРО-ДПМНЕ верува дека кога ќе имаме шанса да ја водиме Владата ќе можеме да постигнеме подобар договор со Грција... Свесен сум дека Грција ќе се вклучи во изнаоѓање подобар договор, бидејќи и од нивен интерес е да има стабилен регион“. Како досега ВМРО-ДПМНЕ да немал шанса да ја води македонската влада (тоа е еден специфичен синдром, Никола Груевски секогаш се трудеше да одбегнува да спомене дека четири години беше министер во кабинетот на Љупчо Георгиевски, како да не постоел тие години), а Грција едвај чека да направи еден подобар договор за „самоименување на мојата татковина Република Македонија“ (како што му пиша Мицкоски на Мичел).
Прочитајте ги изјавите на првиот човгек на ЕПП, Жозеф Дол, на неговиот заменик Андреј Ковачев, на Дејвид Мекалистер од германската ЦДУ... тогаш ќе ви стане јасно во што ја заплетка ВМРО-ДПМНЕ Македонија. А уште повеќе ќе ви стане појасно кога ќе го прочитате некнежното соопштение на руското министерство за надворешни работи: „Во моментов се случува најгрубото мешање на САД и ЕУ во внатрешните работи на Скопје, кое ги надминува сите разумни граници. Целта е внесување на Македонија во НАТО по секоја цена“. Москва се прави дека не знае за неколкуте едногласни декларации во македонското собрание за главната цел на земјата – членство во ЕУ и НАТО. Но за да ја олесни наглувоста на Москва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ испраќа писма во Вашингтон со кои ја поткопува и сопствената партија, но и земјата. Главното прашање – Зошто? - и натаму нема вистински одговор.