Груевски и Иванов се под притисок
8 јуни 2016Австрискиот весник „Стандард“ во текстот за состојбата во Македонија по повлекувањето на аболициите од страна на македонскиот претседател Иванов, констатира дека притисокот на ЕУ и САД, но и на опозицијата се одржал.
„Потегот на Иванов е пред сѐ пораз за екс-премиерот НиколаГруевски, кој ја предводи владејачката национално-конзервативна ВМРО ДПМНЕ. Груевски веќе не е премиер, но е движечка сила во земјата“, оценува весникот.
Потсетувајќи на изјавата на еврокомесарот Јоханес Хан дека „Специјалното обвинителство сега ќе може да продолжи со својата важна работа“, весникот констатира дека „сега одлучувачки е дали ВМРО ДПМНЕ и натаму ќе се обидува да ја поткопува работата на Специјалното обвинителство.“
Под наслов „Владата во дефанзива“ германскиот весник „Јунге велт“ пишува:
„Македонската влада е во дефанзива. И повлекувањето на амнестијата за 56-темина осомничени и одлагањето на парламентарните избори, планирани за 5 јуни, покажуваат дека Груевски и Иванов се под притисок. За тоа придонесе од една страна протестното движење - инаку на Запад одвај забележано - кое ширум земјата секојдневно мобилизираше илјадници луѓе против режимот. Од друга страна, на ЕУ и пред сѐ Германија, им е важно во Македонија да владеат стабилни односи. Затоа Јоханес Хајндл пристигна во Скопје. Германскиот амбасадор во Виена, со надлежности на 'западниот Балкан' делумно се образувал и во САД. Дипломат кој на четирите големи партии сега треба да им стави јасно до знаењ што од нив очекува Западот.“