Владиката Иринеј е нов поглавар на СПЦ
22 јануари 2010Бачкиот владика Иринеј на новинарите им изјави дека во изборот за нов поглавар, кој беше извршен со ждрепка, имало тројца кандидати со добиени повеќе од половина од гласовите на Соборот на Српската православна црква по четирите изборни круга: митрополитот црногорско-приморски Амфилохие, бачкиот владика Иринеј и нишкиот владика Иринеј.
Пликот со името на новиот патријарх од Евангелието го извлекол отец Гаврило од манастирот Лепавина, а името на новиот поглавар го прочитал владиката Лаврентие, кој има најдолг епископски стаж.
Новиот поглавар на СПЦ, Иринеј Гавриловиќ е роден во 1930 година во Видово кај Чачак. По гимназијата, завршил Богословија во Призрен, а потоа Богословски факултет во Белград. Постдипломски студии завршил во Атина.
Кратко по отслужувањето на воениот рок бил поставен на служба во Призренската богословија. Пред да стане професор, во октомври 1959 година се замонашил во манастирот Раковица каде го добил монашкото име Иринеј. За нишки епископ е избран во 1975 година.
Владиката нишки Иринеј ќе биде 45-от поглавар на СПЦ, го наследува патријархот Павле, кој почина на 15 ноември 2009 година и оттогаш власта во СПЦ ја имаше Синодот, односно црковна влада на чело со владиката Амфилохие.
Автор: ЖА/СН/бета/макфакс
Редактор: Александра Трајковска