ВМРО-ДПМНЕ во нова радикализација на штета на Македонија
4 октомври 2018„Референдумoт е неуспешен, рефрендумскиот резултат е фалсификат, и согласно со тоа, Договорот од Преспа е политички мртов“. Ова е заклучокот што го донел синоќа Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ, а на јавноста и го соопшти партискиот потпретседател, Александар Николоски. Тој информираше дека ИК ги разгледал и ги прифати предлозите на партискиот претседател, Христијан Мицкоски, и донел неколку заклучоци: Во Собранието да се формира Анкетна Комисија која ќе ги истражува сите неправилности на референдумот, и тие да бидат санкционирани; Да биде разрешен актуелниот Јавен обвинител и да се избере нов на предлог на опозицијата. Ако Заев предлага избори, покрај тие две барања, веднаш да се формира техничка влада по пржинскиот модел со мандат од 100 дена, што значи оставки на Заев, Спасовски и Царовска и на нивно место министри од ВМРО-ДПМНЕ. ИК одлучил и да се формираат Републички и Градски изборен штаб (за Скопје), при што за претседател на првиот бил избран Генералниот секретар, Игор Јанушев, а на вториот потпретседателот на партијата, Владо Мисајлоски.
Реформистите на удар
Вчерашните одлуки на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ, аналитичарот Петар Арсовски ги оценува како влез во уште поголема радикализација на партијата.
„Ова е уште еден чекор на ВМРО-ДПМНЕ против Договорот и против ЕУ и НАТО. Сакајќи да одбележат успех на нивната позиција на референдумот, ја заоструваат реториката, се противат на пораките на меѓународната заедница и стануваат уште порадикални. Нивната најава за формирање изборни штабови ништо не значи. Ем формираат штабови, ем бараат пржинска влада исклучиво 100 дена, а знаат дека тоа е невозможно според динамиката на Договорот од Преспа, така што, тоа не открива дали навистина ќе учествуваат на избори“, констатира Арсовски.
Повеќе:
-Македонија - фактор на масата или мезе за други?
-Парламентот ќе ја тестира одговорноста на опозицијата
Но, изјавата на потпретседателот Александар Николоски, откри дека партијата не ја кажува вистината пред јавноста, и покажа дека наместо да се демократизира таа ги зајакнува авторитарните тенденции. Запрашан дали е точно дека ќе бидат разрешени некои членови на ИК, тој одговори: „ИК нема ингеренции да разрешува членови, тоа е работа на Централниот Комитет“. Но, токму извори од ИК потврдија дека вчера бил разрешен заменикот-генерален секретар, Петар Богојески, еден од иницијаторите за реформи во партијата. Тој се залагаше членството да излезе на гласање, и самиот најави дека ќе излезе на референдумот и ќе гласа „против“, што не беше во спротивност со партискиот став „секој сам да одлучи како ќе постапи“
„ВМРО-ДПМНЕ, и покрај таквиот деклариран став - секој да постапи по свое убедување, се покажа дека поддржувал организиран бојкот на рефрендумот“, потсетува Арсовски.
СДСМ: Да се почитува изразена волја
Во исто време, синоќа се одржа и седница на Извршниот одбор (ИО) на СДСМ.
„Сериозен е процесот пред државата, ќе се обидеме со пратениците, ќе се обидеме со пратениците, ќе се обидеме да направиме се што можеме“, кусо изјави премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, по состанокот на Извршниот Одбор.
Како што соопшти партијата, членовите на ИО едногласно заклучиле дека кога има јасно изразена мнозинска волја, пратениците во Собранието треба да го следат гласот на мнозинството од над 600.000 граѓани и да преземат одговорност за да се забрзаат процесите за конечно членство во НАТО и ЕУ.
„Огромното мнозинство, над 90 отсто од граѓаните што излегоа на гласање избраа 'за' и порачаа дека Република Македонија треба да го прифати договорот со Грција и да стане членка на НАТО и ЕУ со зачуван македонски идентитет. Доколку тоа не е возможно, и ВМРО-ДПМНЕ и натаму ја кочи иднината на граѓаните и ја турка земјата во бездна, тогаш нема друга опција освен предвремени парламентарни избори веднаш, на кои граѓаните ќе одлучат за иднината“, заклучил Извршниот одбор на СДСМ.
Во соопштението се потенцира и дека „никој не треба да се надева на амнестија, дека станува збор за многу важно прашање за земјата, а се друго е поигрување со иднината и обид за враќање на земјата во изолација и небиднина“.
ИО ги овластил претседателот на СДСМ, Зоран Заев, и координаторот на пратеничката група, Томислав Тунтев, да ги преземат сите потребни чекори во насока на подготовка за предвремени парламентарни избори.
Малески: Бојкотот е опструкција
Аналитичарите сега очекуваат одговорност и мудрост од сите политички субјекти. Поранешниот амбасадор и министер за надворешни работи, Денко Малески, со загриженост ги коментира актуелните состојби.
„Никој не го поставува прашањето: Каков е тој референдум кој опозицијата и претседателот го бојкотираат? Бојкотот е опструкција со идеја рефрендумот да пропадне. Тоа е крајно загрижувачко. Ние инсистираме на демократија, а не знаеме доследно да ја почитуваме“, констатира Малески.
Во барањата на опозицијата тој препознава обид за продолжување на истата стратегија како со бојкотот - опструкција на сите процеси и играње со роковите кои се многу тесни.
„Жално е ако се оди во опструкции. Во зрелите демократии има свест за моментите кои не треба да се пропуштат. Не сум сигурен дали кај нас има таква свест. Кај опозициските пратеници мислам дека во прашање се стравови од лични консеквенци, а тоа е страшно за партија што се декларира како демократска“, оценува Малески.
Тој укажува на нужноста од елементарно ниво на соработка меѓу партиите, бидејќи без таква соработка, ќе се руинира државата.