Во ВМРО-ДПМНЕ веруваат дека ќе формираат влада со ДУИ
16 јануари 2017Иако се чинеше невозможен почеток на какви било разговори откако пред три дена ДУИ ги соопшти целите кои смета дека не може да бидат предмет на преговори, а ВМРО-ДПМНЕ веднаш одговори со свои „црвени линии“, сепак, од партијата на Груевски од вчера почнаа да го кршат мразот. Во мини медиумска „офанзива“, со свои тв-гостувања вчера се распоредија - Трајко Вељаноски на „Сител“, Антонио Милошоски на „Канал 5“ и Влатко Ѓорчев на „ТВ Нова“.
„Очекувам во текот на следната недела ВМРО-ДПМНЕ официјално да ги почне преговорите со ДУИ за состав на нова Влада. Дали ќе успееме ќе се знае на истекот од законскиот рок - 29 јануари“, рече Милошоски.
Ниеден од нив не беше прашан за што ќе преговараат, со оглед дека ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение веќе децидно отфрли две од четирите цели, од кои ДУИ соопшти нема да отстапи: „Рамноправна употреба на службениот албански јазик; интеграцијата во НАТО; интеграција во ЕУ; и продолжување на мандатот на СЈО со цел расветлување на сите сомнежи кои произлегуваат од мегаскандалот со прислушувањето“.
Милошоски уште еднаш повтори дека „ВМРО-ДПМНЕ не планира да формира Влада по секоја цена“.
„Нема да го менуваме Уставот по никоја цена, особено не за воведување двојазичност на територијата на државата. СЈО во изминатиот период видовме колку е политизирано. Мандатот и надлежноста на СЈО ќе ги испочитуваме, но нема да влегуваме во политички инженеринг. Очекувавме дека спротивставените позиции по овие прашања со ДУИ може да претставуваат отежнувачки фактор во формирањето влада“, рече Милошоски.
Груевски и Ахмети ќе најдат решение?
Она што Милошоски го смета за „отежнувачки фактор“ во формирањето влада, (декларацијата на албанските партии), неговиот партиски колега Трајко Вељаноски го оцени како „несреќен документ“ изготвен во други држави, кој наместо да помогне - ја искомплицирал ситуацијата. Но, притоа не изрази никаков сомнеж во успех од преговорите со ДУИ.
„Убеден сум дека во наредниот период, до 29 јануари, ќе се затворат сите отворени прашања: најпрво, завршување на конститутивната седница, и создавање на влада. Мандаторот Никола Груевски има 20 дена да ја состави владата. Имаше овие денови некои условувања дојдени од политичка партија, имаше одговор од ВМРО-ДПМНЕ, односно од мандаторот кој ја претставува партијата и коалицијата, и се надевам дека надвор од она што беше почетно искричење, согласно со Уставот и законите, во наредниот период, ќе започнат преговори“, рече Вељаноски. Тој изрази надеж дека ќе се најде решение за сите „отворени прашања кои лебдат“ и ќе се излезе со едно позитивно решение, за тоа што и најнеопходно на Република Македонија во овој момент.
„Тоа е создавање влада согласно со резултатите од изборите на 11 декември и релативизирање на напнатата општествена состојба. Граѓаните го бараат тоа. Затоа, убеден сум дека господинот Груевски и господинот Ахмети ќе изнајдат решение за создавање влада. По мое убедување и по мои сознанија, од 23 до 29 јануари ќе се затворат сите отворени прашања. Мислам дека клопчето ќе се одмота од идниот понеделник“, најави Вељаноски.
И тој повтори дека ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи менување на Уставот, нити продолжување на мандатот на СЈО.
„Посилно ДПМНЕ, посилна Македонија“
Од ДУИ јавно не ги коментираат последните изјави на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ. Неофицијално, извори од партијата велат дека „нема ништо ново“ и немаат одговор на бројни шпекулациите дека зад сцената во тајност се одвиваат разговори на „пониски нивоа“. Според нив, за ДУИ би било катастрофално ако ги смени ставовите во однос на веќе посочените цели, па во настапот на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ гледаат „само форма на јавен притисок“.
И Владимир Ѓорчев вчера повтори дека владејачката партија останува на својата позиција.
„На Македонија не и требаат процеси на интеграција туку зачувување на унитарноста, економска стабилност, стабилизација и економски развој. Тоа е концепцијата на ВМРО-ДПМНЕ. Сега и оние кои не се наклонети кон ВМРО-ДПМНЕ ја сфаќаат формата, а тоа е дека силно ВМРО-ДПМНЕ значи силна Македонија, повеќе пратеници, посилни преговарачки позиции за ВМРО-ДПМНЕ, посилни позиции за Република Македонија. Тоа значи поддршка на концептот за унитарност на било кои идни избори, без разлика дали се локални, парламентарни или какви било други. Таа равенка е константна“, изјави Ѓорчев.
На надворешен план, темата „зачувување на Македонија од обидите за дестабилизација“ ја одржува министерот за надворешни работи, Никола Попоски, кој во интервју за италијанскиот весник „Ла Верита“ изјави: „Тоа што се случуваше изминатата година мислам дека е јасен проект на дестабилизација на Македонија што значи и дестабилизација на Балканот. До сега имате десетици НВО-а финансирани од само еден извор и ако тој извор е Сорос се разбира дека можете да кажете дека Сорос влијае на внaтрешната политика, тоа е јасно без никаква дискусија“.